July 27, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 3

Славата, митот и крвта на ВМРО (3)

[По сломот на Илинденското востание упориште на левицата бил Серскиот]

Поделба на десни и на леви

Десните во Бугарија гледале спас за Македонија, а левите сили биле за зачувување на самостојноста на ВМРО

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Македонските револуционери биле со различни идеолошки определувања. Нив не ги поврзувала некоја заедничка политичка идеологија, туку заедничка љубов спрема Македонија и нејзиниот народ, заедничкиот патриотизам. И десните и левите сили се бореле за слободна и обединета Македонија.

Тогаш, во што е разликата меѓу нив? Во македонската историографија левите сили се определуваат како промакедонски, а десните како пробугарски.

Според академик Иван Катаџиев, поделбата во македонското револуционерно движење не било последица на идејните разлики, туку на судир околу прашањето за и против самостојните политичко-национални интереси на македонскиот народ, односно на нивното поврзување со интересите на бугарската држава. Бугарската држава успеала да ги поткупи таканаречените десни сили со доделување пари. „Оној момент кога оние што дозволувале да бидат корумпирани не само што ја загубиле сопствената самостојност, туку со оглед на позициите што ги имале во ВМОРО, отвориле простор за нејзино инструментализирање во полза на бугарската политика. Тоа е една од причините за расцепот и распаѓањето на организацијата“, подвлекува Катарџиев.

Д-р Зоран Тодороски вели дека разликите меѓу нив е во тоа што десните сили сметала дека до ослободување на Македонија може дојде само со помош на Бугарија, на бугарскиот фактор, затоа тие и' биле поблиску до бугарските влади и затоа тие соработувале со бугарските власти биле истакнати општественици, политичари, работеле во бугарските државни органи и институции. „Од друга страна, левицата сметала дека револуционерната борба за ослободување на Македонија треба да биде посамостојна, понезависна од Бугарија, што на извесен начин, според мене, било утопија. Ако во тоа време немало помош однадвор тешко можеле да се оствари ослободувањето на Македонија“, смета Тодороваски.

Професор Ендрју Росос подвлекува дека поделба на леви и на десни повеќе се однесувала на визиите за иднината на Македонија отколку за идеолошките верувања. Според него, генерално, левицата ја претставувала промакедонската ориентација, а десницата, пробугарската.

„Упориште на левицата бил Серскиот ревулоционерен округ што го водел Јане Сандански. Таа била многу поединствена и похомогена во своите погледи од десницата. Повикувала на радикални промени во структурата на ВМРО, на децентрализација и демократизација, вклучително и на избори. Таа, исто така, сакала да внесе поголема разновидност во општествената база, да го вклучи растечкиот градски елемент и да ја намали доминацијата на учителите, од кои мнозинството работеле за Бугарската егзархија. Нејзината национална и политичка програма ги одразувала традиционалните идеали на ВМРО: натамошната верба во општо востание, но само под поволни внатрешни и надворешни услови, потоа заштита на независноста на движењето како и отфрлање на секое туѓо мешање. Крајната цел останала ’Македонија на Македонците‘ (т.е. зачувување на територијалниот интегритет и остварување на едно од следниве: автономија во рамките на Османската Империја, независност или рамноправно партнерство во некоја идна балканска федерација)“, пишува Росос.

Според него, десницата била многу похетерогена и помалку единствена во однос на повеќето прашања. Во неа имало активисти чии цели биле исти со оние на левицата, но тие сметале дека надворешната помош е од суштинско значење и биле свртени кон Бугарите.

[Христо Матов (лево) и Христо Татарчев беа апостолите на десните сили во ВМРО. Тие се колнеа во блискоста со Софија, но за автономија на Македонија]

„Во неа, сепак, доминирале и ја воделе Македонци, кои биле отворено пробугарски ориентирани или кои себеси се сметале за Бугари. Тие ги фокусирале своите активности кон егзархистичките Македонци. Нивните водачи Христо Матов и д-р Христо Татарчев живееле во Софија, а упориште по Илинденското востание им бил Скопскиот револуционерен округ. Тие ја прифатиле централизацијата и се противеле на поголеми промени во организацијата. Повеќето од водачите на десницата не верувале во испланирано и добро подготвено внатрешно востание. Претпочитале да се продолжи со вооружени напади против османлиски цели за да се испровоцира надворешна интервенција од страна на Бугарија или на големите сили или на двете. Во нивните текстови, декларации и прокламации тие ја истакнувале автономијата како крајна цел, што несомнено била причината зошто добиле поддршка внатре во Македонија и особено од многубројните македонски бегалци и имигранти во Бугарија“, смета Росос.

Истовремено тој додава дека македонската автономија отелотворувала различни значења за разни елементи во десницата. За некои од нив, исто како и за некои во левицата, таа значела вистинска самоуправна држава во која владее еднаквост за сите нејзини етнички елементи. За други, таа имплицирала некаков вид асоцијација со Бугарија. А за трети, таа претставувала само прв чекор кон анексија од страна на Бугарија и создавање голема, санстефанска Бугарија.

„Силната пробугарска ориентација на водачите не добила отворен публицитет, таа останала ’скриена агенда‘, но постепено станала уште посилна и подобро позната. Како резултат од тоа, многу посматрачи почнале да ја идентификуваат десницата на ВМРО со идеите и целите на поранешниот Врховен македонски револуционерен комитет со седиште во Софија, кој се појавил во 1895 година и им служел на бугарските државни интереси во Македонија“, заклучува Ендру Росос.

Санданистите луѓето на десницата ќе ги сметаат за ренегати и нови врховисти. Пред двојното убиство на Борис Сарафов и на Иван Гарванов во Софија, кое ќе биде клучен момент за расколот и македонските братоубиства, Сандански ќе се сретне со повеќемина негови истомисленици за да се посоветува што да се преземе да се спаси, според него, македонското дело. Ќе биде одржано советување, во кое ќе учествуваат и Ѓорче Петров, Пере Тошев, Димо Хаџидимов, Михаил Герџиков и други. Претставниците на десните сили нив ќе ги определат како интелектуални соучесници во убиството на Сарафов и Гарванов.

Ставовите што ги застапувал Сандански подоцна на Христо Силјанов ќе му ги пренесе Стефан Кемилев, кој бил присутен на разговорите во Софија. Според него, Сандански им објаснувал на присутните дека односите меѓу двете струи се толку изострени што до нивно зближување не може да дојде и дека не станува збор за лични несогласувања, туку за „две принципиелни становишта што заемно се исклучуваат“. Сандански, со чија појава сметаат бугарски историчари, за сите времиња била загубена бугарската кауза во Македонија, ја застапувал тезата дека е погубно македонското прашање да се третира како прашање за национално обединување на Бугарите и дека луѓето на другата страна и' се продале на бугарската влада.

„Сите што агитираат било во Македонија било надвор од неа врз основа на ослободување и обединување на Бугарите, треба да бидат пресретнати непријателски од ВМРО, исто како што се пресретнуваат од Организацијата српските агитирања и чети. Сандански објаснуваше во општи црти дека треба да се работи за пробудување на сознанието на масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за издвојување на своја слобода без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои што би дошле да ги ослободат, ќе дојдат, всушност, да ги поробат”, ги пренесува Силјанов кажувањата на Камилев подвлекувајќи дека Јане сметал оти македонското прашање не може да се реши ако се постави како бугарско прашање.

Како што оценува Силјанов, во тие судбоносни денови за македонското дело не постоело големо и авторитетно име за да ги смири закрвавените страни што почнале меѓусебно да се демнат и подоцна да се истребуваат. Даме Груев, човекот кого го сметале за волјата на Внатрешната организација, непосредно пред дефинитивниот раскол бил убиен во Русиново, Беровско. Многумина помислувале дека тоа можат да бидат Ѓорче Петров и молчаливиот Пере Тошев, кого го определуваат како совеста на македонското дело, но тие се држеле понастрана и на санданистите гледале со симпатии и го делеле нивното мислење дека десните се' повеќе се приближуваат кон бугарскиот двор. Така ќе започне невидена братоубиствена војна меѓу македонските револуционери што ќе трае десетици години и ќе остави трајни последици врз македонското дело.

(Продолжува)

No comments: