November 20, 2012

Селаните од прилепската нахија се бунат во 1564 Година

Мариовци се бунтуваат против Царството. Султанова заповед од 3 октомври 1564 година со која се наредува да бидат фатени водачите на буната и казнети.

а) Селаните од прилепската нахија се бунат во 1564 Година

До скопскиот бег и прилепскиот кадија, заповед.

Ти, кој си кадија, си испратил писмо во кое соопштуваш:

Зимиите (190) Димитри Стале од село Сатока, поп Димитри од село Градешница, Мате Никола од село Бешиште, Стојан Пејо и поп Јако, од село Старавина (191) разбојници се, и поради нив зимиите од спомнатата нахија се побуниле и откажале послушност на шеријатот. Порано била испратена чесна наредба и било заповедано да се фатат, но овие не се дале в раце а исчезнале. Ако овој пат не бидат накажани, помеѓу неверниците од спомнатата нахија нема да се воведе ред и мир.

Поради тоа наредувам спомнатите зимии да бидат фатени.

Повелам, кога стигне мојава чесна заповед, да покажеш ревност и залагање за фаќањето на спомнатите зимии каде и да се тие. Сходно мојата порано издадена чесна заповед по ова прашање, да накажеш со смрт неколку лица од оние, кои според своите бунтарства и злосторства заслужуваат смрт, а неколку од нив да испратиш до мојот среќен праг за да се стават на галии. Ова прашање бара напори. Според тоа да привардиш. Да се чуваш овој пат од пропуст околу фаќањето на спомнативе бунтовници.

26 сафер 972 г. (З.Х.1564 г. од нашата ера).

Душанка Шопова, Македонија во XVI и XVII век, Скопје, 1955, стр. 16

190    Немуслимански поданик.
191    Села во прилепскиот дел на Мариово.

No comments:

Post a Comment