Драмата на Егејците (10)
Главната трага што ќе ја одведе Александра во Мелбурн кај нејзиниот брат била фотографијата снимена во Скопје кога Ѓорѓи бил мало дете
Сестрата го пронајде братот по 54 години
Виктор Цветаноски (Утрински Весник)
Александра Цветаноска од Скопје по 54 години го пронајде својот брат Ѓорѓи во далечна Австралија. За тоа дека има брат дознала откако детството и младоста ги поминала во домовите на децата-бегалци во Полска. Братот во Мелбурн ќе се препознае на фотографијата што нејзината ќерка ќе ја испрати преку океанот и неа ќе ја објави македонскиот весник „Тудеј“. Тој веднаш ќе и' се јави на својата сестра во Скопје да и' каже дека е здрав и жив и со големо нетрпение очекува да ја види.
Малата Сандра имала само 2,5 години кога од Штрково, Леринско, ја однеле во Полска во домот за децата-бегалци во Шчечин, каде што останала се' до 19 година, кога се осамостоила и се вработила како фризерка. Тогаш кога растурените егејски семејства се соединувале и татковците и мајките трагале по своите синови и ќерки, неа никој не ја побарал. Единствен роднина за кого знаела бил нејзиниот вујко, кој и' понудил да дојде во Скопје и да живее заедно со неговите пет деца. „Срцето ме боли. Растев во домови без мајчина љубов. И сега кога по толку многу години го слушнав гласот на мојот брат, почувствував вистинска љубов“, ќе ја раскаже Александра својата тажна приказна преку македонската радиопрограма „Трипати зет“ во Мелбурн преку која оствари контакт со братот Ѓорѓи.
Раната што сите тие години ќе ја печи додека била сама малку ќе се залечи откако ќе се омажи и ќе формира семејство, ќе и' се родат синот и ќерката, но нема целосно да заздрави, зашто не знаела каква е судбината на братот кого никогаш не го видела. „Кога си дојдов од Полска во Скопје, престанав да трагам по мојот брат и мајка, зашто се плашев дека тоа ќе ми отвори нови рани и нема да издржам. Истовремено, бев лута и разочарана поради тоа што родителите ме оставиле сама. Јас да бидам цело време во Полска, а тие да не ме побараат, да не прашаат дали сум жива и здрава. Но, така не мислеше мојата ќерка Лидија. ’Не си падната од Марс, па да немаш никого, тие имаш свое семејство, треба да си ги знаеш своите корени’“, вели Александра со која разговараме три години по средбата со братот, која очигледно многу ја погодила нејзината кревка душа.
Главната трага што ќе ја одведе Александра во Мелбурн кај нејзиниот брат беше неговата фотографијата снимена во Скопје кога бил мало дете. Ја добила од прв братучед од братот на мајка и'. Пред многу години и' спомнале дека имаат таква фотографија, но и' ја дале дури пред неколку години. „Прво што помислив беше сликата да ја испратам во Австралија. Си велев дека таму живеат најмногу Егејци. Се обратив до Агенцијата за иселеништво од каде што ми помогнаа да воспоставам контакт со Ицо Најдовски, уредник на Македонската радиопрограма. Му ја испратив сликата, а тој ја објавил во македонските весници, со објаснување дека сестрата си го бара братот, чија мајка се вика Цвета“, вели ќерката Лидија.
Додека се потстрижувал, берберот Борис му раскажувал на Ѓорѓи како сестра од Македонија си го бара братот и притоа му ја покажал фотографијата објавена во весникот. Кога ја видел фотографијата, извикал: „Па тоа сум јас“. „Бев сигурен во тоа, зашто мајка ми пред една година ми даде иста таква фотографија. Истрчав до дома и ја донесов во берберницата за да ја споредам. Повеќе немав никакво сомневање дека тоа мало дете сум јас“, ќе раскаже Ѓорѓи, плачејќи како дознал дека има сестра во Скопје. Тој вели дека мајка му никогаш не му кажала за тоа и кога ја прашал зошто од него ја чувала големата тајна, таа со плачење му признала дека има не една, туку две сестри. Притоа, му раскажала како за време на Граѓанската војна во Грција најголемата сестра Александра ја зеле партизаните и нејзе и' рекле дека ќе и' ја вратат по две недели, а другата сестра Слободанка ја зел татко и' кога бегал. Мајка му со него во 1952 година преку Југославија заминала во Трста, а две години подоцна стасале во Австралија и оттогаш немала никакви контакти со Македонија. „Кога го слушнав гласот на сестра ми Сандра, срцето ме заболе. Тешко ми е зашто 50 години никој не ми кажал дека имам две сестри, и многу ми е жал зашто не пораснав со нив“, изјави Ѓорѓи преку Македонското радио во Мелбурн.
„Кога ни се јави преку телефон, беше потресен, постојано плачеше и ни објаснуваше дека никој во животот не му кажал дека има сестра. Инсистираше да се видиме колку што е можно поскоро. Извадивме виза и заедно со мајка ми отидовме во Мелбурн да се видиме со вујко ми“, раскажува ќерката Лидија.
„Немам зборови да ја опишам средбата. Кога го прегрнав моето братче Ѓорѓи, ме облеа силна топлина, но истовремено почувствував голема тежина во срцето поради тоа што ме оставила мојата мајка. Како можела да ги заборави сопствените деца? Зошто криела од својот син дека има две сестри? Не можам да сфатам како можела да не му каже на синот дека е роден во Македонија“, раскажува Александра, која вели дека се' уште има голема грутка во градите. Таа и денес ги чувствува последиците од средбата со братот и мајка и' и по враќањето од Австралија дваесетина дека лежела во болница.
„Имам прекрасен брат, но не можам да кажам добри зборови за мајка ми. Додека бев таму, не разговарав со неа поради тоа што не' заборавила мене и сестра ми Слободанка. Немаше никакво објаснување зошто ги оставила своите деца. Кога ја прашав, гледаше во земја и никогаш не ме погледна во очи. Најверојатно, се срамеше поради тоа што го направила. Плачеше и се колнеше дека не' барала, дека сме и' недостигале, дека и' е срам поради таквата постапка, но јас не и' поверував на нејзините солзи, зашто ако сакала, можеше да не' пронајде. Остарев, имам 63 години, и прашање е дали и кога ќе го видам уште еднаш Ѓорѓи, дали ќе имаме шанса да поживееме заедно како брат и сестра, како сите нормални семејства“, ни ја отвора душата Александра, очигледно потресена од големата драма што ја преживува.
Приказната што ни ја раскажа таа за нејзиното семејство личи на повеќето егејски трагични приказни, но истовремено се разликува од нив по многу нешта. По завршувањето на Граѓанската војна, мајката Цвета пребегала во Битола, таткото Васил со другата ќерка се нашол во Белград, а таа веќе била сместена во дом во Полска. Мајка и' и татко и' се нашле и продолжиле да живеат во Југославија. Тогаш им се родил Ѓорѓи и го крстиле во една скопска црква. Подоцна, мајка и' го оставила нејзиниот татко и се премажила за друг, за Македонец од Пиринска Македонија и со него заминала во Италија, а оттаму за Австралија. А, татко и' со другата ќерка по други патишта стасал, исто така, во Австралија, во Перт, без да знае дека таму е и неговиот син.
„Татко ми цело време бил со сестра ми Слободанка и и' кажал за мене и за Ѓорѓи. Со неа се видовме по триесетина години, дојде кај мене во Скопје на одмор. Пред да умре, татко ми оставил аманет како знаеме да го пронајдеме Ѓорѓи“, вели Александра.
Зошто Цвета го напуштила својот сопруг во тие тешки времиња? Таа никогаш никому не му ја кажала вистината, ниту, пак, нивниот татко објаснил како се разделиле. Енигма останува и тоа зошто мајката ги напуштила ќерките и никогаш не ги побарала. Има разни претпоставки, а ќерката Лидија смета дека е најприфатлива таа што ја слушнале во Австралија. И вториот сопругот на Цвета оставил четири деца и, најверојатно, преќутно се договориле да не ги спомнуваат поранешните рожби, да ги заборават.
За трогателната средба на сестрата Александра и братот Ѓорѓи по 54 години дозна цела Австралија и слушнаа сите Македонци во светот преку македонската радиопрограма во Мелбурн. Посебна сторија емитувала и австралиската национална телевизија Канал 7. Александра и Лидија велат дека за пронаоѓањето на братот, односно вујкото најголема заслуги има новинарот Ицо Најдовски, кој не само што помогнал за да се сретнат, туку им гарантирал да добијат австралиска виза.
(Продолжува)

No comments:
Post a Comment