December 28, 2012

Нема национална слобода без демократски и социјални права

НЕМА НАЦИОНАЛНА СЛОБОДА БЕЗ ДЕМОКРАТСКИ И СОЦИЈАЛНИ ПРАВА НА РАБОТНИКОТ И СЕЛАНЕЦОТ

Лазар Колишевски

Кога зборуваме за успесите на нашите народи во текот на Народноослободителната борба под раководството на Комунистичката партија, ние никогаш не ја губиме од предвид борбата и улогата на работничката класа, и успесите што таа ги постигна благодарејќи на својата пожртвувана борба против бившите режими на Југославија.


Слободата на нашите народи, слободата на Македонија, е извојувана благодарејќи на борбата токму на основните маси од градот и селото, на работникот и селанецот. Националната слобода на еден народ без да има слобода работникот и селанецот, без тие да имаат полни демократски и социјални права, не е никаква слобода. Значи, не е суштествена само националната слобода за еден народ, но е суштествено токму она основното при таа национална слобода — да имаат полна слобода работникот и селанецот и другиот работен народ и да учествуваат во управувањето на државата.

Денес ние имаме национална слобода, и тоа вистинска национална слобода; нашите народи навистина се слободни, бидејќи работникот и селанецот се слободни. Денес ние имаме таква власт, која навистина им одговара на потребите и интересите на широките народни маси од градот и селото, им одговара на интересите на нашата работнинка класа и на селанството. Тие успеси постигнати во четиригодишната борба под раководството на Комунистичката партија се должат токму на тоа што Комунистичката партија ги имаше предвид општонародните и националните интереси. Борејќи се за тие интереси, таа се бореше за правата на работничката класа, за трудбениците од селото и градот.

Борбата на нашите народи успеа затоа што во неа беше првоборец работничката класа на чело со својот раководител — Комунистичката партија. Таа успеа затоа што македонскиот народ беше единствен, затоа што ние во сиот нејзин тек не бевме изолирани онака како што беа изолирани нашите татковци за време на Илинденското востание, кои војуваа сами со сопствени сили против Турците и сметаа само на својата сопствена вооружена борба и притоа беа издадени од некои свои „водачи“. Во оваа борба македонскиот народ ја имаше поткрепата и сојузништвото на сите народи на Југославија. Негови сојузници беа сите слободољубиви народи на чело со Советскиот Сојуз.

Искуството од 11 октомври, од нашата борба, нè учи дека ние победувавме затоа што бевме единствени и затоа што успеавме да го изградиме единството меѓу работникот и селанецот, занаетчијата и интелектуалецот, т.е. единството на сите патриоти — тоа нè учи и денес, кога стоиме пред важни и судбоносни задачи, дека треба да одиме заедно. Тоа е нашата основна линија, тоа е линијата на Единствениот фронт, која се изгради во текот на нашата борба и за чие изградување беше пионер токму работничката класа. И токму работничката класа во моментот на изградувањето на нашата татковина, во решавањето на проблемите што стојат пред нашата народна власт, треба да оди рамо до рамо со нашето селанство и работна интелигенција. Само преку тој сојуз на работници и селани изграден во текот на борбите, ние ќе можеме да одиме понатаму смело и незастрашливо кон посреќна иднина.

Денес има луѓе кои сакаат националното чувство на нашиот народ, кој за првпат во својата историја ужива национални и демократски права, да го искористат со демагошки пароли и маневри за да прават капитали и да го шовинизираат тоа чувство за да го насочат нашиот народ против српскиот народ, против бугарскиот и другите народи. Работничката класа секогаш се бореше за чисти и јасни позиции, секогаш била против тие што сееле омраза, било национална, било верска. Ние знаеме дека борбата против шовинизмот е една од основните задачи на нашата работничка класа, на нашиот народ, за успешно изградување на нашата земја.

Во Народноослободителната борба, ние го урнавме господството на големосрпската хегемонистичка клика на чело со кралот. Ние создадовме вистинска народна власт, во која еднакво учествуваат работници, селани и нашата народна интелигенциј а, како и сите чесни патриоти. За првпат работничката класа на Југославија има свои министри, има свои одборници и непосредно учествува во власта, во изградувањето на нашата народна власт, таа за првпат е гоеподар на својата судбина и ги решава проблемите онака како што диктираат нејзините и општонародните интереси.

Денес ние знаеме, како што знаете и вие самите, дека економската положба на нашите работници, на широките народни маси, се уште не е таква каква што сите ние би сакале да биде. Но не сме виновни ние. Таквата положба е последица од оваа војна, последица од разурнувањата направени од окупаторот, како и последица од експлоататорската политика на долгогодишните противнародни режими. Но едно знаеме а вие тоа го увидувате, дека власта прави сè што може и дека од ден на ден положбата, макар полека, оди кон поарно, таа се поправува. Денес нашата политика е токму таква да се задоволат потребите на тие кои најмалку имаат а тоа се потребите на работниците и селанството.

Денес, имајќи ги сите политички и демокоатски права, вие слободно се организирате во вашите седикати, учествувате слободно и активно во политичкиот живот, во Народниот фронт, во непосредното изградување на нашата власт, а тоа е гаранција дека утре ќе биде подобро. Ние не можеме да ветуваме златни ридишта, како што рече маршал Тито, но ние знаеме дека токму со вашите усилби и напори во производството и со натпреварувањето ќе ја подобриме општата материјална положба. Колку повеќе се работи и се произведува, толку повеќе ќе имаат нашите работници и нашите најшироки народни маси.

...

Ние по неколку дена ќе го славиме 11 октомври, ќе направиме биланс на досега постигнатите успеси. Но, ќе ги видиме и нашите слабости. Исто така ќе треба, токму во врска со 11 октомври, да ги мобилизираме сите наши сили за претстојните парламентарни избори. Тие избори не треба да ги потценуваме. Оти токму таква опасност постои кај нас, иако нема јасно формирана опозиција, како што е во Србија на чело на која стои Грол. Небудноста спрема намерите на реакцијата може да ги приспие нашите работници и нашите широки народни маси и да не излезат сите до еден да гласаат. Многумина од вас ќе си речат: „Па сеедно, ние ќе добиеме. Нема опозиција, секако ќе добиеме“.

Другари, такви сфаќања треба да се сузбиваат. Ние мораме да гласаме, особено вие, работниците, како најсвесни синови на својог народ треба сто на сто да гласате. Не треба меѓу вас да има такви што не ќе излезат на избори, што не ќе се сетат за својот долг спрема својата класа и народ, спрема Демократска Федеративна Југославија.

Ние другари, на претстојните избори нема да го решаваме прашањето за република или монархија, т.е. за кралот. Тоа прашање за нашите народи, за народите на Југославија е решено во текот на четиригодишната борба. Во врска со тоа се поставува задачата, на претстојните избори до максимум да ги мобилизираме нашите сили и сите да излеземе на изборите, да не дадеме ниту еден глас со нашата апстиненција за опозицијата, оти секое апстинирање, секое негласање, неизлегување на гласачките места, ќе се толкува од реакцијата како тие гласови да се против нашата народна власт. Другари, вие таа предизборна кампања треба да ја спроведете во знакот на засилено производство. Тоа е долг спрема вашата татковина. Оти, ако некој прв треба да се заложи за изградувањето и обновата на нашата земја, треба да се заложи токму работничката класа.

Говор на предизборната конференција на монополските работници во Скопје, одржана на 8
октомври 1945 година. 

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска библиотека]

No comments:

Post a Comment