October 12, 2012

Битката за Скопје 5

Завршните операции на Н.О.В. за ослободувањето на Македонија, Михаило Апостолски

БИТКАТА ЗА СКОПЈЕ

14. ноември

Веднаш по заземањето на Скопје, рано утрото на 14. ноември, нашите единици го продолжија гонењето на непријателот. 42. НО дивизија со XVI бригада го гони непријателот, и тоа со три бригади по правецот: Скопје — Качаник и со една бригада по долината на Вардар кон Хромовите рудници Радуша. 50. НО дивизија го гонеше непријателот во правецот Скопје — Групчин — Тетово. Во текот на тој ден дојде до многу тешки борби на линијата на селата: Орман — Село, Ново Село, Оризари, Глумово и Матка. Германците и балистите од оваа линија на неколкупати вршеа противнапади. Нашите единици не само што ги издржуваа тие противнапади, туку успеваа да ги разбијат Германците и балистите и да го продолжат гонењето по определените правци кон Качаник и кон Тетово.


Битката за Скопје претставува една многу сложена операција, како во смисла за прибирањето на силите, така и во смисла на самиот начин за спроведување на нападот. Во подготвителната фаза силите беа наполно разделени со голем меѓупростор: 50. НО дивизија во реонот на Штип, a 42. дивизија на Сува Гора. Ова растојание меѓу двете дивизии во воздушнa линија изнесува повеќе од 100 km. Покрај тоа, силите беа разделени и со германските гарнизони во Велес и Штип, што требаше претходно да се ликвидираат и дури потоа да се создадат услови за заедничко настапување кон Скопје. Благодарејќи на енергичното дејство од единиците — задачата: спојување на силите во реонот на Велес, беше извршена со незначително задоцнување од страна на 50. НО дивизија, (за еден ден), што дојде, прво, поради давање многу силен отпор на Германците во реонот на Штип, потоа поради недостатокот на артилерија за разбивање на непријателските укрепленија, како и поради сосема пасивното држење на V бугарска дивизија на Злетовска Река.

Единиците имаа многу малку артилерија — еден дивизион при 50. НО дивизија и Артилериската школа на Главниот штаб, која ја претставуваше артилеријата на 42. дивизија кај Велес.

Артилеријата на 42. НО дивизија не зеде учество во нападот на Скопје, зашто крај десниот брег на Вардар нема комуникации за да се доведе артилерија, а на левиот брег, поради разурнатите мостови и неумешноста на младите артилерци, не беше префрлена. Сето ова диктираше нападот на Скопје да се изведе без задржување — од маршот ненадејно, што можеше да се изведе само благодарејќи на високиот морал на нашите единици. На тој начин поставениот план за нападот на Скопје доведе до постепено ангажирање на силите. Првин се ангажира 42. НО дивизија во јужниот крај на градот, а потоа 50. НО. дивизија, речиси за ден подоцна во источниот дел на градот, а малку подоцна XVI бригада во северозападниот дел. Незгодата беше таа, што најголемиот товар на борбата го прими на себе 42. НО дивизија. Но, од друга страна, Германците во текот на 11. и 12. ноември го ангажираа поголемиот дел на своите сили против 42. НО дивизија (во јужниот дел на градот). Ова пак овозможи релативно лесно да навлезат 50. НО дивизија и VIII бригада од исток и услови резултатите на битката да бидат поголеми, а германските сили на одделни отпорни точки (порано споменатите укрепени згради) сосема да се уништат.

Ударните групи (формирани во градот уште од порано од страна на партиската организација) дадоа големи резултати, како во смисла на дејството од градот, така исто и како водачи на единиците низ градот.

Co силни налети на единиците, нарочно од 42. НО дивизија и со нивното беспримерно пожртвување и голема храброст, се успеа бргу да се испрекинат и блокираат германските сили во утврдените згради (во отпорните точки), како и да се спречи урнувањето на
мостовите преку Вардар, кои беа минирани. Германците успеаја да го урнат само железничкиот мост преку Вардар во Скопје и железничкиот мост кај Ханриево. Германците не успеаја да ги разурнат дури ни зградите што ги бранеа, со исклучок на едно крило од Железничката станица.

Борбите на 14. ноември, северозападно и западно од Скопје, беа многу тешки, Германците и балистите со противнапади се обидуваа да го задржат продирањето на нашите единици, па евентуално и да го повратат Скопје како и да ја заземат хидроцентралата „Матка".

Ситуацијата беше многу критична, но единиците со својата упорност издржаа и го разбија непријателот.

Во борбите за Скопје заробени беа голем број Германци, запленето оружје (топови од разни калибри, митралези и друго оружје), како и многу друга техника.

Забелешки

Овој оддел „Битката за Скопје" првпат е објавен како статија под истиот наслов по повод денот на Југословенската народна армија во 1947 година во листот „Народна армија" од 22. XII., потоа со незначителни стилски доправки беше напечатен во „Нова Македонија" од 14. XI. 1948 година.

Меѓутоа, развојот на политичката ситуација по Резолуцијата на Информбирото, налагаше покрај описот да се осврнеме и на односите со раководителите на БКП и HP Бугарија, за кои порано, пред излегувањето на Резолуцијата на ИБ, — од желба да се развиваат и продлабочуваат Односи на пријателство меѓу бугарскиот и југословенските народи — не се зборуваше. Од овие причини за јубиларниот број на зборникот „Пет години слободно Скопје" (издаден по повод денот на ослободувањето на Скопје во 1949 година) оваа статија ја дополнив со осврт на пишувањето на некои бугарски воени писатели и раководители, кои сакаат херојските борби на единиците од HOB и ПОЈ да им ги припишат на бугарските единици, кои и не виделе како течеше битката за Скопје — но при ова описот на битката во потполност остана онаков, како што беше објавен првиот пат.

Изнесувајќи го овој оддел, како составен дел на оваа книга, спрема текстот отпечатен како статија во зборникот „Пет години слободно Скопје" изоставен е уводниот дел, кој зборува за општиот развој на борбите на македонскиот народ, и последните три става, кои зборуваат за значењето на револуцијата на македонскиот народ.

Покрај ова, текстот до заглавието „Текот на битката" е коригиран дотолку, а нешто и исфрлено, да се избегнат повторувањата, како и поарно да се поврзе со изнесеното во таа книга. Останатиот текст е неизменет. Текстот што говори за пишувањето на бугарскиот печат изнесен е во третиот дел на оваа книга.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека

No comments:

Post a Comment