April 15, 2013

Карпошевото востание 2. дел

Драган Ташковски КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

Треба да се подвлече фактот дека уште со самото освојување на балканските земји од страна на Турците, феудалниот развиток на балканските народи, што се развиваше како дел од европскиот феудализам, беше прекратен. Насадувајќи го примитивниот селџучки феудализам, кој во споредба со месниот и европскиот феудализам беше релативно заостанат, Турците ги одвоија балканските земји од општиот склоп на европскиот феудален развиток, а со тоа и нашите народи ги фрлија за два века назад.

Во условите на повисокиот стадиум на феудалниот развиток во кој што живееја нашите народи, противречноста помеѓу напреднатите производни сили и заостанатите продукциони односи, кои доаѓаа до виден израз непосредно пред османлиското освојување, Турците ја решија во полза на старите односи, a на штета на производните сили. Треба да се напомне дека со турското освојување производните сили на селото особено опаднаа. За разлика од градовите, каде што горе-долу се развиваа и понатака стоковно - паричните односи, селото во европска Турција беше вратено на чисто натурално стопанство, без некое особено влијание на стоковно-паричните односи, кои во тоа време во Европа се' повеќе доаѓаа до својот полн израз. Може да се земе условно дека селото во турската империја се' до крајот на XVII век беше без некое особено влијание на овие стоковно-парични односи во кои што беше зафатено селото на запад на Европа, а со тоа овозможуваше и постоење на таква феудална својна, која не можеше ниту да се продаде, ниту подари, ниту наследи, ниту увакуфи, како што беше спахилукот.

Турските феудалци од своја страна, кои своите потреби главно ги подмируваа од пљачките во победоносните војни, не беа заинтересирани за развитокот на производните сили, како во градот така и во селото, (а со тоа и самиот развиток на општеството врвеше доста бавно. Силната централизирана власт во Турција, чија што силина лежеше во прв ред во утврдениот воен феудализам, од своја страна го условуваше одржувањето на примитивниот турски феудализам со натурално стопанство и натурална рента. Секако ваков систем претставуваше олеснување за христијанскиот селанец — раја во турската империја, но тој систем не претставуваше прогрес во споредба со феудализ-мот на западна Европа, каде што производните сили достигнаа до таа степен што рамките на феудалните односи веќе не им одговараа, и со железна нужност го буткаа општеството напред кон рушење на тие рамки и создавање на нови капиталистички односи. Самото долго одржување на натуралното стопанство во Турција — како што вели Маркс — беше и причина за одржување на османлиската империја. Оттаму и заинтересираност на централната власт за ограничувањето на турските феудалци по однос на земјишната своина и степента на експлоатацијата што ја вршеа тие во однос на селанецот — раја.

Во вакви услови, положбата на христијанскиот селанец на Балканот секако беше полесна отколку таа на запад на Европа. „Христијанскиот селанец под турската власт — вели потоа Енгелс — се чувствува во материјален поглед подобро отколку било на кое друго место... Додека уредно плаќаше данок на турската власт, овие не го задеваа и тој ретко беше изложен на онаа насилба, како што низ целиот среден век ја сносеше западниот селанец од својот спахија. Положбата на рајата беше секако недостојна, но не и материјално тешка.“

Ваков систем на примитивен феудализам што означуваше олеснение, за селанецот, а регрес во развитокот на производните сили, се задржа во европска Турција се' до XVII век. Оттаму и задоцнувањето на селанските востанија на Балканот, кои дојдоа до својот полн израз во времето кога овој систем се преживуваше и заменуваше со нов, шт0 беше прогресивен, но од своја страна носеше релативно потешки услови за животот на христијанскиот селанец. Всушност, новиот пресврт во внатрешното уредување на империјата настапи тогаш кога капиталистичките односи што се развиваа во Европа во посилна мера почнаа да проникнуваат во европска Турција.

Продолжува

No comments: