July 17, 2012

Со Георгиевски на власт дојде Ванчо Михајлов

ДРАГИ РАДИНСКИ (2000 година):

„Со Георгиевски на власт дојде Ванчо Михајлов“

Ова ДПМНЕ нема ама баш никава врека со вистинското, Гоцево ВМРО, вели Драги Радински, еден од лидерите на македонските емигрантски организации ОКМ и ДООМ, објаснувајќи ги причините зошто тој, па и најголемиот дел од македонското иселеништво, не му се приклучил на ВМРО-ДПМНЕ. Разочараноста на македонската емиграција е дотолку поголема што на Македонија и сега, како и во минатата, и се заканува поголема опасност одвнатре, отколку однадвор. Инаку, во неговата бурна биографија е забележано дека во еден период, дури, се најде и на списокот на луѓе осомничени за вмешаност во атентатот врз претседателот Глигоров!


„Јас сум македонски националист“, знае за себе да каже Драги Радински, беровчанец кој веќе 36 години живее надвор од Македонија, но кој целиот свој гастарбајтерски стаж ѝ го посветил на основната животна идеја-водилка: желбата конечно да ја види Македонија ослободена од сите надворешни непријатели кои го загрозуваат македонството. Сопствениот национализам го гледа како нешто позитивно, идентично на патриотизмот на другите европски и светски народи кои, за разлика од Македонците не мораат повеќе да стравуваат од загрозување на нивното национално битие. Идејата во која се колнел била ослободување и обединување на Македонија, но со тек на времето таа еволуирала. Обединувањето на Македонија сега тој го гледа низ призмата на европското обединување. Всушност, за целиот негов живот е карактеристична еволуцијата како на ставовите, така и на начините и формите на дејствување во борбата за македонската кауза.

„Од Македонија заминав во 1964 година, на 26 годишна возраст. Отидов во Париз, каде што, заедно со неколкумина други македонски патриоти, веќе наредната година го формиравме македонското друштво „Илинден-Санданисти“. Но, тоа ни донесе голема беља. Париз, Лион и Дижон беа центри на европската четничка емиграција, меѓу која главен збор имаа нивните организации „Равногорски покрет“, „Бели орао“ и херцеговските „гуриќевци“ (на војвода Ѓуриќ). Сметајќи не за „јужни Ср6и“, ним воопшто не им се бендисуваше македонската организација. Почнаа закани, уцени, тепачки. Малку беше од УДБА, па моравме да бегаме и од четничката емиграција која таму беше далеку посилна од нас.

„За да спасам жива глава во 1966 година се преселив во Брисел“, се потсетува на своите почетоци во емиграција Радински. Сепак, не крие дека тие години и на македонските дружини им биле својствени насилнички методи. „Во Брисел се одбравме поголема група силни момчиња и знаевме да упаѓаме по грчки, бугарски и српски кафеани и таму да направиме крш. Тогаш тоа беше нормална работа, а и ние сакавме да им кажеме дека Македонците не се слаби и немоќни. Во групата имав едно момче од Егејска Македонка, вистинска карпа. Само кога ќе го видеа, веднаш фаќаа магла“.

Во 1969 година во Брисел е формирана македонската пробугарска организација „Тодор Александров“. Иако на прв поглед се чини неверојатно сепак Драги тврди дека таа е формирана со голема помош од југословенската УДБА! Логиката на ваквиот потег го објаснува со желбата на југословенските безбедносни структури да имаат контрола врз пробугарските „елементи“, а формирањето на организацијата било спроведено преку јадрото составено од неколкумина бивши затвореници од „Идризово“ (осудени за ванчомихајловистички идеи), меѓу кои ги спомнува Миле Сираков, Александар Стојменов (чичко на Борис Стојменов) и уште еден човек со прекар „Пајмакот“. „Бегајќи од српската змија во Париз, налетав на бугарската во Брисел“, вели Радински опишувајќи ја службата во која еден од припадниците на „Тодор Александров“ го нападнал со нож, но тој сепак успеал да си го спаси животот. Во 1971 година во Брисел се формира македонското културно друштво „Илинден“, а од тогаш датира и познанството со Драган Богдановски, идејниот татко на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, во случајов Радински бил учителот“, а Богдановски „ученикот“. Таа година е формиран и „Ослободителниот комитет на Македонија“ (ОКМ), за чиј организационен секретар е избран Радински. Тој е назначен и за претседател на издавачкиот одбор и главен уредник на весникот „Македонска нација“, најзначајно гласило на македонската емиграција во Европа. Веќе наредната година, на конгресот во германскиот град Бремен, ОКМ се преименува во ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија). Претседател на организацијата стана Димко Нечевски (живее во Данска), а Радински беше избран за нејзин потпретседател. ДООМ имаше разграноци во повеќе европски земји, како и во Австралија, Канада и САД.

„ОКМ, а подоцна ДООМ, всушност беше продолжение на историските револуционерни традиции на македонскиот народ, на гоцевото ВМРО, а во нејзината политичка платформа стоеше дека таа со сите средства ќе се бори за национално обединување на распарчена Македонија во самостојна македонска држава. Организацијата почна да работи со емиграцијата, за разлика од Матицата на иселениците, која под влијание на УДБА, постојано нешто „матеше“ мегу Македонците. Сепак, веднаш по бременскиот конгрес, во организацијата влезе УДБА и почна интензивно да делува меѓу членовите. Таа вршеше и атентати во кои беа убиени Благоја Шамбевски во Минхен, Павел Кржовски во Австралија, едно дете фрлија во каналот во Брисел, што внесе страв мегу членството. Исто така, дејствуваа и разузнавачките слжуби од Бугарија и Грција, од другите две земји кои учествуваа во распарчувањето на Македонија. Диверзијата што беше направена во годините што следеа ѝ нанесе ненадоместлива штета на организацијата. Разграноците се разединија (некои го задржаа старото име ОКМ), и кој ќе стигне почна да си организира „конгреси“. Ќе се соберат тричетворица активисти во некој европски град и - ете ти конгрес! ДООМ и ОКМ постојат и сега, но главно се разединети разграноци и со минимална активност“ вели Радински.

Со Љубчо Георгиевски се сретнав прво во едно кафеанче во Стара Чаршија, а другиот ден во хотелот „Бристол“. Но, морам да кажам дека веднаш ја отфрлив помислата да влезам во ВМРО-ДПМНЕ, зашто во неа не видов луѓе кои кореспондираат со вистинската вмровска идеја. Дури и оние малкумина вистински вмровци беа елиминирани набргу по формирањето на партијата, или самите си заминаа.

Објавено во Today /Денес, Мелбурн, Австралија, вторник 4. јули 2000 година.

Скен: Don Dimov, конвертирање во текст: А.С.

No comments: