May 20, 2013

Драмата на Егејците 15

Драмата на Егејците (15)

Со боси ноџиња, по мраз низ планината

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Пријателството на Македонката Васка Петровска и Гркињата Василика Дамјаниди, и двете деца-бегалци, трае повеќе од половина век. Ќе се роди кога и на двете ќе им биде најтешко, пред повторната средба со своите родители, откако осум години ќе поминат во детските домови. Васка точно се сеќава и на датумот кога првпат се сретнале, а тоа било на 13 август 1956 година додека патувале за тогашна Чехословачка во Нове Гради, кај што ги чекале мајките и татковците. „Во возот цело време бевме заедно, а кога стасавме, со другите деца не' сместија во едно прифатилиште за постари луѓе, македонски бегалци по поразот во Граѓанската војна. Оттогаш и не се делевме, заедно отидовме да учиме чешки јазик“, раскажува Васка.

Од сите деца во домот, само тие две се запишале на медицинско училиште, додека другите ги испраќале на занаети, за шнајдерки, ѕидари или молери. Васка вели дека нивното пријателство како да им пречело на некои Грци, па настојувале да ги раздвојат. „Се случи еден немил настан кој зборува колку некои од Грците беа неискрени спрема нас, Македонците, иако нашите татковци, мајки, браќа и сестри се бореа заедно со нив. Кога не' примија во медицинското училиште, Василика доби известување, но не и јас, го скрил директорот на домот, инаку Грк. Еден воспитувач претпоставуваше каде може да биде. Додека директорот беше отсутен, сосила ја отвори неговата фиока и го пронајде таму“, раскажува Васка.

По завршувањето на училиштето, морале да се разделат во 1961 година кога Василика се омажила. „Четириесет години не знаев каде е. Во 2001 година случајно се сретнала со брат ми и побарала мој телефон. Ми се јави и по неколку месеци дојде во Скопје. Ги пречекавме на аеродром. И двете физички сме изменети, остаревме, но нашето пријателство остана исто, не се промени. Наредната година отидов со сопругот Ахил кај неа во Волос, во Грција, па потоа повторно дојде таа. Многу често се слушаме преку телефон. Кога ќе ми се јави, првиот збор што ќе го каже е ’Здраво, другарко‘ и јас веќе знам дека е Василика. Оваа година повторно ќе се видиме“, раскажува Васка.

Спорот со името воопшто не ги оптоварува, зашто и двете знаат на која националност и' припаѓаат. „За неа сум Македонка, а таа за мене Гркинка. Само ми е криво што таа има заборавено да зборува македонски. Разбира се', но не може да врати. Затоа кога сме заедно, разговараме на чешки“.

Васка Петровска денес со сопругот Ахил живее во Бутел, во Скопје, а патот додека стасала таму е долг, тежок и трауматичен. Имала седум години кога ги собрале во селската црква во Д’мбени за да им кажат дека сите деца треба да заминат и дека таму преку граница ќе им делат бонбони. „Тогаш мајка ми ја фатив за здолништето и реков дека сакам да одам. Тие знаеја каде одиме и зошто, меѓутоа ние, децата, не знаевме. И така, при крајот на март, тргнавме. Паметам како бев облечена. Мајка ми ми сплете фустанче, тиркизна боја, и капче од истото предено. Од Костур ми купија бели гумени опинчиња. Ми дадоа и торбенце во кое мајка ми ми стави лепче. За да не' испрати мене и брат ми Диме, дојде и таа со магарето. Дома останаа сестра ми Тома, која беше постара од мене десетина години, и дедо ми и баба ми. Најстарата сестра Евгенија беше во партизани. Татко ми чуваше овци надвор од селото. Кога ние, децата, се искачивме на врвот од планината, имаше замрзнат снег и сите се измокривме. Мајка ми не' испрати до селото Рула. Не се сеќавам на нејзината последна прегратка, ниту на солзите. Отпосле дознав кога се враќала назад, нашла едно мое опинче што сум го загубила. Многу се насекирала кога го видела опинчето. Јас сум патувала со една боса нога, а јас не се сеќавам на тоа“, со нескриена возбуда говори Васка.

Како ја минале границата, како стасале во Битола, не се сеќава. Требало да оди заедно со братот во Чехословачка, ама во турканиците се загубила и тргнала со другарките кои се симнале во Белград, а братот заминал за Чехословачка. Таму најпрво ги истрижиле, ги избањале и, на крајот, ги испрскале со прашок против вошки, зашто сите биле вошливи. Оттука ги однеле во Бела Црква.

Кога излегов од домот, на првата средба мајка ми и татко ми не ги чувствував како вистински мајка и татко, а брат ми како брат, признава Васка Петровска

Семејството на Васка е растурено низ светот. Партизанката Евгенија се омажила за Грк при крајот на војната, забременила и отишла во Албанија да се породи. „Сестра ми Евгенија ми раскажуваше дека од Албанија со детето заминала со товарен брод за Русија, каде што видела многу маки. Патувале илегално во времето на ИБ, кога Југославија ја затворила границата. Дваесетина жени, сите со мали деца, ги качиле на брод, натоварен со добиток. За време на контролите, се криеле на долните спратови од бродот. Не смееле збор да прозборат, а на децата им ги затворале устите за да не плачат. Кога стасала во Узбекистан, живеела во голема сиромаштија“, ја раскажува Васка драмата на својата сестра.

Евгенија денес живее во Атина со сопругот, со кого имаат три деца. Брат и' останал во Чехословачка, се оженил за Чехинка, помалата сестра си дошла во Македонија. Татко и' и мајка и' преку Албанија со брод стасале во Чехословачка. „Првата средба со мајка ми и татко ми беше по осум години. Да бидам искрена, кога ги видов првпат, не ги чувствував како мајка и татко, а брат ми како мој брат. Растена во домови, како да го загубив тоа чувство. Немаше време да се навикнеме едни на други, малку живеевме заедно. Татко ми и мајка ми загинаа во сообраќајна несреќа во Бугарија“, вели Васка.

А нејзината мајка многу страдала поради тоа што децата не биле со неа. Додека била во домот, до неа стасала една слика од Васка на која подвитканото прсте на раката изгледало како да е отсечено. Тоа страшно ја потресло. Кога првпат се сретнале во Чехословачка, мајка и' спискала и истрчала да ја прегрне. Прво погледнала во нејзината рака и кога видела дека сите прсти и' се на број, и' се симнал голем товар.

„Кога тргнавме, ни рекоа дека ќе се вратиме по две недели, дека таму, преку граница, ќе ни делат бонбончиња. Не се случи тоа. Грчките власти и по 60 години не ни дозволуваат да се вратиме назад“, вели Ахил Петровски

Васка вели дека на сестра и' што е во Грција и' го платиле делот на имотот што и' припаѓал . „Ни се јави и побара да и' пратиме потврда за таа да ги земе и нашите пари и потоа да ни ги даде. Ги испративме сите документи. Ни јави дека за нејзиниот дел и' ги дале парите, но не и за нашиот, зашто не сме биле Грци по род. Таа завршила работа, бидејќи е омажена за Грк. На сите Грци им ги исплатиле имотите. Им давале многу пари. Сестра ми не ми кажува колку и' дале. Ни вели: ’Да ви кажам, па да ви биде жал‘. Инаку, таа си остана голема Македонка, зборува македонски, македонски ни пишува. И со мажот се расправаат за Македонија. ’Како може Грците да не го прифаќаат името Република Македонија. Јас сум Македонка, зборувам македонски, татко ми во селото го тепаа бидејќи беше Македонец и како сега можат да речат не сте вие тоа, дека немате право на името‘“, ги пренесува Васка реакциите на Евгенија.

Ахил, сопругот на Васка, е од Орово, Преспа. Биле тројца браќа и една сестра. Најстариот брат Коте бил партизан и загинал во битката на Грамос. А него, другиот брат Цветко и сестра му Атила ги однеле во детски дом во Чехословачка. По поразот на ДАГ, татко му и мајка му со брод стасале во Полска. Но, татко му не инсистирал веднаш да ги земе таму како што барала партијата. Бидејќи сите тројца студирале во Прага, им рекол: ’Јас нема да им ја сечам уката на децата. Не сакам тие да доаѓаат ваму, туку ние ќе одиме таму‘. Но, партијата не му дозволила да оди во Чехословачка. До брза средба не дојде. Со татко ми и со мајка ми се видовме дури во 1963 година, кога дојдоа на мојата свадба во Чехословачка. Брат ми веќе беше оженет, а сестра ми омажена. Свадбите ги направија без нашите родители. Се сеќавам на мојата свадба мајка ми првпат ја извади црната шамија што ја носеше по загинувањето на брат ми и вујко ми и се фати на оро“, раскажува Ахил, кој вели дека егејските мајки се вистински херои од војната, зашто најмногу пропатиле. Биле без своите деца, за чии судбини не знаеле ништо, а додека траеле борбите, носеле оружје и се грижеле за ранетите.

„Кога тргнавме, ни рекоа дека ќе се вратиме по две недели, дека таму, преку граница, ќе ни делат бонбончиња. Не се случи тоа. Грчките власти не ни дозволија да се вратиме назад“, вели Ахил.

(Продолжува)

No comments: