May 25, 2012

Македонскиот јазол 19

Англиската бариера ја „проголта" Македонија

Германската амбасада во Лондон го наведува доказот дека Македонија, и покрај неуспешното и со многу жртви проследено востание од 1903 година, остана доволно добар објект за да добие една улога во стратегиското поле на силите на Балканот - било тоа, најпрво, само како шаховска фигура на англиската „глобална" политика. Оваа функција на Македонија е тесно поврзана со интересите на Германскиот Рајх, кои почнувајќи од неговото основање се означуваат како исклучиво стопански - дури и кога се работеше за големиот проект на багдадската железница, чија изградба (со двотретинско германско учество) почна во 1903 година. Овде владата на Рајхот грубо ги прецени британските интереси и нивната чувствителност, оти Лондон ја посматраше трансанатолиската железница од една сосема поинаква перспектива.

Германската амбасада го цитира во еден извештај текстот на прилогот од 1906 година во кој беше тематизирана неопходноста на британската одбрана од „опасност од панисламистичките движења". И тоа „движењето... можело да нарасне во сериозна опасност за земјите со мухамеданско население, особено за Англија и за Франција, затоа што зад него стоела Германија".

Оваа процена беше предизвик за англиската политика на рамнотежа (секако, подобро: политика на сопствената рамнотежа) - можеби со цел еден ден таа да ја присвои за себе и багдадската железница, како претходно Суецкиот Канал, Кипар и другите стратегиски значајни објекти.

„Во услови на голема опасност од панисламистичкото движење би морало наскоро да се преземат мерки за борба против него. Ќе мора..., пред се, да биде прекината врската меѓу Берлин и Константинопол. Отаде, панисламот било прашањето за кое треба, заедно со другите, да се договорат со Германија. Мачно било да се тврди дека односите меѓу Германија и Англија биле добри се додека во Берлин не дошло до целосна промена во мислењата... „Се додека Англија не постави една бариера меѓу Германија и Турција, панисламизмот се повеќе ќе се шири и стремежот на Германија кон Исток ќе станува се поголема опасност. Вистинската опасност на багдадската железница лежела во тоа што, во практика, со неа би се воспоставила врската на Мала Азија со европските поседи на Германија".

Поимот „европски поседи на Германија" дејствува навистина, многу опскурно (можеби, сепак, намерата беше да се навредат Австријците?), од една страна - покрај намерата да се полемизира против Германија, главната задача на прилогот, очигледно, се состоеше во тоа, да се анализира тогашниот начин на мислење на колонијалната сила Англија, како и да се даде лајтмотивот за идниот начин на постапување на Велика Британија во однос на Германија.

На ова место, повторно влегува Македонија во англиска сметка: „Бариерата... треба да биде постигната со тоа што англиската влада ќе се одбие да постигне договор со трите дунавски држави, Србија, Романија и Бугарија. Обединувањето на државите меѓу себе, кои не посакуваат ништо друго освен можност за мирољубив развиток" (ова не е единственото лицемерство и залажување во долгиот прилог) „ќе биде постигнато кога на Србија, со Скутари, ќе и биде овозможен пристапот на Јадранот, на Бугарија, пристапот на Егејско Море, кон Кавала. Вилаетите Салоники и Манастир треба да станат една автономна покраина под меѓународна контрола".

Да се размисли! Најдоброинформираната светска сила Англија поаѓа, сосема разбирливо, од еден македонски Салоники, додека Грција од 1913 година, сака да го натера светот да верува дека Тесалоники „отсекогаш" бил грчки град.

И понатаму: „Грција треба повторно да го добие подрачјето во последната војна и освен тоа, не сметајќи го Крит" (се разбира, оти тој еден ден треба да стане англиски) „уште еден дел од крајбрежјето до висината на Крф". (Значи, албанска територија). „На Турција и останува сопственоста на Адрианопол и Константинопол и таа добива една извесна сума како отштета. Албанија треба да стане една одвоена државна творба под италијанска или меѓународна контрола. Ишкип (Скопје) ќе биде единствениот камен на сопнување, тој ќе мора да потпадне на Србија или на Македонија". Сигурно било „дека Англија може да постигне согласност со балканските држави, и со тоа, и решение за македонското прашање".

Извонредно интересно. Никој не ќе може да оспори дека ова беше еден трезвен и објективен поглед на тогашната реална состојба на Балканот. Во принцип, Англија со својата остроумна анализа го следеше истиот урнек, според кој и на сите други балкански држави им беше дозволена независноста. Соседите на Македонија таа реалност ја имаа претставено целосно извртено, само поради тоа што таа не одговараше на нивните сопствени амбиции со оглед на туѓата македонска територија. Затоа се покажа дека англискиот стратег ја имаше направено сметката без данскиот крал на Грција.

На денешните Македонци еднаш треба да им е повеќе од јасно колку блиску нивниот народ, во тоа време, беше стигнал до посакуваниот статус на автономија и, со тоа, до претскалилото до независноста. Значењето на оваа проблематика се состои во тоа, доовде се работи за размислувања на една од водечките големи сили на Европа. Следствено, и покрај пропуштената шанса на Берлинскиот конгрес и покрај неуспешното Илинденско востание, историјата, секогаш одново, ја држеше вратата кон слободата малку подотворена - се додека таа во 1944 година не беше отворена на половина и во 1991 година целосно.

Не треба воопшто да се потсетува на тоа дека Лондон, имено, не се раководеше од симпатии за Македонците или од некој (непостоен) стремеж за праведност и еднаквост.

Во исто време, не треба да се потцени далекосежното значењето на тој прилог. Во него беа изложени основните начела на англиската политика, кои во идните години станаа меродавни како водечки линии за практичното постапување во однос на Германскиот Рајх. Како главна цел на нејзините политички намери, Англија го следеше - уште тогаш! - затворањето на еден херметички обрач од сојузници околу Австрија и Германија. Тоа не е, во никој случај, некаква шпекулација: во тоа време (1906) беа изминати две години од основањето на Entente Cordiale и подготовките на Tripel Etente мора да оделе под полна пареа. Средбата од Ревал, потоа, ќе ја постави само уште заклучната точка. Овде беше веќе долгорочно конципирано да се додели лекција!

Незамисливо!

Ханс - Лотар Штепан (крај)

No comments: