June 20, 2013

Драмата на Егејците 18

Драмата на Егејците (18)

Околу 160 деца од Орово биле одведени преку граница, поголемите патувале пеш преку планина, а помалите со чунови преку Преспанско Езеро.

Ја грабнале десетгодишната Кала за да ја посвојат

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

„Откако од Орово стасавме во Чехословачка, ни ја снема десетгодишната Кала Димановска и со месеци не знаевме каде се наоѓа. ’Мајката‘ задолжена за неа ја фати голема паника. Директорот на домот се' направи за да ја пронајде, дури и во весниците објавија нејзина слика, но Кала како да пропадна в земја. Црвениот крст, кој постојано се грижеше за нас, ја бараше на сите страни. Кога не' префрлија во другиот дом, заминавме без неа. Неизвесноста траеше повеќе од половина година и кога сите изгубија надеж дека ќе ја пронајдат, се дозна дека непознато девојче се наоѓа во една болница и дека таму подолго време се лекува“. Ова е приказната што ја раскажува за Кала Димановска нејзиниот врсник Јане Бендевски од Орово, кој заедно со неа и со други деца бил однесен во Чехословачка.

Кала денес има 70 години и живее во Скопје, во Бутел, а на нејзината одисеја се сеќава како во сон. Здравјето не ја служи - по мозочниот удар, од сеќавањето и' се избришани многу нешта од детството. Памети дека ја однеле во една убава куќа каде што живееле маж и жена и дека добро ја хранеле и облекувале. Младите Чеси немале деца и сакале да ја посвојат. Дури и' го смениле и името, наместо Кала, ја викале Јана. Меѓутоа, еден ден тешко се разболела и ја однеле в болница. Се сеќава дека секој ден и' давале инјекции, се' додека станала од постела. За да се движи, и' дале патерици. Не се сеќава на ништо друго, ниту на тоа како се нашла во куќата, чиј сопственик бил лекар, ни како ја однеле во болница.

„Подоцна дознавме дека таа била грабната, иако добро не' чуваа. Местото каде што бевме сместени беше оградено и никој однадвор не можеше да влезе, ниту, пак, ние децата можевме да излеземе без да има некој со нас од возрасните. Претпоставувавме дека некој ја излажал и ја однел во непознат правец“, раскажува Бендевски, кој целата сторија на Кала ја има пренесено на хартија.

Тој вели дека тогаш сите деца имале свои броеви, а Кала носела плочка со број 92. Откако од болницата им соопштиле дека болното девојчето го има тој број, знаеле дека е тоа нивната Кала. Откако заздравела, била вратена во домот, а нејзините родители, кои по завршувањето на Граѓанската војна избегале во Полска, си ја прибрале заедно со нејзината сестра. Во 1957 година се преселиле во Скопје, каде што Кала се омажила за дете-бегалец со кого се бендисале додека биле во Чехословачка. Има син и ќерка кои си формираа свои семејства.

Бендевски објаснува дека децата-бегалци, главно, се земале меѓу себе. Склучувале бракови и со Грци или, пак, со Полјаци, Чеси, Романци, но многу ретко. Тие најчесто својот партнер го барале меѓу Македонците. „Се женевме меѓу себе зашто мислевме дека кога-тогаш ќе се вратиме во родните места и во нашата Македонија. Свесни бевме ако се земеме со Полјачка или Чехинка, шансите за назад ни се намалуваат, како и што се случи со сите оние што останаа таму, женејќи се со тамошни“, вели тој.

Јане Бендески од Орово, заедно со уште 150-160 деца, бил одведен преку граница пролетта во 1948 година. Од се' што преживеал, во неговото сеќавање најмногу се врежало патувањето со чунови преку Преспанско Езеро. Најпрво сите деца од селата ги собрале во најголемото место Нивици, каде што преспале и утредента поголемите деца заминале пеш преку планина, а помалите ги пренесувале со чунови преку езерото. „Нивици беше на самото езеро, а нивичани беа познати рибари и лесно им беше да не' префрлат преку езеро од другата страна на границата. Не' качија во големи чунови кои носеа по триесетина деца. Сите не' фати голема паника кога тргнавме по езерото. Немаше дете што не плачеше, зашто никогаш порано немавме видено толку голема вода и првпат пловевме преку езеро“, раскажува Бендевски.

Кала Димановска денес има 70 години и живее во Скопје, во Бутел, а на нејзината одисеја се сеќава како во сон. „Орово целосно беше разурнато, дури ни темелите на куќите не се познаваа. Мојата куќа ја пронајдов благодарение на картата во монографијата за селото, на која се одбележани сите куќи“, раскажува Јане Бендевски

Особено било драматично кога во чунот во кој бил и тој почнала да навлегува вода кога фатиле силни бранови. Додека рибарите веслале, повозрасните деца ја исфрлале водата за да не потони чунот. И така преплашени стасале до местото Маркова Нога, во близина на Долно Дупени, првата станица на децата-бегалци на долгиот пат по светот по кој никогаш не се вратија.

Кога во Браилово се качувале на воз, не ретко се случувало едното братче или сестричка да се качи во еден вагон, а другото братче или сестричка во друг и така да заминат во различни држави. Бандевски не знае според кои критериуми определувале кое дете каде ќе оди и зашто не се водела поголема сметка да бидат заедно за полесно да ја преболат одвоеноста од мајките и татковците. Вели дека тоа го знаеле само раководителите на Комунистичката партија на Грција. Имале некакви списоци и според возраста на децата, според годините на раѓањето, ги определувале кој каде ќе замине.

Бендевски ја имал таа среќа меѓу првите деца-бегалци да го види родното Орово. Тоа било во 1979 година кога тешко се разболела сестрата на неговата сопруга Василка и се лекувала во болницата во Солун. Добиле телеграма дека е болна од рак и дека сака да си ја види сестрата. „Со телеграмата в раце, дирекно отидовме на преминот Богородица и наместо виза, на грчките полицајци им ја покажавме неа. Ни рекоа дека не можат да не' пуштат без виза и дека телеграмата за нив не значи ништо. Кога го слушна тоа жена ми, почна да плаче и да моли, зашто сестра и' долго не ја имаше видено, и се плашеше дека ќе умре без да ја види. Среќа, се погодија добри луѓе, кои ја разбраа нашата мака. Прво телефонираа во болницата каде што таа лежеше и кога се уверија дека навистина е болна, ни дадоа виза за пет дена“, вели Бендевски и додава од трите сестри, најстарата, која била тешко болна, се' уште била жива, а неговата Василка и нејзината најмала сестра починале.

Јане и Василка тогаш не ја испуштиле шансата да си ги видат родните места. „Орово целосно беше разурнато, дури ни темелите на куќите не се познаваа. Местото каде што била мојата куќа го пронајдов благодарение на картата објавена во монографијата за селото, на која се одбележани сите куќи“, раскажува Бендевски. Единствен белег дека Орово некогаш постоело како населба била селската црква, која пред да се урне ја обновиле со пари од иселениците во западните држави. Иако Орово нема луѓе, на верскиот празник на селото во црквата се организирал панаѓур како некогаш. Се собирале жителите од околни села, а во последните години доаѓале и иселените за да го прослават денот и да се видат. Бендевски вели дека се подготвува годинава за празникот да отиде во селото за да се види со другарите од детството со кои се' уште не се има видено.

„Сега ние, децата-бегалци, можеме да влеземе во Грција кога сакаме, но под еден услов - во пасошот родното место да биде напишано со грчкото име или само да стои дека сме родени во Грција. Но, меѓу нас има и такви кои од патриотски причини сакаат во документите да им стои македонското име на родното место кое беше променето за времето на диктатурата”, раскажува Бендевски.

(Продолжува)

No comments: