November 23, 2012

Создавање и активноста на ВМРО до Илинденското востание 6. дел

Иван Катарџиев


Двегодишната револуционерна практика, шовинистичките пропаганди на соседните балкански држави, оружената акција на бугарскиот дворец во 1895 година веќе јасно укажуваа дека патот кон слободата на македонскиот народ води само преку револуција која ќе го измени не само општествено-политичкиот и социјалниот систем во земјата, туку и ќе ја подигне свеста на македонскиот роб за неговата сопствена вредност. Отсега натаму таа ќе биде средство како против ропството и тиранијата, так а и против „шовинистичките пропаганди и националните караници што го обессилувале македонското население во неговата борба против општиот непријател“ (чл. 2 од Уставот).


Прокламирајќи ги принципите на сувереноста и на автономијата како непосредна цел на борбата, ТМОРО ги фиксира патиштата на својот државноправен развиток. Таа ја постави основата на својата сопствена политика спрема разнородните внатрешни и надворешни фактори: црковните и училишните управи, туѓите пропаганди, соседните балкански државички итн. Со еден збор, во интерес на борбата за постигање широки политички права, таа си постави задача да води таква самостојна политика која ќе ѝ овозможи да ги гради основните елементи на идната македонска државна организација.

Решенијата на Солунскиот конгрес го заокруглија револуционерниот лик на Внатрешната организација. Нејзините врати беа отворени за широките народни маси, за сите револуционерни сили без разлика на верската и националнага припадност. Во иднина Организацијата ќе стане вистинска народна револуционерна сила.

На Конгресот во Солун Македонија беше поделена на 6 револуционерни округа со по неколку околии: Солунски, Битолски, Скопски, Штипски, Струмички и Серски, покрај Одринскиот кој е надвор од Македонија. За седиште на ЦК беше одреден Солун.

Подоцна, практиката наложи оваа поделба да се измени и од 6 окрузи беа формирани 5 и тоа: Солунски, Битолски, Скопски, Струмички, Серски и Одрински. Покрај тоа, беше решено да се формира задгранично претставништво на Организацијата, составено од 2—3 членови кое ќе ја претставува во туѓина.

Погледнат во целина, Солунскиот конгрес на ТМОРО претставува пресвртница во натамошниoт развиток на македонското национално-револуционерно движење. Неговите решенија ги отстранија пречките за масовизирање на движењето и во голема мера придонесоа за конкретизирање на целите на револуционерната борба. Така тој отвори нови перспективи за борбата. Пред се, со широкото отворање вратите на Организацијата не само што се овозможуваше нејзино масовизирање и претворање во општонародна организација на сите угнетени во Македонија, туку се создаваа услови и за ширење на нејзината идејна база. Прокламираната идејна толеранција, пак, ги отвори вратите за благовремено струење на социјалистичките идеи и за вклучување на македонските социјалисти како група и поединци во револуционерното движење.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

No comments:

Post a Comment