November 21, 2012

Создавање и активноста на ВМРО до Илинденското востание 4. дел

Иван Катарџиев


Револуционерната логика и потребите наложуваа да се напушти тесниот карактер на движењето. Беше потребно во неговите редови да се вовлече огромната селанска маса. Влегувањето на Гоце во редовите на Организацијата точно се совпаѓа со овие потреби на движењето. Уште во првите дни од престојувањето во Штип, Гоце го сврте своето внимание кон селанската маса. Брзо се ослободи од дотогашната практика на поединечно примање во членство. На луѓето им пристапуваше смело, отворено, со доверба. Тоа го подигна самочувството и Организацијата се ширеше брзо. Притоа се ползуваа најразлични форми за привлекување нови членови. Црковните дворови беа идеално место за ширење на револуционерната пропаганда. Неделните училишта за возрасните претставуваа незаменливи места за револуционерно просветување на луѓето. Летните распусти овозможуваа крстосување по блиските и далечни села и вовлекување цели села во движењето. За упатување во тајните на движењето, за насрчување за ширење револуционерно просветна пропаганда се држеа многубројни предавања. Најчесто се посочуваа искуствата на соседките народи. Се укажуваше на примерите на туѓите национални револуции, се учеше од биографиите на големите револуционери како што се Гарибалди и други.


Оваа практика брзо ги покажа своите резултати. Организацијата ги „прескокна“ градските ѕидишта. Ја опфати непосредната околина на Штип и се ширеше натаму. Навлезе во соседните поголеми центри — Радовиш и Виница. Штип стана значаен центар на револуционерната пропаганда и практика. Овде случајот сакаше да се сретнат двете најмаркантни фигури на револуционерното движење: Даме Груев и Гоце Делчев. Едниот систематичен, одмерен, трпелив, истраен, логичен, другиот отворен, искрен, простосрдечен, дружељубив. Нивната средба во Штип имаше капитално значење за натамошното развивање на револуционерната организација и за изградување на нејзината физиономија. Штип стана „опитно поле на револуционерната педагогика“.

Едновремено со постигнувањето на првите охрабрувачки резултати македонската револуционерна Организација во 1895 година беше исправена пред првите посериозни пречки наметнати од надворешни фактори, од бугарската надворешна политика.

Иако со недоволно револуционерно искуство и уште под влијание на револуционерниот романтизам на своите основачи, со појавата на првите уфрлени чети од страна на таканаречениот „Македонски комитет“ од Софија, кој беше орудие на бугарскиот дворец, Организацијата, водена од својот револуционерен инстинкт, зазеде категорично негативен став кон нив. Поинаку и не можеше да се реагира кога последиците паѓаа врз нејзиниот грб.

Уште пред да дојде до инсценирањето на „Мелничкото востание“, во јуни 1895 година, Централниот комитет јасно му стави на знаење на набрзина формираниот „Македонски комитет“ во Софија.дека не можат и не треба да постојат два комитета, туку само еден и тоа Солунскиот. По испровоцираната четничка акција ЦК на Организацијата уште покатегорично му се спротивстави на Софискиот македонски комитет кој беше формиран како противтежа на Организацијата во Македонија. Централниот комитет на внатрешната организација бараше Македонскиот комитет во Софија да ја усогласи својата активност со целите и задачите на Револуционерната организација и меѓусебно да се почитуваат териториите. Тој инститираше во иднина Македонскиот комитет во Софија да не испраќа никакви чети ниту одделни вооружени луѓе во Македонија и Одринско, кога тие веќе само зло донесуваат и го пречат нормалното организирање на народот и засилување на Организацијата.

Внатрешната Македонска Револуционерна Организација предупредува, дека ќе биде безмилосна кон сите што не ги почитуваат нејзините закони и правилници, а исто така и кон оние што без нејзина согласност навлегуваат вооружени на нејзина територија.

Накусо речено, уште во самиот почеток на врховистичката акција, која се јавува како смислен притисок и уцена, Внатрешната организација зазеде решителен став да не допушта никакво мешање отстрана во нејзините внатрешни работи, предупредувајќи дека спрема оние, што нема да се сообразат со нејзините барања, ќе бидат преземени најстроги мерки.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

No comments: