January 10, 2013

Драмата на Егејците 2

Драмата на Егејците (2)

Осумдневно ноќно пешачење по мраз и снег

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

„Со уште две жени и 40 деца, на 26 март 1948 година, го напуштивме селото по упадот на владините трупи кои однесоа 13 деца чии родители беа во единиците на ДАГ, додека другите жени и деца се криевме. Селото, исто така, го бомбардираа. По снег и зима се движевме ноќе, а се криевме дење.

Кај селото Трново два владини авиона пукаа врз нас, но за среќа, никој не беше повреден. Ние се приклучивме на групата од околу 400 деца кои ги водеа неколку жени. Тие беа од околината на Костур и жените ни кажуваа дека групата повеќе пати ја напаѓале владини авиони, при што загинале четири деца. Кај селото Маврохори ни се приклучија нови бегалци: жени и деца од четири села (Долно Котори, Лагем, Турија и Трен)“.

Ова драматично кажување е на Лена Сулевска од село Горно Котори, Леринско, за осумдневното патување на децата од нивните родни места до преспанските село Долно Дупени и Љубојно. Нејзиното и потресните сведочења на други мајки за откоренувањето од родните места на 28.000 деца од Егејскиот дел на Македонија во 1948 година ги пренесуваат Мишо Китаноски и Ѓорѓи Донески во книгата „Деца-бегалци од Егејска Македонија“.

Сулевска вели дека тогаш се собрале околу 20 жени и 500 деца и патувале кон север, пешачејќи само ноќе. „Во текот на целиот пат носевме по три деца секоја:а две на раце и едно на грб. Од селото Кономлади не' следеше силен снег и виулица. Им ги масиравме нозете на децата за да не замрзнат“, раскажува Сулевска, која на 25 деца им ги заменувала нивните мајки.

Кога стигнале во селото Штрково за да се одморат, одненадеж селото го нападнале авиони и тогаш со сите деца и другото население побегнале во планината, каде што го поминале целиот ден. „Децата плачеа од страв и студ, па моравме да запалиме оган. Но, тогаш повторно наидоа авиони и ние ја фрливме облеката, а децата камења за да го изгаснеме огнот“, раскажува Сулевска

Поради страв од авионите не смееле повторно да запалат оган. Кога паднала ноќ, продолжиле да патуваат и за два дена стигнале во селото Герман, а следната ноќ без да знаат ја преминале југословенската граница. Кога се разденило, наишле на жени од Југословенскиот Црвен крст и кога ги виделе онака гладни и боси и тие почнале да плачат. Ги нахраниле и ги повеле кон Битола.

„Тешкотиите при патувањето по студено време оставија видливи траги на децата. И по доаѓањето во Битола, нашите деца силно плачеа, исто како и во текот на целиот пат. Поголемиот број од нив повраќаа, на нас - жените од носење ни се отсекоа рацете и вратот, и рамената и имавме темни модринки по грбот и градите. Децата беа вошливи и валкани, затоа што не беа измиени цел пат, а патот беше долг над 100 километри и траеше осум дена. Очите им беа крвави, а од облека имаа само искинати работи“, раскажува „мајката“ Лена Сулевска.

Слично е и кажувањето на Елена Ефтова од село Турје, исто така, од Леринско, која побегнала од селото со 114 деца. „Монархофашистите со топови го бомбардираа селото. Целосно уништија шест куќи, а 34 куќи потполно изгореа. Тогаш упаднаа во селото, го ограбија и притоа истераа 500 овци, а ние сето тоа го гледавме скриени во планината. Наши борци немаше, а бесот монархофашистите го истурија тепајќи неколку затекнати граѓани во селото. При бомбардирањето на селото едно дете по име Лефтерија Донева, стара 10 години, беше погодена во градите и ранета во стомакот. Така тешко ранета, ја ставија во подрумот на куќата, додека траеше бомбардирањето. По бомбардирањето го зедовме девојчето од селото, но тоа во планината ни умре во страшни маки, и кај селото Рула ја погребавме. Мајката на ова девојченце, исто така, избега со нас, но подоцна се изгубивме и не знам каде е сега“, раскажува Ефтова.

Василка Делова од Лаген побегнала со уште две жени и една девојка, водејќи 71 дете. „Додека траеја нападите на владините трупи, се криевме во рововите ископани надвор од селото. Во селото доаѓавме ноќе, по храна. Кај селото Кономлади се приклучивме на втората голема група, со која побегнавме во Југославија. И по пет месеци децата, иако се сместени во дом, не можат да се ослободат од стравот доживеан при нападот на селото и тешкотиите и маките при повлекувањето, односно бегството од воениот пекол“, вели таа.

Јордана Јанчова, од село Трсје, кај Лерин, по загинувањето на нејзиниот сопруг, останала сама со петте деца. Плашејќи се дека и неа ќе ја убијат, одлучла да побегне преку границата. „Тогаш мајките од селото ми ги доверија и нивните деца за да ги спасам од стравичното бомбардирање на американските, англиските и грчките авиони“, раскажува таа.

„Така дојде и тој црн ден - 24 март 1948 година. Во вечерните часови почна драмата на разделба. Кај училиштето во моето село Рудари собравме околу 100 деца, поделени во групи од по 25, а на една од нив одговорна бев јас. Меѓу овие дечиња беа и моите две помали братчиња - Васил и Гоче. Ги натоваривме на запреги и тргнавме. По запрегите трчаа мајките и им ги кажуваа последните пораки на своите чеда... Сандра, запамети ја мајка... Хрисула, ќерко, немој да ми плачеш ќе се вратиме... Коста, внимавај на себе, сине“, раскажува „мајка“ Стоја Јанковска, која била со првата евакуација на 500 деца.

Кон полноќ стасале во Герман, а на 25 март изутрина, тргнале кон Бела Вода на југословенско-грчката граница, каде што се состанале со другите групи од селата Герман, Медово, Рабин, Штрково и цел ден се криеле од авионите. Тука ги стасале тројца водичи и им донеле погачи и сирење, последен поздрав од мајките.

„Квечерината, кога веќе немаше црни ’птици‘ по небото, што цел ден безуспешно не' бараа, тргнавме кон границата, кон прагот на толку саканата слобода! Стасавме на една широчина, децата ги собравме во куп, ги легнавме и ги покривме со што можеме и имавме - партали, шума, гранки. Јас и некои други од групата водичи, тргнавме да ги бараме нашите граничари“, раскажува „мајка“ Стоја.

Откако стасале во Долно Дупени и Љубојно, со камиони биле префрлени во Браилово каде што биле качени на воз и стасале во Скопје. „На перонот на старата железничка станица во Скопје беше приреден топол и срдечен пречек за дечињата од Егејска Македонија. Тие слегуваа од возот на куса починка, а тетките во бело, жените во Црвениот крст и од АФЖ, им даваа на дечињата бонбони, првпат во нивниот живот. Каква радост беше тоа! Малите мои не знаеја дека треба да се одвитка бонбоната од хартијата...“, раскажува „мајка“ Стоја и посебно нагласува дека и покрај извонредните услови за живеење и за работа, и покрај најголемата грижа што им ја давале на децата, сепак, кога тие потпораснле, плачеле и си ги барале мајките, татковците, браќата и сестрите.

„Подоцна, кога била донесена одлуката да се спојат семејствата, ги баравме родителите на децата, преку амбасади или конзуларни претставништва, преку Црвен крст и преку прашување. „Пишувавме писма, на многу добивавме одговори. Така почнуваше преписката на дечињата со својата мајка, татко, сестриче, братче“, вели „мајка“ Стоја.

(Продолжува)

No comments: