ВО „РЕШАВАЊЕТО“ НА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ ПОРАНО НЕ СЕ ВОДЕШЕ СМЕТКА ЗА ЖЕЛБИТЕ И ИНТЕРЕСИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД
Лазар Колишевски
Стара Југославија, како што е познато, уште од самиот почеток ја раздираа три битни прашања што бараа неодложно решавање. Тие беа: прво — прашањето за внатрешното уредување на државата; второ — аграрното прашање, и — трето — националното прашање. Југословенските народи беа животно заинтересирани за правилното решавање на сите овие прашања, сметајќи и очекувајќи дека со тоа ќе се создадат услови за подобрување на нивната положба и за слободен национален развиток во новата заедничка држава. Меѓутоа, великосрпската владеачка клика на чело оо Караѓорѓевиќевата династија набргу ги проигра идеалите и стремежите на југословенските народи за обединување и создавање заедничка држава врз принципите на националната рамноправност, воспоставувајќи своја хегемонија и крајно реакционерен режим. И затоа борбите на народите на Југославија против таквите основи на нивниот заеднички живот во новата држава, започнаа веднаш по создавањето на стара Југославија.
Комунистичката партија прва го подигна прашањето за федеративното уредување на државата, за решавањето на аграрното и националното прашање онака како одговараше на основните интереси на народните маси. И не случајно македонскиот народ на изборите за Конституантата во 1920 година во такво огромно мнозинство ги даде своите гласови токму за Комунистичката партија (14). Под раководството на КПЈ нашиот народ водеше цели 23 години жестока борба за слобода и национална рамноправност.
Нашиот народ на повик од Комунистичката партија на Југославија се дигна на 11 октомври 1941 година на вооружена народноослободителна борба. Како резултат од таа борба, благодарејќи на учеството во таа борба на сите народи на Југославија, — со победата над фашизмот се отстрани еднаш за секогаш класното владеење на реакционерната буржоазија и монархијата и денеска, стоејќи пред изборите од 11 ноември, и формално ќе се реши прашањето за монархијата. Благодарејќи на таа борба и како резултат од неа, се воспостави вистинска народна власт, власт на работниците и селаните, власт на сите вистински прогресивни патриотски сили на земјата. Една од придобивките на таа борба е и создавањето на нашата силна Народна армија, чиј што команден состав се создаде од најдобрите синови на нашиот работен народ. Тоа е гаранцијата дека нашиот народ ќе ги зачува придобивките од оваа наша борба и дека ќе оди напред. Ако ги погледаме нашите одбори, ќе видиме дека тоа не се веќе полициски жандармски општини, туку вистински народни одбори кои се изборни органи на власта на самиот народ. Денеска токму таквите институции, таквиот државен апарат потпрен врз основните народни маси и составен од нивните најарни претставници, — се гаранција дека нема веќе да се повтори старото.
Како се гледаше во минатото на борбите на нашиот народ, како се гледаше на разрешувањето на македонското прашање? До 1918 година се гледаше на тоа прашање како на чисто политичко прашање и со него се правеа разни комбинации и компромисни спогодби во кои македонскиот народ служеше само како ситна пара за поткусурување. Најмалку сметка се водеше за фактичките желби и интереси на македонскиот народ. Нашиот народ во разни ситуации бараше соодветни патишта и начини за решавање на своето национално прашање и државно конституирање. И оттука произлегуваа разните лозинки и модуси за решавање на македонското прашање во зависност од определените историски околности. Така лозинките на нашето национално ослободително движење за слободна Македонија, за автономна Македонија во рамките на балканска федерација и сл. ги изразуваа интересите и стремежите на нашиот народ во поодделните етапи на неговата ослободителна борба. Во таквите лозинки се гледаат усилбите на нашиот народ решавањето на своето национално прашање да го задржи во свои компетенции, а да го реализира во дадените објективни историски услови, обезбедувајќи си што поширока поддршка пред сè кај југословенските и балканските народи. Во таа смисла денеска, при новите околности, македонското национално прашање уште помалку може да биде предмет на разни комбинации што какви било политички сили надвор и покрај нашиот народ ги мудруваат, а најмалку на такви потфати во кои се игнорира таков еден историски факт, дека македонскиот народ со сопствена вооружена борба, во заедница со другите југословенски народи, го реши тоа прашање во рамките на Демократска Федеративна Југославија. Со создавањето на федерална Македонија се исполнија вековните стремежи и националните идеали на нашиот народ.
Меѓутоа, светската реакција се уште продолжува да им дава инјекции на некои реакционери во Бугарија, па и на такви кај нас, со цел да го разбие единството на нашиот народ, да ја минира Демократска Федеративна Југославија, да го разбие сојузот меѓу ДФЈ и ОФ Бугарија, па и единството на ОФ, поттикнувајќи ги на фабрикување меморандуми за некаква нова, вештачка, не знам каква „обединета федеративна Македонија“, која би била под протекторатот на големите сили.
Ние оттука изјавуваме дека обединувањето на Македонија е наш вековен стремеж, вековен идеал на нашиот народ. Но, такво обединување за какво реакцијата демагошки ее застапува, обидувајќи се да се уфрли во односите на Балканог за да ги оневозможи новите процеси на политичкиот развиток на народите на Балканот, ние — нејќеме. Во меморандумот се вели дека таа „самостојна независна Македонија“ , под протекторат на големите сили, требало да биде устроена врз федеративни начела. Значи, ние од Вардарска Македонија ќе претставуваме една федерална единка, Егејска Македонија друга и Пиринска Македонија трета. Бидејќи меморандумот говори дека сите ние „македонски Б’лгари“, очигледно е дека со таквото „обединување“ ние треба да станеме жртва на едно ново поробување.
Додека во другите земји, конкретно бугарската реакција, како и реакцијата меѓу македонската емиграција, се мачеа да го одречат правото на македонскиот народ на негова национална самобитноет и „теоретизираат“ дали има македонска нација или нема — ние Македонците во Југославија, како резултат од нашата борба, извојувавме вистинска национална слобода и денеска стоиме цврсто врз тие придобивки. Ќе ги оставиме настрана сите оние што се мачат и оние што теоретизираат дали има или не македонска нација и понатака нека го продолжат тоа теоретизирање и полемизирање, а ние тука ќе ја градиме федерална слободна Македонија во Титова Југославија. И токму со тоа изградување на нашата македонска државност, со натамошниот развиток на нашата национална самобитност — ние ќе ги удриме по нос сите тие „теоретичари“ што сакаат да ја вратат историјата назад и да претстават оти ние не сме нација. А тие „пријатели“ кои викаат дека во Македонија нема слобода, дека во положбата на Македонија немало никаква промена од бившата Југославија — нека повелат да дојдат и да видат: дали сме ние Вардарска бановина, или сме слободна рамноправна единка во Демократска Титова Република Југославија. Целокупниот наш натамошен развиток и постигањата во слободното творештво на културно-национален план ќе бидат најубедлив доказ за неоснованоста и тенденциозноста на сите вакви „теории“ зад кои всушност се кријат старите завојувачки апетити спрема Македонија.
Во Бугарија разни мушановци, пастуховци (15) говорат меѓу другото и за „стремежите на македонскиот народ“ (а под стремежи на македонскиот народ таа реакција ги разбира своите стремежи, империјалистички и реакционерни), говорат дека „денес Македонија е сè уште бугарска“ , говорат дека во Бугарија немало демократска власт, а исто така дека ја немало ниту во Југославија и дека македонскиот народ не бил слободен.
Јас бев во бугарски фашистички затвор три години, па знам дека тој истиот Мушанов беше еден од оние „демократи“ кој гласаше, непосредно пред капитулацијата на Бугарија, како депутат на опозицијата во бугарското Народно собрание, во цар Борисовото собрание, против амнестијата на политичките затвореници, против оние чесни Бугари и југословенски родољуби кои беа по затворите. Тој истиот Мушанов гласаше за извлекувањето на бугарската војска од Србија, а пак истовремено гласаше за кредит за продолжување на борбата против, партизанското движење во Македонија. Ете кои се тие демократи на Бугарија.
Бугарските реакционери, денешната таканаречена опозиција во Бугари.ја, имаат допир и со нашата опозиција на чело со Грол. Тие денеска имаат активна поткрепа и од страна на меѓународната реакција. Јас тука не го вбројувам англискиот и американскиот народ кои се бореа заедно со Црвената армија против фашизмот, но ги имам предвид оние реакционери во Англија и Америка кои и даваат инјекции на нашата реакција за да плете интриги против народната власт и против придобивките на нашата Народноослободителна борба. Денеска таа опозиција апстинира од изборите, апстинира затоа што знае дека не може да добие на овие избори. Но токму тоа апстинирање ќе ја ликвидира наполно опозицијата кај нас.
Денес заради ваквите махинации на оваа малубројна опозиција се јавува кај одделни луѓе некаков страв од враќање на старото, страв од некаков српски шовинизам. Јас тврдам дека е тој страв безразложен, бидејќи самиот карактер, како што кажа другарот Тито на нашата власт е таков, што нема ниту еден чесен работен човек во Демократска Федеративна Југославија кој да е против слободата и рамноправноста на македонскиот народ, против неговите национални и демократски права, како и против правата и слободата на другите народи на Југославија.
Говор на предизборниот митинг во Битола одржан на 14 октомври 1945 година.
[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска библиотека]
No comments:
Post a Comment