Славата, митот и крвта на ВМРО (9)
[Мртвите тела на македонските херои што загинаа на Ножот снимени од италијанскиот капетан Џузепе Луци, два дена по големата битка]
Величествени саможртви на Ножот и во Цер
Кај Плетвар 54 момчиња се самоубија откако им снема куршуми, а кај Цер Христо Узунов со 11 комити си го одзеде животот
Виктор Цветаноски (Утрински Весник)
Македонската револуционерна борба познава многу саможртви, кои за обичниот свет се несфатливи. „За оние што умираат од раката на непријателот, не велам ништо. Треба да се одбележи како рекорд дека ниедна чета не му се предала на непријателот, макар што таков предлог секогаш им се прави. Многу ретко некој четник паѓа жив во пленство. Тешко ми е да приведам факти без да се возбудувам, но јас можам да соопштам цела листа на неповредени четници од една опседната чета, коишто откога ќе видат дека друго средство не им останува освен да се предадат, сами си ставаат крај на својот живот со последниот куршум. Какво решение ќе земев ако мене ми се паднеше таков избор, не знам“, пишува американскиот новинар Алберт Сониксен. Тој шест месеци се борел со македонските комити во 1907 година и неговите впечатоци ги пренел во книгата „Исповед на еден македонски четник“, објавена во САД во 1909 година.
Сигурно една од најголемите, ако не најголема македонска саможртва е величенствениот крај на 54 Македонци, на врвот Ножот во близина на Плетвар, Прилепско, на 14 јули 1907. На вториот ден по Петровден, по долгата борба со турскиот аскер на жешкото јулско сонце, откако им снемало муниција, оние што останале живи легнале врз последните бомби и колективно заминале во смрт.
Тие денови македонските чети биле следени од триилјаден турски аскер. Кога војводите разбрале за тоа, еден ден пред трагедијата, решиле да се повлечат, сметајќи дека е голема лудост директно да се судрат со војската. Меѓутоа, за тоа не сакале да слушнат младите момчиња сместени на Ножот. На врвот била целата Костурска чета од триесетина луѓе, а со нив и по десетина четници од Велешката и од Прилепската чета. Војводите биле долу на состанок и кога ја забележале опасноста од аскерот, им испратиле курир со наредба да се повлечат. Тогаш, 19-годишниот Атанас Попов од костурското село Шестеово, кој привремено командувал со четата, и Трендафил Думбалаков од село Суха, Солунско, порачале: „Ќе им кажете на војводите дека костурци го сметаат решението на Војводскиот совет необврзувачко за нив. Таа заповед ја наоѓаме за неумесна и нереволуционерна. Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Ќе останеме на Ножот“.
[Христо Узунов беше еден од најчесните револуционери] Таквата одлука ја прифатиле и четниците од Велешката и од Прилепската чета. Така почнала највеличествената и истовремено најтрагичната битка по востанието. Аскерот го командувал искусниот мајор Енвер-бег, кој ќе биде еден од главните водачи на познатата Младотурска револуција. Битката почнала во зорите. Комитите гинеле еден по еден, не отстапувајќи ни педа земја. Бојот завршил доцна попладне, кога им снемало муниција. Тогаш била донесена судбоносната одлука, тие што останале живи легнале врз неколкуте преостанати бомби и ги активирале. Одекнала силна експлозија, а делови од распарчените тела паѓале врз аскерот што стасал на врвот.
Одеднаш на Ножот настапил молк, се' било неприродно спокојно. Кога војниците стасале горе почнале да ги соблекуваат и ограбуваат мртвите комити. Тоа веднаш го прекинал нивниот командант Енвер-бег и им наредил: „Никој не смее да се добере да ги нагрди хероите! Гледате како комитите ја презираа смртта?! Се бореа и умреа како херои!“ Потоа дал команда со три плотуна да им се оддаде почит на загинатите.
Вториот ден, пред да бидат погребани, на Ножот дошол италијанскиот капетан Џузепе Луци и со својот фотоапарат го овековечил подвигот на македонските херои. Откако ја направил историската слика на мртвите тела, се вратил во Прилеп и на членовите на Комитетот им рекол: „Тие не загинале, тие сите се самоубиле. Гордејте се со вашите синови. Тие победија“.
Две години пред тоа, се случи уште една величествена саможртва. На 24 април 1905 година во Цер, Кичевско, се самоубија Христо Узунов и неговите комити.
„На другиот ден по бојот ја видов во Цер страшната слика што нема да ја заборавам никогаш. Труповите на единаесет млади јунаци, сите со отворени рани по градите и по челата. Се самоубија за да не паднат живи во рацете на непријателот! Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше спрострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв. Ете го она што не можам да го заборавам никогаш, никогаш! Ја видов Македонија во тој момент - маченица, велика, непобедлива!“ ќе ја опише драмата во Цер италијанскиот офицер Еторе Лоди, вчудовиден од невидената саможртва на македонски херои.
Со смртта на Христо Узунов Македонија го загуби еден од најчесните свои синови. Во претсмртното писмо, тој ќе напише: „Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние што му служат, зашто само искреноста и чистосрдечноста ја издигнале Внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од анормалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари. Ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата света Организација“.
Тоа претсмртно писмо на Узунов - најчовечкиот, најтоплиот и истовремено најверодостојниот документ за револуционерно дело за илинденската епопеја денес се чува во Софија. Наум Целакоски, кој го истражуваше делото на големиот охриѓанец, вели дека во моментите додека го држел в раце писмото, му затрепериле целата душа. Дури тогаш сфатил колку голема била македонската револуционерна борба. Христо Андонов Полјански вели дека во писмото Узунов уште еднаш со јасен, силен и возвишен јазик го исповедал своето револуционерно верују, својата доследност кон револуционерното дело.
Узунов пристигнал со четата во Цер на 23 април вечерта и се сместил во една куќа. Дури утредента го забележале аскерот, кој веќе го опколил селото. Најпрво се обиделе со поединечно да се пробијат, но тоа не им успеало. При обидот загинал војводата Ванчо Србаков и еден четник. Откако Узунов забележал дека не им останува ништо друго освен да се борат до последен, решил да се сместат во некоја поздрава куќа. При влегувањето во неа, селаните им советувале да се преоблечат во женска облека и така да излезат од селото. Узунов им предложил на помладите четници да го направат тоа, но тие решиле да останат до крај со него.
Борбата започнала жестоко, а Турците покрај многубројната војска од гарнизоните во Крушево и во Кичево, донеле и топ. Во екот на борбата кајмакамот го испратил селскиот кмет за да преговара да се предадат. Узунов му испратил пушка и писмо, напишано на турски јазик, во кое му соопштил дека се подготвени да се предадат во ноќта што доаѓа, но не и преку денот. Кајмакамот знаел точно што значи тоа, дека комитите чекаат да падне мрак и под закрила на ноќта да се пробијат низ обрачот. Затоа наредил уште пожесток напад. Меѓутоа, муницијата на четниците им завршила, по што решиле колективно да се самоубијат.
Дине Абдураман бил обичен неписмен земјоделец од Леринско, а неговата саможртва е несфатлива за здравиот разум. Во неговото родно Петеле, како и во некои други села, Турците вршеле немилосрден терор, барајќи ги пушките што ги купиле селаните, подготвувајќи се за востанието. По големи измачувања, биле предадени стотина пушки.
Кога дошле кај Дине Абдураман, тој се забарикадирал во куќата и почнал да пука во аскерот. За да го присилат да се предаде, како штит ги користеле неговата жена, ќерка и сестра, верувајќи дека ќе го положи оружјето. Но, така не размислувал тој, продолжил да пука, и во тој метеж ги застрелал ќерката, сестрата и жената.
(Продолжува)

No comments:
Post a Comment