August 24, 2012

Вистините за Венко Марковски 7

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (7)


Жртва на сопствените политички амбиции

Виктор Цветаноски

Тодор Павлов во Белград побарал на Венко да се гледа со очите на партиец и политичар, а потоа со очите на литературен критичар

„Венко Марковски е жртва на своите преголеми политички амбиции. Јас не можам да го оценувам творештвото на Венко, кое сигурно е значајно, и за него можат да говорат компетентните, но во однос на неговото политичко однесување, тој не треба биде рехабилитиран. Некои негови творечки вредности треба да се преоценат, но тој политички и национално си се определи по неговото недолично заминување. Тој си остана Бугарин“. Ова накусо е ставот на д-р Новица Велјановски, кој како историчар го истражува перидот на НОВ и повоените години.

„Тој му се спротивстави на постојниот режим, но повеќе од опортунистички позиции, не од тоа што така мислеше. Во тоа време кај интелектуалното крило во македонското ослободително движење, на кое припаѓаше и тој, се појавија политичка амбиција и токму тоа крило настрада. Меѓутоа, тие што настрадаа не се однесуваа така недолично како Венко Марковски. На пример, и Методија Андонов-Ченто, исто така, беше отстранет од политичките функции и затворен, но тој си го зачува своето национално достоинство и остана доследен на своите определувања, си остана Македонец. Во случајот со Венко не е тоа. Тој откако не ги оствари своите политички амбиции, го промени своето национално битие“, подвлекува д-р Велјановски.

Според него, Венко Марковски е контроверзна личност и нема друга таква личност во македонската понова историја, поради своите политички амбиции да ја напушти својата држава и да се откаже од своето национално битие. „Пребега во едно време кога кампањата против Македонија и против македонската нација во Бугарија беше многу силна, од седумдесеттите до осумдесеттите години. Венко се вклучи во таа кампања декларирајќи се како Бугарин. За заминување во Бугарија подолго време се подготвувал. Не може некој да емигрира, а таму да нема некоја подлога каде ќе биде прифатен. Тоа е едното прашање. Второто е зошто емигрира во Бугарија? Имаше и други земји, можеше да емигрира на Запад, како што тоа го сторија дисидентите од другите социјалистички земји. Тој се определи за Бугарија, зашто таа му беше блиска, студирал таму, а имаше и пријатели и колеги-писатели, со кои веројатно се среќавал за време на студиите и по 1945 година“, нагласува македонскиот историчар.

Д-р Новица Велјановски вели дека ја познавал неговата сопруга Филимена и често разговарал со неа. Откако емигрирал Венко во 1966 година, таа и натаму останала во Македонија, работела во Архивот на град Скопје. „Таму имаше добра позиција. Не беше директор, но исто како да беше, зашто нејзиниот збор се слушаше. Тогаш дури ми беше по малку чудно нејзиното однесување, бидејќи таа за цело време го напаѓаше својот сопруг, нарекувајќи го предавник и одродник од својата мајка-татковина и нација. По неколку години, и таа замина и тогаш се виде дека тоа и' било маска, дека со нападите на Венко не провоцирала за да види што ќе кажеме. Сите нејзини сегашни изјави дека по заминувањето на Венко им била вршена тортура и им биле запленувани материјали ги примам со резерва, зашто знам дека семејството на Венко по неговото заминување не беше дискредитирано како што тврди таа. Нејзините деца дури добиваа и стипендии“, вели Велјановски.

Тој нагласува дека Венко во Бугарија го пречекале со раширени раце. Сите привилегии што може да даде една држава му биле дадени. Бил сместен во вила, на располагање имал автомобил со личен возач. Бил примен за член на Бугарската академија на науките. Му се објавувало и преобјавувало се' што ќе напишел. „Верувам дека тоа истото ќе го постигнеше ако се има предвид неговото творештво создадено овде во Македонија пред да замине и ако немаше преголеми амбиции во политиката. На нашето Народнослободително движење му требаше македонски Владимир Назор, а токму таква личност беше Венко. На движењето му беа потребни познати личности за да се омасови, а една од нив беше Венко. Неоспорно е дека тој му помогна на движењето. Се смета дека учествувал во подготвувањето на Манифестот на Главниот штаб. Колкав бил неговиот придонес не можам точно да кажам. Има еден документ во кој може да се прочита дека Кузман Јосифовски-Питу констатирал дека Манифестот е добар и прифатлив, но јазикот на кој бил напишан не бил доволно македонски, како да не го видел Венко. Во текстот има многу србизми, а Венко не употребуваше србизми, туку бугаризми. Најверојатно, во пишувањето учествувал и Светозар Вукмановиќ-Темпо“, раскажува Велјановски.

Тоа дека Венко Марковски имал големи политички амбиции може да се види и од едно искажување на Тодор Павлов за весникот „Борба“, кој во јули 1945 година изјавил: „Венко Марковски има талент, тоа мора секој да го признае, но во него ќе треба да се гледа и нешто друго, не само поет. Тој е Македонец и македонски поет, тој пишува на македонски, го афирмира и развива македонскиот јазик, придонесува за македонската култура, му дава оружје на македонскиот народ. Зборував со Зоговиќ зошто се запоставува Венко, тоа не е правилно. На Венко треба да се гледа со очите на партиец и политичар, а потоа со очите на литературен критичар“.

Во вие зборови на Павлов треба да се верува, зашто тој му беше најдобар пријател на Венко и тој го издигна на највисок пиедестал со мошне поволните критики за неговата поезија. Најверојатно, Венко му се жалел на лошиот политички третман во Македонија, па тој тоа го кажал јавно во Белград.

Претседателот на Здружението „Голи Оток“, д-р Димче Најчески, смета дека Венко Марковски немал друга алтернатива освен да бега. Во „Голооточки сведоштва“ тој го цитира образложението на комисијата, која го одбила неговото барање да му се додели „Споменица 1941“, во кое за Венко се вели: „Од почетокот ја прифати линијата на ИБ во однос на нашата земја и партија. Во 1950 година поради спроведување активности на оваа линија беше уапсен и под истрага, но по извесно време ослободен од затворот. Меѓутоа, и потоа ја продолжи својата непријателска работа... Во 1956 година повторно е уапсен и осуден на казна од 5 години строг затвор... За време на издржувањето на казната, продолжи со непријателски истапи меѓу затворениците, експонирајќи се како идеолошки непријател на изградбата на социјализмот во нашата земја... Во коментарите во врска со 22. Конгрес на КП на СССР ја осудува десталинизацијата... се згрозува во врска со отстранувањето на телото на Сталин од Мавзолејот на Ленин“.

„Што можеше друго да се очекува од Венко Марковски во оваа безизлезна за него ситуација, освен како да ја напушти татковината Македонија, зашто секое друго решение би значело смрт за него, и како личност и како поет. Тој не можеше, и да сака, да се прикаже како друг, никој не би му поверувал. Единствен излез за него беше да емигрира на ’Исток’, па откако памети тој беше свртен кон ’Исток’. Венко Марковски емигрира во Бугарија, која во тоа време беше дел од тогашниот ’Исток’“, пишува д-р Најчевски.

Според него, Венко се определил за онаа опција со која, и покрај сета апсурдност, се откажал од македонската националност и се вклопил во тогашната реалност на Бугарија, што му овозможувало да твори како интелектуалец. Таков бил неговиот избор, со сите противречности што ги носел. А, оваа определба на Марковски наишла на најтешки осуди и анатеми кај душегрижниците на македонските национални идеали, без притоа да се направи посериозен обид да се објасни сето тоа. Затоа д-р Најчески ги отфрла како неприфатливи сите оние тврдења кои причината за таков драстичен чекор на Веко Марковски ја наоѓаат во неговата амбициозност, суета и честољубивост.

„Дилемата беше судбоносна: да се биде или не. Зошто? Можеше ли Венко Марковски да остане во Македонија и да се сроди со новата стварност по годините на прогони, робија и јасно манифестирање на својата информбировска определба; да наведне глава, да се откаже од своите сфаќања, од принципите, од сето она што го сочинуваше неговиот духовен свет. Тој секогаш ќе беше презиран како информбировец и предавник.

Или да биде прогласен, пак, како предавник, предавник на својата татковина, бегалец, политички емигрант, кој се откажал од својата националност и е во служба на дневната политика на друга држава“, ја поставува Најчески дилемата пред која се исправил Венко.

Според него, емигрирањето на Венко е прифатлив чекор и во неговото движење има логика и условеност, за што најдобро сведочело неговото литературно творештво што го напишал во Бугарија во кое, смета Најчевски, имало континуитет со тоа што го создал до 1966 година пред да ја напушти Македонија.

(Продолжува)

No comments: