На неколку километри североисточно од Крива Паланка, сместен на падините на Осоговските Планини, се наоѓа манастирот Свети Јоаким Осоговски; познат и како Сарандол – име добиено според местото каде што е изграден. Во рамките на манастирскиот комплекс се наоѓаат двата манастирски црковни храмови; едниот посветен на Св.Јоаким Осоговски, а вториот на Света Богородица.
Изградбата на манастирот е тесно поврзана со животот на еден од тројцата најпознати пустиножители во Македонија во XI век – Свети Јоаким Осоговски. Во житието на споменатиот светец, чијшто најстар препис се датира од XV век, се вели дека за време на владеењето на византискиот император Манојло Комнен (1143 – 1180) некој свештеник по име Теодор, родум од Овчеполско, откако се замонашил и го добил монашкото име Теофан, со помош на месното население ја изградил манастирската црква посветена на Св. Јоаким во која биле пренесени моштите на светецот. Податоци за манастирот има и во изворите од времето на бугарскиот цар Калојан (1196 –1207), а, пак во друг подоцнежен извор од XVI век (Карловачкиот летопис) се вели дека српскиот крал Милутин е тој кој ја изградил манастирската црква. Во редот на владетелите кои превземале реставраторски работи во манастирот се вбројува и Константин Дејановиќ – Драгаш – локален властелин од крајот на XIV век. Изворите сведочат и за посетата на османлискиот султан Мехмед II на манастирот за време на неговиот пат за Босна.
Првите сериозни тешкотии манастирот ги доживува во втората половина на XV век, период на зацврстување на османлиската власт во Македонија и Балканот. За ова сведочи податокот според кој претставници од монашката заедница на манастирот Св. Јован Осоговски, во 1474 година отпатувале во Дубровник да бараат материјална и секаква друга помош. Кон крајот на истата година или поточно на 19-ти декември 1474 година Советот на Дубровничката Република му доделува помош на манастирот во износ од 20 златни перпери.
Стотина години подоцна, во 1585 г. земјотрес ги оштетил манастирските објекти. Ова било причина игуменот на манастирот да побара помош од Москва за санација на штетите од земјотресот.
Во XVII век манастирот повторно економски зајакнал. Тоа е периодот кога манастирот го посетиле Евлија Челебија, Хаџи Калфа, а во 1683 и 1686 година и српскиот патријарх Арсение III Черноевиќ.
Во XVIII век манастирот повторно се нашол во лоша економска состојба. Дури во средината на XIX век доаѓа до обновување на монашкиот живот во него. На иницијатива на Хаџи Стефан Бегликчијата од Крива Паланка, на местото на старата руинирана средновековна црква отпочнала изградбата на новата црква посветена на Св. Јоаким Осоговски. Почетокот на овие градежни работоти се датира во 1847 г., а истите биле завршени во 1851 г. кога всушност била осветена манастирската црква. Се смета дека црквата ја градел мајсторот Андреја Дамјановиќ, а 33 години по изградбата на храмот, зографите Мирон Илиев, Аврам Дичов и Грегорие Петрович сите од с. Тресонче, го живописале средното кубе над тремот од западната страна на црквата. Натамошното живописување му било доверено на Димитар Андонов Папрадишки, кој во повеќе наврати во 1884/85/86 целосно ја насликал внатрешноста на храмот.
Во рамките на манастирскиот комплекс се наоѓа и втората манастирска црква посветена на Св.Богородица. Сè уште постои полемика околу нејзиното прецизно датирање; во XIV век или во XVI – XVII век.
Манастирот располага и со трикратен конак. Неговата изградба започнала во 1864, а завршила во 1905 година. Дел од конакот настрадал во 1918 година.
Историјатот на манастирот е тесно поврзан и со културно – просветната преродба на овие простори. Во манастирот, на црковна поука и дошколување доаѓале голем број монаси од разни краеви на Македонија и пошироко. Меѓу нив, и Јоаким Крчовски.
Она со што плени овој манастир е неговата местоположба: вистинско место за пронаоѓање на духовниот мир и спокојство. Од тука со право констатираме дека од времето на неговата изградба, па се до денес, манастирот претставува духовен центар во поширокиот регион на Крива Паланка.
Д-р Драган Зајковски
Објавно во Македонска Ризница, број 3

No comments:
Post a Comment