March 20, 2013

Драмата на Егејците 9

Драмата на Егејците (9)

Грчката кралица елинизирала 30.000 македонски деца

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Паралелно со акцијата на силите на Демократската армија за собирање на децата и нивно масовно испраќање во социјалистичките земји, се спроведувала слична акција организирана од грчките власти под закрила на тогашната кралица Фредерика. Под мотото „да се спасат децата да не бидат однесени во комунистичките држави“, грчката полиција војска влегувала во повеќе македонски села и сосила на мајките им ги земале нивните рожби.

Вера Фотева, еден од македонските раководители во Граѓанската војна, истакнува дека по поразот на боиштата на Вичо и Грамос во 1947-1948 година, грчката армија се нафрлила и врз малолетните деца. „Таа акција ја спроведуваше кралицата Фредерика, која народот ја именуваше со ’Фрики – ужас‘. Божем покажува грижа за децата, кралицата одеше по селата, присилно им ги одземаше децата на мајките за да ги прави ’јаничари‘, беспоштедно употребувајќи ја силата на своите монархофашисти“, изјавува Фотева во книгата „Децата-бегалци од Егејска Македонија во Југославија“ од Мишо Китаноски и Ѓорѓи Доневски.

„Кога монархофашистите отидоа во селото Загоричани, Костурско, присилно да ги соберат децата, Македонките ги скрија своите рожби во фурните, а потоа ноќе ги префрлија на слободната територија. Од бес монархофашистите искасапија 17 жени од околните села и нивните тела ги фрлија во ѓолот на Костурско Езеро“, изјавува Фотева.

Според неа, жените правеле се' само нивните деца да не бидат земени и поради тоа биле камшикувани, малтретирани и затворани. „Во органот на ПДЕГ ’Махитрија‘ од 16 ноември 1948 година се наведува случајот на жените од село Жупаништа, Костурско, кои се здружиле да реагираат за да им се вратат одземените деца од кралицата Фредерика...

Македонките беа затворани поради недозволувањето нивните деца да им се одземат од Фредерика. Поради тоа, и во доцна бременост беа во затвори. Таму дојдоа на свет голем број новороденчиња. Жените стоички ги поднесуваа сите ужаси на војната“, изјавува Фотева.

Д-р Катерина Мирчевска, која за оваа акција користи повеќе грчки извори, наведува дека иницијативата потекнала од кралицата Фредерика, сопруга на кралот кој дошол на грчкиот престол по смртта на својот брат во 1947 година. „Иницијативата дошла по една нејзина посета на женскиот затвор во улицата ’Темистокле‘ во Атина, каде што казната ја издржувале комунистки заедно со своите деца. По реализирањето на смртната пресуда на десет затворенички, таа ги зела нивните деца за да ги спаси. Ваквата практика ја продолжила и ја официјализирала во периодот од јуни 1947 и во времето по поразот на ДАГ, при што во нејзините домови се нашле над 30.000 деца од селата во Егејскиот дел на Македонија, Тракија, Епир, Тесалија и Стара Грција“, пишува Мирчевска во својата докторска дисертација.

Д-р Мирчевска смета дека евакуацијата на децата од страна на ДАГ претставувала и еден вид противтежа на проект на грчката влада спроведуван преку кралицата Фредерика, која присилно ги собирала првенствено македонските деца кои биле воспитувани во големогрчки национален дух. „Целта на овој проект, според кралицата Фредерика, била „да се спасат нашите деца од северните провинции да бидат одведени преку границите и да бидат воспитани како непријатели на земјата“, вели д-р Мирчевска. Истовремено, таа нагласува дека тоа гесло станало моќно средство на антикомунстичката владина кампања. „Нејзин составен и мошне ефектен дел претставувал и терминот ’педомазома‘ (грч. педи-дете, мазома-собирање, збирање), употребуван како пандан за евакуацијата на децата во источноевропските земји“, подвлекува Мирчевска.

Меѓутоа, акцијата, која ја нарекувала хумана, била се' само не хумана. Напротив, владините сили, полицијата, војската и единиците на т.н. Маи упаѓале во домовите во селата и ги грабнувале децата од прегратките на мајките. Се собирале, главно, македонските деца од селата каде што се водела војната. „Тие биле привремено сместувани во најблиските собирни центри, а потоа префрлувани во детски домови. За само неколку месеци, во Грција биле формирани повеќе од 50 вакви институции, популарно нарекувани домови и интернати на кралицата Фредерика. Тие претежно се наоѓале во Атина или во нејзината близина, и во нив биле сместувани околу 20.000 деца“, вели д-р Мирчевска.

Според неа, најважната метода во воспитувањето на децата се состоела во забранувањето какви било контакти со семејствата, допишување или примање посета. „Воспитувањето се одвивало преку строго утврден дневен ред на активностите во домот и, на крај, преку наставните содржини. Во овие институции немало ниту часовници ниту календари, а денот се регулирал со ѕвоно. Децата биле облечени во униформи и секогаш оделе во марш, па дури и при нивните посети на кино-претставите или при прошетките во парковите“, нагласува Мирчевска.

Таквите методи на воспитување ги диктирала новата кралица Фредерика, која била Германка, по потекло од кралското германско семејство на Дука Ернесто Август. Таа заедно со своите браќа, принцовите Хајнрих и Кристијан, израснала и била воспитана во духот на германската нацистичка младина. И таквата идеологија ја применила при воспитување на децата во детските домови под нејзина закрила, смета д-р Мирчевска, која до овие сознанија дошла користејќи грчки извори.

Според Сократ Пановски, додека повеќето деца што биле евакуирани во социјалистичките држави завршувале разни училишта и факултети, децата во камповите на Фредерика остануваа со основно образование. Ниту едно од нив не го продолжило школувањето. Напротив, таму се случувале други нешта. Грчкиот историчар Димитрис Сервос тврди дека американската мисија за помош на Грција, која помагала при собирањето на децата, подоцна посредувала во нивната препродажба на бездетни семејства во САД и на атински богати семејства за голема сума пари. Во почетокот, богатите семејства за дете плаќале по 4.000-5000 долари, а подоцна и по 10.000 долари.

Д-р Ристо Кирјазовски, кој во своите истражувања ги користи мемоарите на кралицата Фредерика, истакнува дека собирањето на децата почнало непосредно по основањето на Кралското доброволно друштво во јули 1947 година. „Меѓутоа, планското масовно собирање на децата почнало во март 1948 година, кога се одвивала и акцијата на ПДВГ. Со операцијата за собирање на децата раководеше лично кралицата Фредерика и во неа беа вклучени армијата, локалните власти, полицијата, училишни и други органи и организации. Планот предвидуваше да се соберат од 10.000 до 12.000 деца. Во март беа собрани 6.000 деца. За акцијата се запознати Американската мисија за помош на Грција и Специјалниот комитет на ООН за Балканот“, пишува Кирјазовски и додава дека во почетокот на март 1948 година владата во Атина соопшти дека ги завршила сите подготовки за евакуација на 14.000 деца од Егејска Македонија и од Пелопонез.

„Според тврдењата на кралицата Фредерика, беа собрани околу 24.000, а според други тврдења 14.494 деца, претежно од Егејскиот дел на Македонија. За децата во Лерос, Кифисија, Солун и во други места беа организирани 54 дома - „детски градови“, прифатилишта во кои беа изложени на најгруба денационализација и асимилијација“, подвлекува д-р Кирјазовски.

(Продолжува)

No comments: