November 20, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 14

Славата, митот и крвта на ВМРО (14)

[Петар Чаулев и неговата чета имале огромно влијание во Охридско по Илинденското востание. Тие дури и преземале судски постапки на скарани селани од Македонија, главно, за имотни случаи]

Војводите биле и судии по селата

ВМРО не ги признавала судовите на Отоманската Империја и самата организирала судски процеси

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

ВМРО била држава во држава, со сопствено судство. Штом ќе се појавеле спорови меѓу селаните, најчесто таа ги решавала. Судии биле војводите, а селските попови и учители бранители. За неколку такви судења во Охридско говори и американскиот новинар Алеберт Сониксен, на кои лично присуствувал.

Судењата ги организирал војводата Петар Чаулев, а кога Сониксен го прашал дали имат писмена процедура му одговорил: „Зошто не? Јас не можам да ги разгледам како и да е. Еве, на пример, едно дело за земја. Едната страна е претставувана од попот, а другата од учителот. Пред дваесет и пет години Иван му дал на Стојана една нива на исполница. Пред десет години Иван посакал да му се врати нивата. Стојан откажал да ја врати, ако не му се плати од него направениот амбар, плодните дрвја што ги насадил. Тие се суделе во турските судови, но процесот продолжил се' додека се објави бојкотот на тие судови. Еве, делото, е заведено пред мене“, му објаснил тој.

Судењето се одржало во селското училиште. Охридскиот војвода наредил училишните клупи да се извадат надвор а тој седнал на гуната што ја спрострел на подот, месникот комитет и четниците ги зазеле местата крај ѕидовите, а селаните останале во средината на училницата.

„Имаше мошне многу тужители и тужени. Тие образуваа група од двете страни на судот. Останатите селани гледаа на заседанијата како на еден вид борба на два петла. Првото дело беше општинско и беше застапувано од месниот комитет. Порано аскерот доаѓал во селото и ја обложувал општината со шест лири за издржување на полициски станици, кои што да ги заштитуваат селаните од разбојници, кога одат на пазар во Охрид. ’Пред шест месеци тие дојдоа, рече еден од комитетот и не' тепаа по нозете, зашто не сме ги платиле тие пари. Тогаш беа дванаесет лири. Да ги оставиме ли сега да не' тепаат за шест лири? Дури и да беа шест пари, рече Петруш, јас ќе ве тепав, ако ги платевте. Во секој случај тие пак ќе ве тепаат, но вие не плаќајте ги тие шест лири. Штом ве тепаат, испратете делегација во Битола и поплачете им се на туѓите козули“, ги советувал Чаулев. „Труците си играат со тие полициски станици, ми рече Петруш настрана. Никакви полициски станици не се поставуваат. Парите одат во џебот на кајмакамот“, го пренесува Сониксен едно од судските дела за кои се расправало тој ден.

Истиот дена се решавал и случајот на една жена која барала развод. Се поплакувала дека не може да се спогодува со мажот, кој бил добар чоек, но меѓу нив немало согласност. „Јас речиси извикав од зачуденост: ’Та и кај нас за тоа се разведуваат‘. Ако по толку многу време не сте можеле да се погодите, рече Петруш и јас решавам да се разделите. ’Попе‘, му се сврте тој на селскиот поп, ’гледај да ја претставиш работата така што владиката да го одобри моето решение‘“, раскажува Сонискен.

Едно дело било кривично. Еден од селаните во едно друго село украл коњ. Откако Чаулев го осудил на дваесет удари со стап, му рекол: „Идната недела ќе земеш пасош и ќе заминеш за Бугарија. Тука ќе ти останат жената и децата. Јас ќе ти дадам едно писмо до претставниците на Комитетот во Софија, кои ќе ти најдат работа и така ќе го издржуваш своето семесјтво. До една година нема да се враќаш во Македонија. Ако извршиш некој престап и во Бугарија, ќе им ги предадам твојата жена и децата на твоите роднини и ќе ти ја изгорам куќата“, ги пренесува Сониксен пресудите на Чаулев.

Американскиот новинар цели три недели го следел подвижниот суд на Чаулев и тогаш ја фотографирал неговата чета. „Си ги разделивме стаклата меѓу нас, ветувајќи да си ги изработиме снимките и да ги испратиме еден на друг... Охридските момчиња ми се видоа многу интелегенти“, заклучува Сониксен.

Петар Чаулев има богата револуционерна дејност. Тој е познат охридски војвода кој учествувал во Илинденското востание. За време на Балканските војни со својата чета се борел за ослободување на Охрид, а бил еден од водачитете на малку познатото Охридско востание дигнато против Србите заедно со Албанците за време на Првата светска војна. Со Тодор Александров и Александар Протогеров го сочинувал Централниот комитет на автомистичката ВМРО и со нив ќе го потпише познатиот Мајски манифест, што ќе биде кобно за него.

Имал тесни врски со Советите. Во документите на советската дипломатија поместен е и еден записник од разговорот што тој го водел со советскиот претставник во септември 1923 година во Рим во кој стои: „Чаулев ми остави голем впечаток. Строен, висок, слаб, со огнени темни очи, во износен, дури подискинат костум, тој вистински личи на познатите балкански ’комитаџии’. Тој зборува аргументирано, огнено, во него се гледа виден агитатор на македонските села. Ако се потсетиме на дваесет и петте години негова револуционерна дејност и на седумдесет и едната смртна пресуда, тогаш сакаш да ги кажеш познатите историски зборови:- Тоа е човек“, пишува во извештајот советскиот претставник.

Д-р Владо Поповски вели дека Советите на Чаулев сметала како на „свој другар“. Тие планирале тој да го преземе и да го обнови Централниот комитет на ВМРО со кадри подготвени да соработуваат со нив и со бугарските комунисти. Меѓутоа, охридскиот војвода немал влијание врз Организацијата и врз помасовните револуционерни структури во трите делови на Македонија за да го започне процесот на обновата на ВМРО и на македонското ослободително движење. Тој факт Чаулев го сфатил доста брзо по што од крајот на октомври 1924 година па до неговото убиство во Италија, се пасивизирал, без да преземе нешто за да ги исполни барањата на советската страна. Отогаш па до својата смрт се однесувал како човек кој го чека сопствениот егзекутор.

„Чаулев не можел а да не сфати, дека во џумајските, софиските и во другите масакри низ Бугарија, кои инаку биле инспирирани и подготвени од Ванчо Михајлов и од бугарските министри Волков и Русев , е згромена и погребена неговата лева опција и левата опција на македонското движење и на ВМРО и дека ВМРО, дури по убиството на Тодор Александров и на односните погроми, е турната во загработ на бугарската политика и на бугарските придворски и владини кругови, а не и пред тоа, кога на нејзино чело се наоѓал Александров. Тој сфатил дека тие бугарски центри веќе неколку години имале потреба да се пресметаат со се' помасовниот лев политички блок во македонското движење кој радикално и свртел грб на бугарската политика кон Македонија и им се спротиставил на бугарската влада и на другите државни центри. Чаулев ги знаел заканите на бугарските офицери кон Македонците и не можела да не ја предвиди пресметката со нив, токму поради нивните врски со Советите и комунистите во кои релации тој, веројатно, отишол најдалеку“, нагласува Поповски.

Според него, по трагичните септемвриски настани кога биле обезглавени три македонски организации (ВМРО, Илинденската и Федеративната) Чаулев не можел а да не чувствува и својата вина за разнебитувањето и деградирањето на македонското револуционерно и политичко движење. Во таа смисла, знаејќи ја силата на револуционерната конспиративна егзекутива и нејзината потпаднатост под повела на пробугарски инструментализираното раководство на ВМРО, од страна на Ванчо Михајлов и на Протогеров, Чаулев, многу веројатно, решил да ги чека и својот егзекутор и својата казна. Таа ќе дојде набрго. Михајлов ќе го испрати во Милано терористот Димитар Стефанов кој по подолго трагање ќе го пронајде на 23 декември 1924 година и ќе го ликвидира.

(Продолжува)

No comments:

Post a Comment