October 25, 2012

Зоран Петров - Атентат

Зоран Петров - Атентат

ПРЕДГОВОР

Секој настан е предизик. Прашањето на личниот избор на новинарот се состои единствено во тоа дали предизвикот ќе се прифати или нe. Прифаќањето значи соочување со комплексноста на сето она што се нарекува настан, случка во просторот и времето, трага во историјата, бразда во колективната свест и нов симбол во светот на знаците. Сложеноста и многуслојноста на настанот е нешто што заслужува стравопочит. Оттаму, ниту една обработка, анализа и трeтман на истиот тој настан не може да биде апсолутно целосна. Може да биде само обид, повеќе или помалку успешен. И ништо повеќе од тоа.

Атентатот врз претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров, е еден од најкрупните настани во македонската историја. Според своите особености, во безброј елементи единствен и карактеристичен. Ако се земе предвид дека атентатот (впрочем, како и секој облик на политички терор) беше пресметан да изврши одредени влијанија, да дејствува врз одредени ситуации, да покрене одредени процеси и да испрати одредени пораки, тогаш тоа е настан кој сè уште трае. Затоа една година по трети октомври 1995 година, е премногу кус период за да се изврши една поопстојна опсервација на настанот. Дополнителна отежнувачка околност е тоа што и самиот акт од криминалистичко истражен аспект претставува целосна мистерија. Не се знае мотивот, извршителите, организаторите и цела една серија значајни податоци за истрагата.

Оттаму, огромна илузија и неправедно очекување би било овој обид да се смета како придонес во расветлувањето на енигмите поврзани за атентатот. Книгата не нуди одговори. Напротив, таа поставува нови прашања. Отвара дилеми и недоумици, укажува на контрадикторности и невообичаености. Таа е и недоречена и нецелосна и незаокружена. Едноставно „Атентат“ нуди своја верзија на почетокот на едно дејство, кое сè уште тече. Крајот најверојатно некогаш ќе го допише некој друг. И токму затоа, однапред едно големо извинување за сите оние читатели, кои од оваа книга очекуваат да го расветли терористичкиот настан од трети октомври и со име и презиме да ги наведе атентаторите. Нејзината цел е да ги сублимира сите досега на јавноста познати и непознати настани, дејства и активности кои следеа по атентатот, или, пак, директно или индиректно произлегоа од него. За да се долови автентичноста на моментот во голем дел се користени изводи од новинарски текстови инспирирани од третооктомврискиот настан, како и цитати од најкарактеристичните изјави дадени по истиот повод.

Сепак, и за сите оние кои располагаат со склоности и афинитети за истражување, овој обид им нуди мноштво материјали за дополнителни анализи. Доколку се има предвид дека ниеден настан не настанува сам од себе, па така и атентатот врз претседателот Глигоров претставува производ на одредени околности, ситуации, процеси и движења, тогаш веќе може да се насети која е алката која обединува. Тоа е сепак, луксуз кој ниеден новинар и публицист не може да си го дозволи, бидејќи со тоа би ризикувал да влета во опасната зона на неаргументирани обвинувања. Затоа пак, тоа може да си го дозволи читателот. Доволно е само работите да се стават во вистинскиот контекст. Ова е само еден од аспектите, кој може да придонесе книгата „Атентат“ да биде занимлива и читлива, бидејќи нејзините прашања се директни, а одговорите само се навестуваат. Впрочем, тие му се препуштени на читателот, ако по прочитувањето на книгата сите работи Ви станат јасни и ако бидете сигурни дека знаете кој како и зошто стои зад атентатот, најдобронамерниот совет би гласел - немојте да бидете толку сигурни.

И на крајот, не смее да се заборави дека експлозијата пред хотелот Бристол однесе и две невини жртви – Александар Спировски и Христо Христоманов. Не смее да се заборави дека скопскиот атентат а само инсерт од светскиот тероризам, кој низ сите меридијани сее само смрт и страдања не избирајќи ги жртвите. Оттаму, како автор на овој скромен обид, си ја земам слободата книгата „Атентат“ да ја посветам на животот и сите луѓе со добра волја.

Авторот
Скопје, 22 септември, 1996 година

No comments: