August 23, 2013

Карпошевото востание 8. дел

Драган Ташковски КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

Востаниците во Македонија под раководството на Карпоша, уште пред доаѓањето на австриските војски, го зазедоа Куманово, Крива Паланка и уште некои други места. Тие веднаш отпочнаа и со утврдувањето на овие места со широки ровови и јаки палисади, особено на Манастириште кај Куманово. Потоа востаниците тргнаа и низ другите краишта на Македонија, напаѓајќи ги турските сили кај Качаник. Австриските војски под командата на генералот Пиколомини, по заземањето на Ниш, тргнаа преку Прокупље за Косово, откаде требаше преку Призрен и Кукс да избијат на Скадар и Јадранското Море, со цел да ја отсечат Босна од Турција.

Не само народот од Македонија, туку и христијанското население од Косово и Метохија, гледајќи во австриските војски свои ослободители, масовно се дигаше на оружје против Турците (9). На Косово од страна на Србите и Арнаутите Пиколомини беше дочекан одушевено. Овој мудар и даровит командант и дипломат, во овие краишта умешно почна да го користи ова одушевување, како и да го придобива населението од овие краишта за себе. Тој притоа го искористи и фрањевецот Тома Распасори, кој разви жива дејност меѓу христијаните Арнаути, кои заедно со Србите се приклучија кон Австријанците и почнаа да се борат против Турците.

Додека Пиколомини се наоѓаше уштe на Косово, востанието во Македонија беше во полна динамика. На теренот Крива Паланка, Кратово, Куманово, Карадаг, близу до Качаник, востаниците беа полни господари. Пиколомини, кој што беше проницлив дипломат а не само војник, го сфати веднаш значењето на востанието во Македонија. За да ги придобие востаниците од Македонија за себе, тој испрати писмо до австрискиот цар Леополд I да го признае Карпоша за књаз и да му испрати знаци на књажевско достоинство,. меѓу кои и књажевски калпак. Оваа смислена дипломатска постапка од страна на Пиколомини имаше позитивни последици за разгорување на востанието во Македонија, каде масите беа цврсто уверени дека Австријанците ќе им помогнат во нивното ослободување.

Генералот Пиколомини, кој што се наоѓаше на Косово со војска од шест коњички и пет пешадиски полка, не сметајќи ја доброволечката востаничка војска составена од Срби на Косово и онаа во Македонија под раководството на Карпоша, реши, пред да тргне за Скадар, да ликвидира со турскиот гарнизон во Скопје, кој беше отскочна штица за операциите на турската војска во Србија и Црна Гора. Со толкава војска, а со помошта на востаниците Срби и Македонци, Пиколомини презеде поход на Скопје, каде што деморализираната турска војска беше такаречено во расуло. По ликвидирањето на последното турско упориште на Косово — Ново Брдо, Пиколомини го прати полковникот Штрасер со 350 коњаници да го заземе Качаник и низ клисурата да избие во Скопското Поле, додека тој со главните сили на својата војска тргна од Приштина зад Штрасера.

Посадата во Качаник, која уште пред тоа беше заплашена од Карпошевите востанички чети, штом запази дека ѝ се приближуваат австриски војски се даде во бегство. Во потера за Турците, Австриската претходница се судри во Качаничката Клисура со едно турско одделение што беше испратено од Скопје во помош на посадата во Качаник. По неколкучасовна борба Турците беа присилени да отстапат во правецот на Скопје.

Старите кули во Кратово, едно од жариштата на востанието.

He наидувајќи на некој озбилен отпор од страна на Турците, на 25 октоври 1689 година австриските војски под командата на Пиколомини се наоѓаа на излезот од Качаничката Клисура и се спуштаа во скопската котлина. Селаните од скопските села што го гледаа од врвовите на околните ридови настапувањето на австриската војска во Скопското Поле, со голема радост ја поздравуваа.

На излегувањето од Качаничката Клисура спрема Скопје Пиколомини ја запре војската на една полјана покрај реката Лепенец да се одмори. На гласот дека Австријанците се близу Скопје, меѓу неговото население, кое беше претежно турско, завлада очаен страв. Во градот хараше куга, и скопскиот гарнизон со Махмуд-даша се улогори на два сата западно од градот. За време одморот на војските Пиколомини нареди да се приреди веселба, на која да се пука и од топови. Пукањето од топови деморализирано делуваше на турското население во Скопје, кое во безумје почна да го напушта градот. Пиколомини штом ја примети таа збрка кај Турците и нивното бегање, испрати по нив едно одделение од 200 карисери и 400 драгуни, кое ги пристигна и во голем број ги исече, а Махмуд-пашините војници почнаа да бегаат и да откажуваат послушност.

По овие настани, на 26 октомври првите одреди на австриската војска под командата на полковникот Шијак навлегоа во градот, кој беше скоро празен. Поради кугата што хараше низ Скопје, Пиколомини ја повлече својата војска од градот и ја распореди во неговата околина. Карпош, кој што беше завладал уште порано со Куманово и скопската околија, се спои со австриските војски.

Продолжува

No comments: