August 7, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 4

Славата, митот и крвта на ВМРО (4)

[Алберт Сониксен (горе, во средина) шест месеци бил во четата на Лука Иванов (долу) во Воденско.]

Американец меѓу комитите

Новинарот Алберт Сониксен во 1906 година шест месеци ќе биде со македонските чети и ќе војува заедно со нив

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Македонската револуционерна борба побудувала големо интересирање кај европската и кај светската јавност. Некои странски новинари своевремено напишаа книги за страдањата на македонскиот народ. Судскиот процес што ќе се одржи по познатата „Солунска афера“, кога безмалку беше уапсен целиот Централен комитет на ВМРО, го следел францускиот новинар Пјер Деспања и во 1902 година го објавил романот „Пред клањето“. Ќе го посвети на Христо Матов и „на мрачните и славни негови другари по судбина, на угнетените, на победените, на мртвите“.

По Илинденското востание, Англичанецот Хенри Ноел Брејлсфорд ќе дели британска помош за настраданите во Битолско и во Охридско, а неговите впечатоци ќе ги пренесе во прекрасната книга за Македонија. Американецот Алберт Сониксен во 1906 година шест месеци ќе биде со македонските чети и ќе војува заедно со нив. Книгата „Исповед на еден македонски четник“, што ќе ја објави потоа, е автентично сведоштво за македонската револуционерна борба. Алберт Лондр во Бугарија престојувал повеќе месеци во 1931-32 година, собирајќи материјали за книгата „Комитаџии – тероризмот на Балканот“.

Македонската револуционерна борба се истражува и денес. Кит Браун, американски етнолог, докторира на тема од Илинденското востание, а неговата книга „Минатото под прашање, модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“ неодамна беше преведена на македонски јазик. Според него, темата за ВМРО се' уште не е до крај истражена. Тој и денес на американските универзитети држи предавања за верноста на македонските револуционери. ВМРО, посебно тероризмот на Ванчо Михајлов, го истражува германскиот професор Стефан Требс, а македонската револуционерна борба ја обработува и канадскиот професор Ендрју Росос во книгата „Македонија и Македонците“.

Алберт Сониксен во својата книга има поместено сеќавања за борбите што ги воделе македонските чети од Битолскиот револуционерен округ. Сониксен е роден во Сан Франциско, Калифорнија. Во САД контактирал со македонските бегалци и иселеници кога и се заинтересирал за македонската борба. Дружејќи се со нив, стекнал голема доверба и станал секретар на Македонскиот комитет во Њујорк. За да се запознае со македонското прашање, допатувал во Софија каде што останал една и пол година.

[Неговата книга која фрли нова светлина за македонските комити] „За Македонецот, ќе каже Сониксен, слободата беше систем на еднаквост за сите жители на Македонија, еден вид рај кон кој треба да се стреми целиот свет“. Неговите забележувања добиени непосредно од теренот, како за духовната конституција на Македонецот и неговите стремежи, така и за амбиентот, за недопрената убавина на природата, за судирите и крвожедноста на грчката духовна и вооружена пропаганда, ќе станат сведоштво за судбината на еден народ. „Тоа ќе биде искра во темнината, во сивилото што толку упорно и успешно го создаваа шовинистичките пропаганди околу Македонија во престолнините на големите сили.

Таа светлина ќе биде книгата на Сониксен ’Исповед на еден македонски четник‘, објавена на англиски јазик 1909 година“, ќе напише академик Иван Катарџиев во предговорот на македонското издание.

Откако легално, со турска виза добиена во Софија, Сониксен ќе стаса во Воден, Егејска Македонија, веднаш ќе и' се приклучи на четата на војводата Лука Иванов, а турските власти и американскиот конзул цел месец ќе трагаат по него, сметајќи дека е грабнат од комитите.

„Пријатели новинари ми припишаа желба да правам сензации со моето приклучување кон четата на Лука. Ние не мислевме за тоа: ниту јас ниту Лука. Телеграми што соопштуваа сигурно за мојата смрт биле објавувани во американските и во европските весници и си останале така недемантирани. Софиските весници само што не ги беа дале портретите на моите убијци, а Грците имале документирани докази дека тоа убиство е извршено од Лука. Меѓутоа, ние не знаевме ништо за тоа возбудување и бевме изненадени од енергичните мерки што беа преземени во Воден. Еден курир донесе писмо од месниот комитет во кое се велеше дека полицијата ја претресла секоја куќа во сомнителните делови на градот. Секој што се беше сретнал со мене, бил фрлен в затвор. Неколку владини чиновници и полициски офицери во Солун пристигнале во градот заедно со американскиот конзул“, пишува Сониксен за своето „исчезнување“ веднаш по пристигнувањето во Воден.

[Текстот во „Њујорк тајмс“ од 24 февруари 1906 година во кој е објавено дека Сониксен исчезнал.] Потрагата по него ќе биде прекината кога лично тој ќе му напише неколку писма на англискиот конзул Грејвс во Солун, во кои ќе му каже каде се наоѓа и подробно ќе му говори за македонската борба.

„Господине, Вие во долупотпишаното име веројатно ќе го познаете американскиот граѓанин, кој на 16 февруари исчезна во Воден. На тој начин ќе сфатите дека јас сум со револуционерите точно еден месец и да додадам, имав можност да ги набљудувам сите инциденти што се случија во тоа време меѓу македонските револуционери во таа околија и вооружените чети на грчките владици“, му пишува Сониксен на Грејвс, подвлекувајќи дека македонското дело во кое верува е едно од најправедните за кое некогаш се бореле луѓето.

Тој во едно од писмата изнесува и оцени за однесувањето на македонските револуционери во борбите што ги воделе. „Од мојот опит со полулегално војување, јас помислив дека би можело да постои опасност од беззаконие. Меѓутоа, луѓето на Иванов и Апостол (мисли на војводата Апостол Петков м.з.) сите до еден постапуваа со поголема воздржаност и самоконтрола отколку во случајот на американските војници на Филипините“, ќе напише Сониксен.

При крајот на Првата светска војна американската влада побарала од Сониксен да подготви целосен извештај за Македонија. Меѓутоа, француската влада, која во тоа време имала големо влијание врз САД, кога разбрала за извештајот, ја осуетила постапката на Сониксен кај Белата куќа, а заедно со тоа и вмешаноста на Америка во решавањето на македонското прашање во полза на Македонците.

„Сониксен бил човек што искрено и од срце и' се посветил на борбата на македонскиот народ за национално ослободување. Тој длабоко сочувствувал со неговата судбина и стремежи. Целосно се вклопил и се изедначил со македонските востаници, со нивниот начин на размислување и живеење. Ја прифатил нивната борбена филозофија за неподносливите услови за живеење во крајно заостанатата турска држава. Ја прифатил битката против туѓите пенетрации во Македонија, ги сфатил штетните последици на расколничката дејност на туѓите платеници. Признанието за толку искрената верност кон македонската револуција дошло на самото место, во текот на четувањето. Му било предложено да стане војвода на чета! Поголемо признание за еден борец-странец не можело да има во постојните услови“, оценува Катарџиев.

Американскиот новинар раскажува со големи симпатии за македонскиот народ и за луѓето со кои се сретнувале комитите додека крстосувале во шумите и често навраќале во селата. Секаде каде што ќе пристигнеле, ги прифаќал несебично и се грижел за нив.

„Јас забележував со задоволство дека селаните беа убедени во нашето чесно поведение спрема нивните жени. Можете да дојдете кај тие луѓе како странец со пасош поставен во кожена подврска, потпишан и припотпишан од дузина конзули и паши, но ќе видите многу малку фајде од тоа. Но, едно парченце хартија, потпечатено со печатот на Централниот комитет, е едно свидетелство за вашиот морален карактер... Довербата беше пријатна, не како прек, личен долг, зашто беше нешто повеќе од тоа, туку поради она што го покажуваше. Многу четници и војводи беа поминале пред нас, повеќето од нив вооружени; но имајќи власт на Организацијата, никој од нив не беше злоупотребил со никаква доверба од тие прости и добри луѓе.

Во целото мое престојување во Македонија, тоа ми направи силен впечаток, особено откога се вратив во светската конвенционална средина, каде што можев да мислам за него во перспектива. Мнозина од тие вооружени револуционери, кои како што знаев, водеа распуштен живот во Бугарија, скитаа низ Македонија со години и живееја така девствено како монаси, без нивниот фанатизам. Тоа беше закон на Комитетот почитуван апсолутно дури и од луѓе како Апостол и Тане Лерински“, заклучува Сониксен.

(Продолжува)

No comments: