May 10, 2013

Драмата на Егејците 14

Драмата на Егејците (14)

Го жртвувала бракот за да одгледа туѓи деца

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Во времето кога се собираа растурените егејски фамилии, кога мајките и татковците си ги прибираа децата, Лета Делјанова ќе го жртвува бракот за да не ги остави на улица девојчињата на деверот и на золвата. Сопругот Михали од Австралија ќе и' напише дека подготвува документи за да ја земе неа и ќерките Доста и Лозана, а таа ќе побара да ги земе со неа и трите девојчиња што ги гледала, зашто нема каде да ги остави. Тој нема да се согласи и навреден од нејзиниот предлог, ќе и' одговори: „Штом сакаш така, седи си таму“. И се' ќе заврши на тоа. Лета ќе си остане во Скопје, а Михали ќе си тера свој живот во Австралија, ќе се прежени и ќе настојува да ги прекине сите врски со првата сопруга и ќерките. Дури на децата што му се родиле од новиот брак нема да им каже дека во Македонија имаат две сестри.

Меѓутоа, судбината не сакала се' да заврши така. Пред две години, во куќата на неговата постара ќерка Доста Доневска, инаку една од пејачките на познатата група „Бапчорки”, заѕвонил телефонот на кој се јавил женски глас на англиски јазик. Ќе разбере само два збора, нејзиното и името на сестра и' Лозана. „§ велам не знам англиски, а таа прашува дали знам руски или грчки. Ја прашав дали можеби таа знае македонски и откако ми одговори негативно, го викнав девојчето од комшиите кое знае англиски. И така и' го дадовме телефонот на ќерка ми Снежана, со неа да се разберат“, раскажува Доста. Таа вели дека претчувствувала дека тоа е сестра и' Сарина. За неа и за нејзиниот брат дознале одамна од други луѓе, уште во времето кога татко и' се преженил.

„Мојата тетка Сарина е родена 1957 година и е помала од мене една година“, раскажува Снежана, која подоцна ќе оствари контакт со неа. Сарина за тоа дека има две сестри во Македонија разбра пред две години. Откако го отвориле тестаментот што го оставил татко и', прочитала две непознати имиња, Доста и Лозана Делјанови, (презиме што го носи и таа), на кои им оставил по 5.000 долари, почнала да ги бара за да им ги испрати парите. Мислела дека се нејзини подалечни роднини. Трагајќи по нив, некој и' кажал дека една од нив пеела во групата „Бапчорки“. Преку Интернет ја дознала веб-страницата на Димитри Бужаровски, од кого ги добила телефоните на Доста и на Лозана.

„Ми се јави преку телефон и се договоривме да си пишувавме по и-мејл. Тогаш дознав дека таа, всушност, не знае дека мојата мајка и тетка се нејзини сестри. Мислела дека и' се братучетки. Решив да и' ја кажам вистината и и' напишав: ’Ова што сега ќе ти го кажам можеби ќе те погоди, можеби ќе ти биде тешко, но треба да ја знаеш сета вистина. Доста и Лозана се твои сестри. Не е важно што се случило во минатото, не се важни ни парите што ги оставил дедо ми, поважно од се' е што си ги најде сестрите по толку многу години. И тогаш и' раскажав како нејзиниот татко заминал на печалба и како во Македонија оставил жена со две деца“, раскажува Снежана.

И се јавила по две недели и и' напишала дека тоа што и' го кажала многу ја потресло, дека и' требало време да се соземе и оти и' е мило што има сестри. Потоа, Снежана ја поканила да им дојде на гости во Македонија за да се видат. Не поминало многу време, а Сарина стасала во Скопје пресреќна што ги гледа Доста и Лозана. Ја однеле кај сите нивни роднини. „Беше шокирана кога дозна дека во Македонија не само што има две сестри, туку и многу братучеди и други роднини. Се сеќавам тогаш ми рече: ’Снежана, кога почина татко ми, на брат ми му реков дека ќе останеме сами на светов откако ќе почине мајка ми, зашто таму немаме други роднини. Ама не било така. Тогаш направи споредба со филмот ’Мојата голема грчка свадба’, велејќи: ’Ова е мојата голема македонска фамилија‘. Многу и' беше тешко. Не можеше да сфати зошто татко и' не и' кажал дека има сестри. Тоа постојано ни го повторуваше. Кога се врати во Австралија, заминала две недели на одмор на Бали и таму наместо да се одмора плачела, не можејќи да разбере зошто од неа и од братот се криела големата тајна за сестрите“, раскажува Снежана.

Сарина дошла во Македонија и минатата година и почнала да го урива ѕидот на отуѓеност што го ѕидал половина век нејзиниот татко Михаил меѓу него и своите ќерки. Сакала да го види Бапчор, неговото родно место. Сите заедно отишле таму. „Додека беше, овде често ни велеше: ’Многу ни е тешко кога ќе се сетам дека сте растеле само со мајка ви. Чувствувам вина како јас да сум ви го украла вашиот татко‘“, додава сестра и' Доста.

Михали заминал на печалба во Австралија во 1937 година. Доста имала две години, а мајка и' била бремена со Лозана. Таму останал и за време на Граѓанската војна во Грција. Во педесеттите години дознал каде се неговата сопруга Лета и ќерките и им напишал дека сака да ги земе во Мелбурн. „Мајка ми Лета покрај нас две растеше уште три други девојчиња. Две од неговиот брат, чија мајка загина во војната во Грција, а нивниот татко, кој беше партизан, отиде во Русија и таму се прежени и никогаш не побара да ги прибере кај него. Другото девојче беше од неговата сестра. Не знам зошто татко ми не се согласи сите да не' земе во Австралија. Тие повеќе беа негови отколку на мајка ми, беа од негов брат и од сестра“, раскажува Доста.

Михали набргу се преженил за Италијанка, но на ќерката и на синот што ќе му се родат таму никогаш не им кажал за сестрите во Македонија. Тоа нема да им го каже дури ни тогаш кога втората ќерка Лозана ќе престојува кај него три месеци. Им ја претставил како братучеда, а неа ја замолил да не им кажува дека им е сестра, зашто ако разбереле луѓето, немало да го почитуваат.

Така, Лета Делјанова пораснала наместо две, пет ќерки. Таа ги школувала, таа ги омажила. Ја викале „мајко“. А Михали на Доста и на Лозана ќе се сети само кога ќе се омажат, кога за свадбите ќе им испрати пари и неколку збора: „Нема да ве заборавам”.

Но, тој така нема да се однесува. „Бев на турнеја со групата ’Бапчорки‘. Го побарав, сакав да го видам. Му јавиле дека е дојдена една од ќерките, која сака да го види. Кога се сретнавме, не покажа никакви емоции на татко кој првпат ја гледа својата ќерка. Пред мене како да стоеше странец. Не праша ниту за мајка ми, ниту за сестра ми Лозана, ниту дали сум мажена. Вечерта дојде на концертот. Во паузата ми јавија дека сака да ме види еден човек. Отидов и гледам пред мене стои татко ми. Плачеше како дете, ме прегрна и почна да ме бакнува. Најверојатно, носијата и песните го потсетиле на младоста и на годините поминати во Бапчор“, раскажува Доста Доневска.

Ѕидот што ќе го подига Михали меѓу него и ќерките ќе го почувствува и внуката Снежана, која во Австралија била на гости кај некои други роднини. Тогаш посакала да го види. „Имав впечаток како да подигнал висока преграда меѓу животот во Бапчор и животот во Австралија. Едноставно, како да сакаше да го заборави претходниот живот. Таму не комуницирал ни со Македонците. Како да се криеше и од мене. А мене таквото негово однесување премногу ме погоди, посебно ми беше тешко, бидејќи баба ми тогаш беше умрена. Го прашав дали дозна дека е почината. Не реагираше никако“, раскажува Снежана.

„А мајка ми за ништо не го обвинуваше. Никогаш за него не рече лош збор. Кога ќе ја прашавме, ќе ни одговореше дека тој не бил виновен, дека такво било времето. А во брак со него беше само две години. Не се премажи. Се жртвуваше не само за сопствените деца, туку и за децата на неговиот брат и сестра“, вели ќерката Доста Доневска.

(Продолжува)

No comments: