May 16, 2015

Французин во Првата светска војна

Валентин го гранатирал Македонскиот фронт, но и ги нацртал старите улици на Битола, Мегленци, Бач...

Францускиот војник Етјен Андре Валентин (1893-1940), познат уште и како „уметникот од фронтот“ оставил збирка цртежи од историска важност за настаните и животот на цивилното население од крвавиот Македонски фронт, кој минувал низ Битолско. Вклучен како војник во француската армија изработил збирка од 130 цртежи и скици. 


Овие навидум едноставни уметнички творби, изобилуваат со многу детали што го откриваат изгледот на војниците во тоа време, униформите, потеклото, но содржат и вредни информации за животот на цивилното население.

Во збирката има цртежи од Битола, наречена во тоа време Монастир, пејзажи од селата во близина воената линија Мегленци, Бач и Брод. Цртежите ретко имаа текст, но авторот токму на оние што ги работел тука запишал еден доста значаен факт, името Македонија. Од збирката вниманието го привлекуваат цртежите на жени со народна носија и мажи со гајди на кои запишал дека се Македонци. Тоа било во период кога Македонија како држава не постоела, но војниците територијата ја препознавале како таква, а народот како македонски со специфична носија. Има и скици на кои уметникот по името Македонија, тргнал запирка и додал Србија зашто во тоа време овој дел бил под српска власт.

На фронтот се разболел од туберкулоза

Со потомците на војникот Валентин, внуката Нели и нејзиниот сопруг Ванота Гијах, се сретнав во Kаен, Долна Нормандија, регион во Франција. Брачната двојка раскажа дека војникот бил роден во Париз во семејство со уметничка дарба. Бил голем вљубеник во уметноста, што ни војната не му го одзела еланот да твори. Kога не му летале куршуми над главата, во затишјето меѓу битките, додека војската одмарала по рововите, тој со молив, понекогаш и со бои врз хартија оставал траен белег за војната.

-Мојот дедо беше сликар и сликаше за време на Првата светска војна. Неговите цртежи беа предадени на мојот татко, а тој му ги предаде на мојот маж. Знаеме дека во Битолско пристигнал пред пробивањето на фронтот во 1918 година како член на артилериски полк, откако претходно војувал во други делови на Европа. Имал 25 години кога војувал во Македонија. Цртал со молив и понекогаш со пастел зашто немал многу материјал. За среќа, се извлекол жив и во Франција се вратил со цртежите - раскажува неговата внука Нели Гијах.

Војникот успеал да извлечи жива глава од крвавиот конфликт, но тој трајно го загрозил неговото здравје. Покрај ноќните кошмари што ги имал, од кои дел насликал и на цртежите, на фронтот се разболел од туберкулоза. По враќањето во Франција се лекувал подолго време, но на крајот болеста напреднала и во 1940 година починал во Рен, Бретања, на 47-годишна возраст.

Цртежите се чуваат во ковчег за да не се оштетат

- Цртежите ни останаа како семејно наследство. Оригиналите се во еден ковчег за да не се оштетат. Направивме фотокопија од самите цртежи и преземаме повеќе мерки за нивна афирмација. Дел од цртежите и скиците ги испративме во Македонија каде што се чуваат во спомен-собата на француските гробишта, а дел се во Франција - вели зетот за внука, Ванота Гијах.

Потомците на војникот Валентин направиле и разни изработки на кои се изложени цртежите од фронтот, а ја посетиле и Битола, како и околните села во кои некогаш војувал нивниот роднина.

Kон распретувањето на животната приказна за војникот Валентин се вклучија и средношколците од гимназијата „Јосип Броз - Тито“ од Битола и средното училиште „Жан Мермоз “ од Вир, Франција, водени од нивните професори по историја Иљо Трајковски и Ерик Алар. Тие истражуваа на терен, па беа објавени неколку пишувани материјали и брошури за Македонскиот фронт и војниците чии животни судбини ги фрлија на фронтот. Проектите се во рамки на соработката меѓу Македонија и Долна Нормандија.

Во една од брошурите цртежите на Валентин се класифицирани во неколку групи. Едната е таканаречена„ брада“, воен жаргон кој значи натоварено магаре. Ги отсликува војниците што натоварени со муниција и друга опрема морале да пешачат понекогаш со часови носејќи го товарот во многу тешки услови, на студ или пороен дожд, ноќе.

Друга категорија се војници наречени домородци, односно дојдени од колониите на Франција. Тоа се црнци вклучувани во пешадија, според цртежите со обетки на ушите, а по потекло претежно од Сенегал. Зачувани се скици од непријателски војници, претежно германски. Покрај воените цртежи, многу детаљни се и оние што ја доловуваат убавината на македонската носија, изгледот на Битола во тоа време, селските пејзажи...

- Ова е промоција на Македонија. Тој не ги скицирал само војниците туку и цивилното население кое живеело тука. За нас е значајно зашто има добри скици од Битола и околината, селата Брод, Мегленци, македонските носии, црквите. Некои се црно-бели, а некои во боја. Се случувало талентирани војници да носат и прибор за цртање - вели Иљо Трајковски, професор по историја во гимназијата „Јосип Броз - Тито“ од Битола.

Една од скиците на војникот Валентин послужил како модел да се изработи метална плоча во стручното училиште „Мондвил“ во Франција , која беше пренесена на француските гробишта во Битола.

Мариово личи како фронтот вчера да завршил

Досега во неколку наврати средношколци од Битола и од Вир заедно со своите професори ја истражувале линијата на фронтот во Мариовско. Притоа извршиле и нејзино мапирање за познатата кота 1050, а биле забележани остатоци од робови, бункери и други воени утврдувања.

- Во тие села с` уште се користи огромен материјал од Првата светска војна за огради, покриви, фурни , оџаци, влезни врати. Kористат уште железо од Првата светска војна. За Французите тоа беше вистинско откритие зашто на други фронтови многу малку можете да најдете остатоци. Kај нас е како вчера да завршила војната. Само во период од два дена најдовме остатоци од пушки, прибор за храна, за копање, празни шишиња од пијалаци - вели Трајковски.

Несекојдневната животна приказна за војникот што во војна тргнал со хартија и молив е само една од многуте што ги крие теренот каде што пред еден век минувал Македонскиот фронт.

- Македонскиот фронт е специфичен по тоа што сите војски од Првата светска војна имале свои војници тука. На Западниот фронт војувале Германија, Франција и Велика Британија. На Источниот Австро-Унгарија, Русија и Германија. Но, на Македонскиот фронт се сите. Од руската војска, француската, колониите Мароко, Сенегал, Индокина, Лаос, Kамбоџа и сите други држави што учествуваа во Првата светска војна. Најголем дел директно со војска, а на пример Нов Зеланд, САД, Шкотска имале свои болници. Тие им помагале и на локалното население - додава битолскиот историчар.

Извор: Дневник

No comments: