October 4, 2013

Славата, митот и крвта на ВМРО 22

Славата, митот и крвта на ВМРО (22)

Реки крв на софиските улици

Згрозена од секојдневните убиства, Европа побарала царот Борис и бугарската влада да преземат нешто за да ги спречат

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Најголемите македонски братоубиства ќе започнат во 1928 година. Повод за тоа ќе биде убиството на Александар Протогеров кому Ванчо Михајлов сам ќе му пресуди и јавно ќе соопшти дека својот колега од Централниот комитет го осудува на смрт поради тоа што бил главниот виновник за убиството на Тодор Александров. Тогаш десните сили ќе се поделат на таканаречени „ванчомихајловисти“ и на „протогеровисти“ и ќе започнат меѓусебно да се истребуваат. Како жртва на тие пресметки паднале многу видни Македонци, повеќето „протогеровисти“.

Многуте обиди за помирување не дале плод. Убиствата меѓу Македонците на софиските улици продолжувале и натаму. Според Кирил Прличев, еден од повидните „протогеровисти“, тие никогаш не сакале проблемите да ги решаваат со оружје, но морале да се фатат за него. Меѓутоа, против „машината за убивање“ на Михајлов не можел никој ништо. Цената што ја плаќале затоа што решиле да му се спротивстават била страшно висока. За еден „ванчомихајловист“ биле убивани 10 „протогеровисти“.

По долготрајното, повеќегодишно и исцрпувачко војување и по многуте жртви Михајлов ги присилил „протогеровистите“ да потпишат декларација за прекинување на крвопролевањата. Меѓутоа, капитулација не потпишал Петар Шанданов, охридски војвода, и наредните две години со својата група ја продолжил борбата. Во пресметките што траеле цели пет години паднале многу нови жртви, но најмногу летото 1933 година. Седмицата кога меѓу себе биле убиени најмногу Македонци ја нарекле „страшна“ или „траурна“ седмица, зашто секоја вечер се случувале по две убиства. Европа била згрозена од свирепата пресметка и побарала од царот Борис да ги спречи убиствата, кој заедно со својот премиер Андреј Лапчев, роден ресенчанец, биле на страната на Михајлов и му дозволувале да прави што сака.

„Седум дена по страшната седмица не се случи ниедно убиство. Месец потоа пак немаше убиство. Два месеца - исто; три, четири - сите останаа зачудени од промената што настапи. Која магична сила ја ослободи Бугарија од тој кошмар?! По тој повод во извесни средини се расправаше дека неговата екселенција Ватерло, англиски амбасадор во Бугарија, кога отишол да си земе збогум од неговото високопреосвештенство Стефан, меѓу другото рекол: ’Би сакал да го видам тоа јуначиште Шанданов, кој со своите контраудари врз луѓето на Михајлов може да го принуди да престане човекот против кого власта се покажа немоќна. Би сакал да го прегрнам пред да ја напуштам Бугарија“’, пишува Прличев.

Михајлов во своите спомени вели дека неговите противници, тројцата претставници на Задграничното претставништво – Кирил Прличев, Георги Баждаров и Наум Томалевски и третиот член на Централниот комитет на организацијата – Георги Поп Христов, биле троми, без фантазија и стремеж да создадат посолидни и пошироки врски со бугарското слободно општество и во голем степен биле со застарени разбирања и не им импонирале на младите. Еден единствен пат покажале енергија каква што се барало било тогаш кога решиле да му напакостат на ослободителното дело и да му се спротивстават.

Сите ликвидации на своите противници тој ќе ги поврзува и правда со убиството на Александров, обвинувајќи ги жртвите дека учествувале или пак биле инспиратори на големиот заговор. „Престапите, особено тие од калиброт на Тодоровото убиство, не можеа да бидат оставени без казна. Уште помалку беше дозволено да бидат наградувани со раководни места во движењето“, пишува Михајлов.

Американскиот писател со македонско потекло, Стојан Христов, кој ќе биде сведок на трагичните братоубиства на Македонците, тие години ги означува како пресвртница во историјата на македонското движење, која довела до трагедија и обилно крварење, а личните интереси и страсти за одмазда се наоѓале во основата на братоубиствата. Тој вели дека логиката на остроумниот Михајлов, чиј што ум бил како котле што клокоти со заговори и контразаговори - била прифатете или оставете.

Христов тогаш известувал за „Чикаго дејли њуз“ и како Македонец се обидел да ги помири завојуваните страни. Најнапред се сретнал со Михајлов , кога лично го познавал. „Гледајќи го таков, со глава целосно ќелава на врвот, образите пропаднати а јаболкниците испакнати, за миг си помислив дека гледав во жив скелет. Не било лесно да се издаваат смртни пресуди, си помислив во себе си. Во Михајлов имаше нешто гробарско, нешто погребно, нешто ужасно“, го опишува Христов лидерот на терористичката ВМРО.

Го оставил, како што вели, несреќникот Михајлов во неговото мало македонско кралство и се вратил во Софија полн со мрачни мисли, оти знаел дека може да ги напише на парче хартија имињата на сите луѓе што во престојните денови ќе бидат убиени. И Петар Шанданов, противникот на Михајлов, го затекнал во истата состојба. Бил блед како дух. Пред него на масата имал куп документи со кои сакал да му докаже колку бил виновен Михајлов.

„Беше тажно. Мојата молба да престанат да пролеваат македонска крв прозвучи мошне слабо и бесполезно. А сепак не презирав ниту еден, туку ги сожалував објацата затоа што беа изгнаници на животот и се криеја од смртта. Во наредните шест години од Бугарија создадоа, а особено во Софија, крвава арена. Стана несигурно да се пешачи по софиските улици. Не се знаеше кога ќе залута некој македонски куршум. Не броев колку луѓе беа убиени во меѓусебната борба“, пишува Христов во „Херои и убијци“.

Откако биле ликвидирани двајцата претставници на Задграничниот комитет - Георги Баждаров и Наум Томалевски, Михајлов наредил да се грабнат семејствата на Кирил Прличев и преостанатиот член на ЦК на ВМРО, Георги Поп Христов. Така двајцата ги присилил да изјават дека ќе престанат да се мешаат во македонското револуционерно движење.

Но, Шанданов и неговите приврзаници не потпишале капитулација. Откако се справиле со голем број поситни михајловисти, го убиле Јордан Гурков, кој бил еден од поважните луѓе на Михајлов. Бил убиен и Симеон Ефтимов кого Михајлов го повикал од Женева да го уредува весникот „Македонија“. Еден од убијците бил застрелан од полицијата, а другиот ранет го однеле во болница. Доцна вечерта една сестра се приближила до болничкиот кревет и го застрелала.

„Пиштолот и камата беа решение за сите внатрешни конфликти и расколи. Михајловото владеење ќе замине во историјата на ВМРО како владеење на крвопролевања и меѓусебно истребување“, пишува Христов

Кога тој првпат допатувал во Бугарија во 1927 година се сметало за ретка чест да се биде близок со Македонец. Но, кога си заминал во 1934 година врз Македонците била фрлена анатема. Луѓето со потсмев ги нарекувале чикашки гангстери. Позицијата на Македонците во Софија пред да почнат меѓусебните истребувања била слична на онаа на Евреите во Њујорк. „Тие го претставуваа ’рбетот на економскиот, професионалниот, општествениот, политичкиот и културниот живот на главниот град. Најважна личност во речиси секоја дејност веројатно е Македонец или барем половина Македонец. Луѓето се фалеа со македонската крвна линија небаре таа ги удостојуваше со посебен благослов“, пишува Христов, подвлекувајќи дека во 1928 година премиерот на Бугарија, како и деветмина од единаесет бугарски ополномоштени амбасадори биле Македонци.

(Продолжува)

No comments: