June 8, 2012

„Меморандум“ до Руската влада од 1902 година

1902, ноември, 12, С.-Петербург

Bo меморандумот упатен до руската влада, потпишан од Стеван Јакимов Дедов, се изнесува разработен проект за мирољубиво, т.е. по еволутивен пат, решавање на македонското прашање. Се бара признавање на националната посебност на македонскиот народ и создавање автономна Македонија - најпрвин во рамките на османлиската држава, а потоа и како одделна држава на Балканскиот Полуостров под заштита на големите сили. Меморандумот е поднесен во времето кога извесно подобрување на положбата во Македонија било прифатено како неминовност и од големите сили. Се укажува дека слободна Македонија од своја страна во политички, национален и црковен однос ќе се погрижи да ги привлече кон себе соседните држави во федерација и ќе ја исполни својата мисија мирно и тивко.

МЕМОРАНДУМ

... Од сето досега речено е јасно дека за подобрување на положбата на христијанското население во Македонија како прв чекор треба да послужи обединуваньето на словенското население како најзначително во Македонија. Тоа обединување треба да биде како национално така и духовно. За тоа не се потребни никакви револуции; би било доволно руското општествено мнение, заедно со руската дипломатија, да повлијае врз балканските држави за последниве да се откажат од својата завојувачка политика и да ги отповикаат од Македонија своите пропаганди; и ако тие сакаат, од каква и да е хумана гледна точка да ги помогнат своите „браќа“, како што имаат обичај сега да ги нарекуваат Македонците, ќе се најдат илјадници други начини да ги изразат своите братски /чувства/. Co отповикувањето на пропагандите ќе престане антагонизмот меѓу населението; словенското население ќе се обедини во една компактна маса и секогаш ќе биде во состојба да им даде отпор на сите антинационални текови. Сево ова, како што веќе рековме, може да се направи тивко и мирно, по еволутивен пат, без нарушување на мирот и уништување на словенскиот елемент, а дотогаш додека албанското прашање не созрее политички и национално, дотогаш додека да се реши прашањето кој ќе ги завладее Дарданелите, дотогаш Македонија volens nolens, по неопходност, треба да биде составен дел на Отоманската Империја, зашто секакви востанија не можат да дадат никакви други резултати, освен истребувањето на словенското население, а тоа можат да го сакаат само непријателите на словенството и православието. Единствените подобрувања што можат засега да се направат и со кои треба да се согласат и балканските држави се сведуваат, според нашето мислење, на следново:
1. Признавање на македонските Словени од страна на Турција како одделен народ со одделен литературен јазик, што рамноправно со турскиот станува официјален јазик во трите вилаети на Македонија - Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот, и признавање на самостојна/македонска/ црква.
2. Назначување на еден генерал-губернатор и еден негов помошник за оваа провинција од споменатите три вилаети. Генерал-губернаторот може да биде турски државјанин од мнозинската националност во таа провинција, а неговиот помошник од помалку застапената националност.
3. Месно изборно народно собрание и дарување на Македонија органски статут од Неговото Императорско Величество Султанот.
4. Спроведувањето во живот на правата дарувани од Н. И. В. Султанот на Македонија се гарантира од европските големи држави итн., итн. (како и провинцијата Либан).
На ваквите реформи не може да не се согласи турската влада. Досега Високата порта се извинуваше дека и самата не знае на каков начин да ги исполни реформите предвидени во 23-от член од Берлинскиот договор, бидејќи во прв план треба да се реши прашањето на јазикот, зашто Македонија во сегашното време како да претставува конгломерат од јазици и народности.
Разделувањето пак на сфери на влијанија во Македонија, како што предлагаат Србите и Грците, е невозможно. За нејзиното конечно разделување меѓу Србите, Бугарите и Грците таа пред сè треба да престане да постои како турска област, а тоа Турција нема да го допушти без војна, а Европа пак не може да го допушти последново.
Ете зошто, тоа се минимални права и реформи кои можат да се бараат и кои можат да се реализираат при постојните политички околности, и на тој начин се зачувува целоста на Турција, гарантирана од големите држави, што е неопходно и за зачувувањето на европскиот мир.
Не треба да зборавиме дека таквата слободна Македонија ќе биде единствена држава на Балканскиот Полуостров што ќе го обрне целото свое внимание врз својот внатрешен живот, нема да има никакви завојувачки планови, нема да има зошто да се плаши од своите соседи, бидејќи нејзиното постоење како одделна држава ќе биде осигурено од големите сили. Таквата слободна Македонија пак од своја страна во политички, национален и црковен однос ќе се труди да ги привлече кон себе соседните држави во федерација и ќе ја исполни својата мисија мирно и тивко. Со еден збор, само таквата Македонија може да се јави на Балканскиот Полуостров како „Пиемонт за обединуванье на балканското словенство и православие“.
Излагајќи ги на брза рака нашите убедувања за интересите на македонското словенско население, ние се надеваме дека императорската руска влада внимателно ќе ги ислуша и нема да го откаже своето содејство за исполнување на толку тешката задача, како што е задачата за политичко, национално и духовно ослободување на македонското словенство.
Според тоа, ние сме длабоко убедени дека моќниот глас на руското словенско општествено мислење ќе побрза кон Вашиот благороден апел и ќе Ви ја укаже неопходната поддршка да ги изгладите (да ги израмните) неправедните и лукави дејствија на европската дипломатија и да му помогнете на еден беден народ.

Имам чест да останам кон Вашето превосходство со длабока почит и преданост.
Стеван Јакимов Дедов

Државен архив на Југославија. Белград, фонд на JOB. М. Јовановиќ-Пижон, 48/2256/3. (Преземено од: Блаже Ристовски, Македонска нација, 2, Мисла, Скопје, 1983, стр. 70-72.)

No comments: