December 19, 2012

Македонската емиграција во Бугарија 2

Македонската емиграција во Бугарија и афирмацијата на македонската национална посебност во периодот на формирањето на АСНОМска Македонија.

Виолета АЧКОСКА

Современата македонска историографија по повеќедецениско градење на бројни стереотипи и предрасуди, наметнати од политиката, до крај не се зафати со овој проблем, а бугарската историографија речиси константно ги толкува македонско-бугарските односи како пропагатор на големобугарските санстефански идеали. Во функција на сонот за Санстефанска Бугарија се и многубројните научни трудови на современите бугарски историчари за кои постои наводен македонски народ, производ на Коминтерната и на титовата политика. Негирајќи ја историската вистина за постоењето на македонскиот народ и на македонската национална свест која се оддржала и по сите насилства, пропаганди, делби, етнички чистења и асимилации што беа вршени врз Македонците на Балканот, овие историчари дури и сојузништвото на Царска Бугарија со нацистичка хитлерова Германија го претставуваат како некаков несреќен след на околностите.5 Според нив, бугарско-германскиот сојуз во Втората светска војна бил вешто искористен од Тито, за да ја пласира македонската нација и да учествува во создавањето на Демократска Федерална Македонија како конститутивен елемент на југословенската федерација.6 Тие тврдат дека високиот меѓународен престиж на Југославија и Тито кон крајот на Втората светска војна, им овозможил да наметнат теза дека „во почетокот на векот, населението во трите дела на Македонија (Пиринска, Вардарска и Егејска) е одделна македонска нација, која има право да се обедини и државно конституира во рамките на Југославија. На 2 август 1944 е направен првиот чекор: создадена е Народна Република Македонија (НРМ) (создадена е ДФМ, б.м.) како член на југословенската федерација. Во текот на септември-октомври 1944 година Белград и Скопје ги користат тешкотиите на Бугарија, за да го подготват и следниот чекор: присоединување на Пиринска Македонија кон НРМ“.7

Оценувајќи го создавањето на современата македонска држава според критериумите на големобугарските политички потреби, овие бугарски историчари го премолчуваат фактот дека далеку пред Коминтерната многу нивни интелектуалци и врвни политичари јавно ја признале посебноста на македонскиот народ.8 Тие молчешкум преминуваат и преку фактот дека благодарение на титовите заложби, Бугарија наместо да биде казнета како агресор и учесник на страната на нацистичка Германија во текот на Втората светска војна, помина речиси неказнето. Нејзината територијална целост остана недопирната, а авнојска Југославија и ги прости репарациите кои требаше да ги плати според мировниот договор. Тоа секако, во крајниот биланс, беше на штета на обновата на инфраструктурата и стопанскиот живот во Народна Република Македонија, но, на штета и на разрешувањето на македонското прашање.

Факт е дека речиси за целиот период од превратот на 9-ти септември 1944 до 12 февруари 1947 година, до потпишувањето на Мировниот договор, Бугарија имала безрезервна силна поддршка од Југославија, со која на 5 мај 1945 година биле воспоставени редовни дипломатски односи. Пред и за време на Париската мировна конференција Југославија еднакво доследно и решително ги бранела бугарските државни интереси како и словенечките, хрватските и српските национални интереси во односите со Италија, Австрија и Унгарија, што не било случај и со македонските национални интереси. Целосното решавање на македонското прашање титова Југославија не го постави на мировната конференција. Ова прашање, честопати, за Тито (како и за други надворешни сили и политичари) претставуваше средство за остварување на одделни политички интереси. Од друга страна, пак, во истовреме, бугарското раководство покажало завидна политичка умешност.9 Тоа ја искористило титовата заинтересираност за создавање поширока јужнословенска федерација и издејствувало, многу битна во тие услови, согласност за учество во завршните воени дејства (овој пат во антифашистичкиот табор) против германските воени сили во Југославија и Македонија.10

Продолжува

5 Бугарска влада и династијата со царот Борис III ја приклучиле Бугарија кон Тројниот пакт со Договорот од 1 март 1941 година, со што Бугарија ја задржала целоста на државата и формалната независност, но, фактички потпаднала под целосна економска и политичка зависност од Германија. Бугарија била вклучена во окупирање на делови од соседните земји: Југославија (Србија, Македонија) и Грција (Беломорска Македонија).
6 Дел од бугарската историографија смета дека во „Повардарието“ се устроила „некаква нова државност“ што го носи „името Македонија“. Заборавајќи ја улогата на Бугарија во периодот од 1941-1944 година, како сојузник на нацистичка Германија, некои историчари го нагласуваат
учеството на бугарската армија, по септември 1944 година во ослободувањето на Македонија од туѓинска окупација (Г. Юовчева, Изселниците от Македония и политиката на ЮКП в Повардарието 1944-1946 г., Военноисторически сборник, год. LXVIII/6, София, ноември-декември 1999, 31-50).
7 Е. Калинова, И. Баева, Българските преходи 1944-1999, Тилиа, София 2000, 41.
8 Види: В. Ѓорѓиев, Неофицијални ставови од официјални бугарски личности и институции за македонскиот идентитет од крајот на XIX и почетокот на XX век, Годишен зборник на
Филозофскиот факултет, книга 62, Скопје 2009, 253-264.
9 Во екот на меѓусебните напади меѓу КПЈ и БКП за време на судирот со ИБ, во летото 1949 година, Јосип Броз Тито ќе ја даде следнава изјава: „Ние по војната настојувавме да создадеме со бугарскиот народ, преку бугарската влада, најдобри односи. ... Дојде Бледската спогодба. И тука ние настојувавме да прекинеме навистина со старата пракса и на марксистичко-ленинистички начин дефинитивно да го решиме македонското прашање како целост т.е. македонскиот народ не само во Вардарска, но и во Пиринска и Егејска Македонија да добие право самиот да решава за својата судбина. Но и на Блед имаше пазарење... Но, тогаш бугарските раководители мораа да се сложат на тоа, иако не целосно бидејќи беа против тоа да се присоедини Пиринска Македонија веднаш кон Вардарска Македонија - својата голема матица, туку тоа го одложија за подоцна, кога ќе дојде до федерација меѓу Бугарија и Југославија. Ние моравме да се сложиме на таквата нивна желба, но во исто време, упорно останавме при тоа, македонскиот народ во Пиринска Македонија да ги има сите права на целосен културен развиток како и во Вардарска Македонија, народот од Пиринска Македонија да биде духовно наполно обединет со своите браќа во Вардарска Македонија...Така тогаш ние ја поставивме работата и со тоа тогаш се согласија бугарските раководители....”. (Говори на Маршал Тито, говор од прославата на петгодишнината на Народна Република Македонија, „Култура“, Скопје 1949, 8-9).
10 М. Миноски, Македонија и Бугарија, историски соочувања, Скопје 2008, 209-217.

No comments: