November 24, 2012

Вистините за Венко Марковски 14

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (14)


Жртва на власта, но и на својата суета

Виктор Цветаноски

Контроверзиите и поделеноста околу Венко Марковски остануваат и натаму. По многуте искажувања на познати македонски интелектуалци, негови современици, кои што го познавале лично поетот, се добива впечаток дека имаат спротивни мислења за неговото дело и однесување кои одат од една во друга крајност.

За едни тој е предавник на македонската кауза, човек кој плукал врз сопствениот народ и ги негирал македонската нација и јазик и затоа никогаш не треба да му се прости , за други тој е прв основоположник на македонската современа книжевност и заслужна личност од македонското минато, кон која треба да се исправат неправдите и да се врати во учебниците за младите генерации да знаат за него, без разлика што последните години од животот тој станал Бугарин.

Меѓутоа, во сите овие расправи за Венко Марковски остана докрај нејасно и без одговор прашањето, зошто токму сега се настојува побугарениот поет на голема врата да им се врати на Македонците кога од сите страни се' понагласено се негираат македонската нација, јазик и идентитет, посебно од државата во којашто замина пред дваесетина години? Зошто токму од највисоко ниво, од првиот човек на МАНУ, се бара да се исправат, според него, неправдите кон поетот и се настојува на јавноста да и' се каже дека тој бил прв меѓу основоположниците на македонската современа литература.

Сите оние кои на еден или на друг начин го кажаа своето мислење за поетот со несомнена дарба, кои го бранеа или напаѓаа, се согласуваат дека тој е еден од неколкутемина македонски поети пред војната кои своите стихови ги пишувал на македонски јазик и дека поради тоа треба да го заземе заслуженото место на еден од основоположниците на македонското современо литературно творештво. Кај сите нив нема никакви дилеми дека со првите песни Венко Марковски придонесе за зацврстување на македонскиот национален идентитет и за време на Народноослободителната војна беше нашиот Владимир Назор. Неоспорен факт е дека заедно со сопругата и синот отиде во партизани, а неговите стихови го јакнеа борбениот дух и патриотизам на борците. Пееше за АСНОМ , но и за Тито и Темпо, и врз негови стихови беа компонирани партизанските маршеви. Тој вршеше и клучни политички функции - беше член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, член на неговиот Президиум, а беше избран и за член на АВНОЈ. За сите нив неговото дело и живот од тој период не се спорни. Меѓутоа, различни се мислењата за неговото подоцнежно однесување и за причините Венко да ги предаде сопствениот род и нација.

Што е тоа што така силно повлијаело основоположникот на македонската современа литература, поетот кој беше величан за време на НОБ, да падне толку многу ниско и да згази врз своето национално достоинство, да плука врз сопствениот народ за чие опстојување се борел страсно со перо и пушка. Некои сметаат дека Венко Марковски интимно никогаш немал расчистено со својата национална припадност и таа дилема постојано го следела во целиот живот, теза којашто нема некоја реална основа, зашто поетот никогаш такви дилеми не манифестирал пред да биде обележан од комунистите како црна овца.

Најблиску до вистината се оние кои тврдат дека причините за таквото негово однесување треба да се бараат истовремено во суровото однесување на тогашната комунистичка власт кон него која не ја сфатила драмата што ја преживувал поетот кој сметал дека не му е дадено она што го заслужувал, но и во неговиот непостојан карактер и голема суетност. Луѓето што го познавале добро тврдат дека Венко Марковски имал мошне високо мислење за себе, а неговата суетност почнала силно да се потхранува уште во годините кога ги издал првите стихозбирки „Народни бигори“ и „Огинот“, во кои, според литературните критичари, се поместени најдобрите негови песни кои заслужено треба да се вградат во темелите на современата македонска литература.

По нивното отпечатување во Софија, Тодор Павлов, Македонец од Штип, кој во времето на комунизмот бил еден од најистакнатите интелектуалци во Бугарија, говори во суперлативи за стховите на Венко. Го споредува со најголемите светски поети и тврди дека е роден новиот Пушкин. Такво претерано величање на Венко ќе му ја определи неговата натамошна поетска и животна судбина. За себе ќе мисли дека е најдобриот поет на балканските простори, ќе се споредува со познатиот пролетерски поет Владимир Мајаковски, и тоа јавно ќе го кажува. Тој нема да признава друга поетската величина освен сопствената.

Високото мислење за себе и за сопствената поезија кај него ќе роди и големи политички амбиции. Сметајќи дека како поет дал најмногу за македонската литература и јазик и за афирмацијата на македонската нација и борба, интимно мислел дека треба да биде дури и првата политичка личност во Македонија. Тие негови нереални политички амбиции, наводно, ќе ги потхранува сопругата Филимена, која постојано ќе го потсетува на наводните неправди што му се прават од „неписмените“ комунисти кои имаат многу помали заслуги, а имале многу повеќе од него.

Логично, тоа ќе доведе до судир со првите луѓе на партијата кои не покажале доволно разбирање и повеќе флексибилност за нереалните желби на поетот. Напротив, по секој негов неразумен чекор го казнувале, а нетактичкиот Венко, на кого очигледно дипломатијата и приспособливоста на новите услови нема да му биде добра страна, не ќе може да се снајде во тешките денови на Информбирото, кога се доведувала во прашање иднината на државата. Во поетските творби ќе го напаѓа Тито, а ќе го велича Сталин, нешто што во тоа време претставувало најголема ерес и за што се губеле глави. За една своја книга, која деновиве беше обелоденета во јавноста, ќе се најде пред суд, ќе биде осуден на петгодишна робија и испратен на Голи Оток, островото каде што завршувале сите оние кои во тие судбоносни години не мислеле како партијата и Тито.

Истовремено, Венко ќе почне да паѓа се' подлабоко и како поет и како човек, а власта ќе биде немилосрдна кон него и неговите роднини и пријатели. По враќањето од Голи Оток, власта ќе го понижи до тој степен што ќе го испрати да мери жито на пазарчето во Ѓорче Петров. Веројатно, најмногу од се' ќе го погоди кога поетите, луѓето од неговата бранша ќе почнат да го игнорираат и да го отфрлаат, а литературните критичари се' почесто ќе ги критикуваат неговите нови дела.

Но, дали сето тоа што го преживувал во судирите со првите луѓе на партијата и на државата, кои барале да ја наведне главата и да се однесува онака како што сакале тие, и игнорирањето од луѓето од неговата поетска тајфа е доволна причина да се откаже од своето национално битие, да плука врз сопствениот народ и да ги негира македонската нација и јазик во чие создавање се вградил и самиот тој? Дали тоа го оправдува фактот што се ставил во служба на Софија и се вклучил во жестоката антимакедонска кампања и бил нивно силно оружје против се' што е македонско?

Во нашето поновото минато има многумина македонски дејци кои биле, исто така, сурово казнувани од истата комунистичка власт, но ниту еден не се одрекол од сопствениот род и не се ставил во служба на пропагандите против сопствениот народ. Неговата суетност и самобендисаност, неговите преголеми книжевни и политички амбиции, потхранувани од неговиот животен сопатник и неправдите што му биле нанесени во времето на едноумието, кога важел единствено законот на Комунистичката партијата, не може да биде доволно оправдување за она што Венко го изјавуваше и пишуваше по заминувањето во Софија.

Сепак, и покрај сите гревови што ги направи Венко Марковски кон сопствениот род, не треба да се има никакви дилеми околу неговото творештво напишано на македонски јазик. Тој треба да си го заземе вистинското место што го заслужува како еден од основоположниците на современата македонската литература и сите негови дела треба да и' бидат достапни на македонската јавност за да знае кој е тој и за што пеел. Меѓутоа, истовремено, треба да биде запознаена и со делата што ги создавал во Софија, во кои негира се' што е македонско.

(Крај)

No comments: