October 11, 2013

11 Октомври 1941 година и народното востание во Македонија, 2. дел

11 ОКТОМВРИ 1941 ГОДИНА И НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Лазар Колишевски

Доследните борци за народна слобода и припадниците на Народноослободителното движење во таа ситуација се најдуваа не само пред решителна борба против окупаторот, туку беа исправени пред задачата внатре во Народноослободителното движење да водат борба против оние што сакаат да ги наложат своите непријателски, за нас крајно- штетни, разбирања. Таа борба внатре во Народноослободителното движење му попречи на неговиот развиток, до толку што не можеше истовремено и веднаш да се пристапи кон реални мерки за организирање на НОВ и на вооружената борба против окупаторот. Но, од друга страна, таа борба имаше решително значење за понатамошното организирање, за сиот понатамошен развиток на Народноослободителното движење во Македонија.


Во борбата против спроводниците на таков курс ние ја имавме големата поддршка од ЦК на КПЈ и лично од другарот Тито. Тие напори овозможија, и покрај пројавувањето на рецидиви на опортунизмот поддржани и однадвор, бргу да победи и во Македонија линијата на Народноослободителната борба, а нејзините непријатели да се најдат отфрлени и откриени во својата вистинска светлина. Тие рецидиви и мешања се пројавуваа во безуспешниот отпор против подемот ца НОБ во вид на „автономистички“, всушност капитулантски и шовинистички сфаќања. Такви беа, на пример, и капитулантските појави по привремениот пораз на нашите први партизански одреди, или подоцна — „критиката“ (13) на Манифестот на Главниот штаб од група интелектуалци во Скопје зимата 1943 година. Така Народноослободителното движење во Македонија од својот почеток па до своето разгорување во 1943 година се развиваше во двојна борба, како против окупаторот и неговите слуги, така и против сите обиди за рушење на единството на нашиот народ со другите народи на Југославија, за пасивизирање на нашиот народ, отцепувајќи го од заедничката борба на југословенските народи под раководството на другарот Тито.

Во Македонија победи линијата на НОФ за заедничка борба со сите југословенски народи против окупаторот и домашните предавници, а за нова слободна Југославија, рамноправна, силна и среќна заедница на нашите народи, гаранција за слободен национален развиток и остварување до крај на сите национални идеали на секој еден од нив. Линијата на НОФ победи на дело, на практика. Тоа се гледа во подгоговките за 11 октомври. За тие подготовки навистина имаше малку време. Требаше брзо да се организираат воени комитети и штабови, за да преземат мерки за организирање партизански одреди; да се разработи план за дејствување на првите одреди, а истовремено — не чекајќи понатаму — да се почне да се вршат диверзиони и саботажни акции. Сите тие подготовки требаше да врват и врвеа по патот на мобилизацитата на најшироките народни маси. А затоа беше потребна и засилена политичка работа сред масите кон демаскирањето на окупаторската и квислиншката пропаганда, разбафтена заради привремените успеси на Источниот фронт; кон осуетување на планот на окупаторот да создаде јаз меѓу македонскиот и српскиот народ, како и меѓу другите југословенски народи; кон градење на единствениот Народноослободителен фронт на сите народни слоеви во Македонија, итн.

По таква интензивна, макар и краткотрајна работа, ние успеавме да ги организираме првите наши партизански одреди — Кумановскиот и Прилепскиот и да создадеме услови за формирање на други. Првите наши два партизански одреда излегоа в планина точно по предназначениот план спроти 11 октомври вечерта. Истиот ден една ударна група од Прилепскиот одред изврши напад на полицискиот участок сред Прилеп. Карактеристично беше учеството во тие одреди на младината, жените и другари од редовите на малцинствата.

Неискусни, недоволно вооружени, провалени, двете чети на Кумановскиот одред беа скоро веднаш разбиени од многубројната, многупати посилна потера од бугарската фашистичка полиција и војска. Прилепскиот одред успеа да се одржи повеќе време, а кога раководството по предвидениот план не успеа да го префрли на територијата под италијанска окупација, тогаш помали групи од тој одред, како и поединци од него и од Кумановскиот одред, прснати по разни организации по Македонија, го пренесоа искуството и во голем дел послужија како раководен кадар при формирањето на подоцнежните одреди.

Прибирајќи се од паниката што го беше зафатила од првите партизански пушки, окупаторот се обиде, користејќи го разбивањето на Кумановскиот одред, 11 октомври да го прикаже како пораз на вооруженото востание за секогаш, сакајќи со тоа да го разбие единството на борбените редови на народот, да го демобилизира народот и да го оневозможи понатамошниот развиток на вооружената борба. Но на таа јадица се фатија само бедните капитуланти, а на народните маси 11 октомври, отворајќи им ги очите и покажувајќи им го единствениот спасоносен пат од ропството, им даде борбен полет, кој се изрази во масовни демонстрации против претепувањето и смртните пресуди над борците (Куманово), во протести против апсењето на 900 прилепчани, во зголемена активност по скоро сите наши градови и краишта. А по 1941 година дојде и 1942 и 1943 година.

Во 1942 година партизанските одреди стануваат многу помасовни, поподвижни, ја опфакаат со своите акции скоро цела централна Македонија. Годината 1943 е година на масовно вооружено востание што се разви во Дебарца, Тиквешко, Кумановско. Од тие три огништа на народното востание пламенот на борбата се рашири по сите катишта на Македонија. Од 11 октомври 1941 година развојот на Народноослободителната борба се движеше по нагорна линија, во почетокот со помали и привремени порази, по кои движењето постојано ги прибираше своите сили, удвоени и утроени, и тргнуваше во нова борба, додека со непосредна помош од другарот Светозар Вукмановиќ-Темпо, член на Врховниот штаб, се разви општото вооружено востание и партизанските одреди прераснаа во крупни воени единици, располагајки и служејќи се со тешки орудија, способни и за фронтална борба против окупаторот.

11 октомври 1941 година со оглед на целиот развиток на НОБ во Македонија, е пресвртен историски момент во историјата на македонскиот народ. На тој ден, може слободно да се каже, со првите истрели на прилепските и кумановските партизани, македонскиот народ се приопшти кон гигантската борба на српскиот и другите народи на Југославија, против окупаторот и неговите домашни слуги и предавници од секаков вид и со тоа тргна по сигурен пат за извојување на својата национална слобода и демократски права под раководството на саканиот народен водач и војсководител — другарот Тито.

Со почетокот и натамошниот развиток на вооружената борба против окупаторот се побркаа плановите на фашистичките окупатори. Не само што немаше веќе изгледи македонскиот народ да им стане послушно орудие, а Македонија мирна колонија и сигурна база, ами окупаторот беше принуден тука да задржи значителни воени сили.

Со воените подготовки за 11 октомври и со дејството на првите наши херојски партизани се внесе во историската ризница на нашиот народ драгоцено воено искуство за партизанска борба во услови на фашистичка окупација, кое се покажа основа за натамошниот развиток на вооружената Народноослободителна борба. Уште со првите дејства на храбрите партизани од 1941 година се симна веднаш маската на самоповиканите ослободители од лицето на окупаторот и неговите слуги, а со тоа се создадоа значајни услови за постигање на пошироко и пополно единство на нашиот народ. И навистина, по 11 октомври ние бевме сведоци на оваа диференцијација сред нашите маси. На една страна се групираше се што беше родољубиво и чесно сред македонскиот народ, а на друга — омразените окупаторски слуги и народни предавници, како Чкатровци, Китинчевци, Ванчо Михаилов и нивните малубројни сомисленици. Излегувањето на првите наши партизани и натамошниот развиток на Народно-ослободителната борба им ја одзеде секаквата можност на окупаторските слуги да се здобијат со некоја верба сред најшироките маси и да станат политички фактори од некакво значење, за да ја изиграат успешно предавничката улога што толку доброволно ја беа зеле на себеси.

Во текот на подготовките за 11 октомври, и во дните што непосредно последуваа, се положија организационите темели на НО Фронт на Македонија, се соодаде организациона претпоставка за постигање на единство на политичката мисла кај нашиот народ, на единството на сите народни слоеви, на единството на Македонија со сите други народи на Југославија, што беше основен услов за победа во нерамната борба против силно надмоќниот непријател. Преку Народноослободителниот фронт, по патот на 11 октомври и под раководството на маршал Тито, нашето НО движење ги продолжи најарните традиции од Илинден 1903 година, а тоа ќе рече дека земајќи искуство од Илинденското востание и опирајќи се врз неговите традиции сред народот, ние отидовме подалеку, ја развивме Народноослободителната борба на повисок степен во рамките на заедничката борба на југословенските народи и во бојниот сојуз со СССР и така успеавме да го исполниме вековниот идеал на нашиот народ за национална слобода и да ги создадеме сите услови за негова полна национална афирмација во рамките на нашата поширока татковина — Титова Југославија.

Статија печатена во сп. „Нов ден “ бр. 1 од октомври 1945 год.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска библиотека]

No comments:

Post a Comment