January 29, 2012

Стратегија за одбрана на уставното име



ВОВЕД

Република Македонија во септември 1991 стана независна, самостојна и суверена држава на еден дел од својата етничка територија со што се оствари вековниот идеал на македонскиот народ за сопствена држава.

Но, уште на самиот почеток Република Македонија се соочи со проблеми во процесот на меѓународно то признавање. Така, на Македонија и беше оспорено уставно то име, нешто, веројатно, дотогаш непознато на меѓународната сцена да се негира есенцијален елемент од правната личност на еден меѓународно-правен субјект.

Во овој контекст, проблематичен стана и македонскиот устав, кој беше ревидиран во јануари 1992 година, неполни два месеца по неговото изгласување во македонскиот парламент, се проблематизира и македонското знаме кое, на крај, доживеа измена во октомври 1995 година.

Значи, во прилично сложени околности Република Македонија го започна својот пат за добивање меѓународно признавање и прием во Обединетите Нации, што ќе се одвива етапно, и тоа, најпрвин неуспешно преку процедурите на ЕЗ како „европско прашање“, а потоа прашањето се префрли во ОН.

Приемот на Република Македонија во ОН ќе биде заокружен вон правилата на востановениот меѓународен поредок; во случајот на Македонија, ОН ќе направат преседан – првпат во својата историја светската организација ќе признае една држава без име и без официјално знаме! Притоа, приемот на Република Македонија, како 181-ва членка на ОН, е нотиран под буквата „Т“, со референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а не под буквата „М“, како што налага меѓународната процедура.

Но, притисоците не престанаа. Грција континуирано го држи отворено прашањето за името, заострувајќи го со проблематизирање и на културниот, јазичкиот, како и на историскиот идентитет. На овој начин, Грција во континуитет спроведува стратегија за национален геноцид врз Македонците, иако нејзините објаснувања се, дека ја брани својата национална безбедност.

Од друга страна, Македонија уште во почетокот се определи за дефанзивна политика во однос на наводниот спор, со континуирано попуштање, без оглед на фактот што Грција преземаше мерки што заслужуваа реципрочно однесување од македонска страна.

На пример, затворање на границата за патници од Македонија, бројни провокации, малтретирања и шиканирања под секое човечко достоинство на македонски граѓани што патуваат за Грција, целосна и брутална блокада врз Македонија во 1994 година со цел да ја дестабилизира Македонија економски, потоа притисоците во форма на погранични маневри и навлегување со воени авиони во македонскиот воздушен простор, заканувајќи се посредно со воена агресија и слично.

Република Македонија настапуваше со премногу респект кон демократските норми на ЕУ, кои таа самата ги газеше на секој чекор.

Притоа, македонската политика не разви доволен капацитет за да изгради подобра позиција во овој наводен спор наметнат од Грција, покрај другото, и заради апсурдната поделеност меѓу релевантните македонски политички субјекти, кои се занимаваа сами со себе, или ова прашање од највитален национален интерес го злоупотребуваа во меѓусебната борба за власт.

Требаше да се случи Самитот на НАТО во Букурешт, во април 2008 година за да дојде до отрезнување и за да се сфати потребата од изготвување на стратегија за одбрана на името, националниот идентитет и јазикот.

Конечно, на 3 ноември 2008 година, Собранието на Република Македонија донесе Резолуција за изнаоѓање стратегија за спорот наметнат од страна на Република Грција.

Со државната стратегија е неопходно да се од брани името, највисоките државни и национални интереси и да се зачува идентитетот на македонскиот народ, јазик, историја, култура, постоењето на македонското национално малцинство и да се афирмира позицијата на Република Македонија како суверена и самостојна држава.

Значи, на Република Македонија и е потребна стратегија за одбрана на уставното име, а не стратегија за национален пораз, за наводна неопходност од компромисно решавање на наводниот спор и за наводната неминовност за промена на името на нашата земја.

Стратегијата мора да биде темелена врз документи што не ја лимитираат аргументацијата која е во прилог на одбраната на уставното име Република Македонија.

Затоа, ВМРО Демократската партија и Народното движење за Македонија предлагаат државна стратегија, која се темели врз релевантни историски факти и формално-правни акти што ја афирмираат позицијата на Македонија пред меѓународните институции и пред меѓународната јавност.

Овој Предлог-државна стратегија, покрај воведот и резимето, содржи уште и платформа и основни насоки чиј составен дел се и правните опции кои Република Македонија може да ги избере во рамките на Обединетите Нации со цел да го оствари своето право да биде ословувана како Република Македонија.

ПЛАТФОРМА

Во подготовките за одбрана на уставното име потребно е да се води сметка за следниве неспорни историски факти и документи, опфатени во следната содржина:

1. КРАТОК ПРЕГЛЕД НА ИСТОРИСКИ ФАКТИ

2. МЕЃУНАРОДНИ ДОКУМЕНТИ

2.1. Повелба на Обединетите Нации;
2.2. Декларација на ЕЗ за Југославија и Декларација на ЕЗ за препораките за приз навање на новите држави од Источна Европа и од Советскиот сојуз од 16 декември 1991 година;
2.3. Извештај на Арбитражната (Бадинтеровата) комисија на ЕЗ – Мислење број 6 од 11 јануари 1992 година;
2.4. Резолуција 817 на Советот за безбедност на ОН (1993).

3. ДОКУМЕНТИ НА ДОМАШНИ ОРГАНИ

3.1. Одлука на Собранието на Социјалистичка Република Македонија од 7 јуни 1991 година;
3.2. Декларација на Собранието на Република Македонија од 17 септември 1991 година;
3.3. Уставот на Република Македонија од 17 ноември 1991 година;
3.4. Декларација на Собранието на Република Македонија, од 19 декември 1991 година, за меѓународно признавање на Република Македонија како независна и суверена држава;
3.5. Барање за признавање на независноста на Македонија до претседателот на Министерскиот совет на ЕЗ од 20 декември 1991 година;
3.6. Декларација на Собранието на Република Македонија од 2 јули 1992 година по повод Декларацијата на ЕЗ од Лисабон од 27 јуни 1992 година;
3.7. Изјава на Владата на Македонија од вонредната седница одржана на 28 јуни 1992 година;
3.8. Официјална нота на премиерот Бранко Црвенковски, од 24 март 1993 година, до Претседателот на Советот за безбедност на ОН.

1. КРАТОК ПРЕГЛЕД НА ИСТОРИСКИ ФАКТИ

Овој простор го носи името Македонија, и тоа е по врзано со античките Македонци и нивното славно кралство. Своето име Македонија го носи непрекинато како единствена земја на Балканот, од околу седмиот век пред нашата ера до денеска, близу три милениуми. Уште старогрчкиот историчар Тукидид (463–396 г. п.н.е) дава опис на границата на Македонија.

Самите грчки автори наведуваат дека денешната територија на Република Македонија е стопроцентно иста на нејзината претходничка Социјалистичка Република Македонија и со своите 39% е сместена точно во границите на земјата, која географски и грчките автори ја нарекуваат Македонија.

Во текот на историскиот развиток настапува една трајна историска симбиоза меѓу античките Македонци и другите народи кои поминувале на овој простор со името Македонија.

Во овој контекст, с. до конституирањето на современата македонска нација ниеден друг народ не го носел или присвоил тоа македонско име. Значи, во еден долг и континуиран историски процес, кој трае со векови, се создаваат потребните претпоставки за избор на македонското име како национално и како битна конституанта на македонската национална свест и на македонската нација.

Тоа се случува, со својата закономерност и објективност во текот на деветнаесетиот век. Впрочем, ниту еден од балканските народи во почетокот на деветнаесетиот век сè уште не бил конституиран како нација. Религиозната припадност ја определувала политичката и социјалната положба на султановите поданици за време на турското владеење на овие простори.

На почетокот на деветнаесетиот век во Русија владеело уверување дека тоталниот крах на Турција ќе се случи за многу кратко време. Затоа, руската влада му дава налог на министерот за надворешни работи Јоанис Каподистриас, со грчко потекло, да понуди решение кое би предвидувало основање на неколку балкански држави по распадот на турската империја.

Јоанис Каподистриас во 1829 година и го дал на руската влада следниот предлог. На Балканот да се создаде една држава-федерација составена од 5 држави од втор ранг, организирани како монархии: Кралство Србија (Србија, Бугарија, Босна), Елинско Кралство (континентална Грција, Пелопонез, островите на Архипелагот и јонските острови), Кралство Македонија (Македонија, Тракија, островите Имброс, Самос и Тасос) Кралство Епир (Епир, Северна и Јужна Албанија) и Кралство Дакија (Молдавија и Влашко).

Секако, интересно е тоа што Гркот Каподистриас немал претензии да ја вклучи Македонија во Елинското кралство, а токму на тоа одделно кралство му го дал наводно историски грчкото име Македонија. Не може ни да се претпостави дека еден високообразован еминентен европски дипломат и, секако, добар познавач на работите згрешил.

Тој сигурно постапувал објективно и во согласност со реалните нешта, и името Македонија го предложил за една друга држава, надвор од Грција, и тоа не се сметало ниту за узурпација, ниту за навреда на Грција, односно за фалсификување на историјата, туку за сосема легитимна работа. Разликата, денес, е само во тоа што наместо кралство имаме Република Македонија.

Најинтересно е дека Јоанис Каподистриас (1875–1931) е првиот премиер на нововековната грчка држава.

Во 1876 година, австроунгарскиот министер за надворешни работи, грофот Андраши, побарал создавање на автономна Македонија во царинска унија со Австроунгарското Царство, но со тоа не се согласил рускиот канцелар Горчаков.

Еминентниот француски научник Ами Буе (1794–1881) во сите свои научни сознанија и комбинации предвидува држава која го содржи името Македонија.
Врз оваа основа, претседателот на Географското друштво од Женева, Бутилие д’ Бомон изработил географска карта во која Македонија фигурира како одделна држава која се простира надвор и северно од територијата на Грција.

Прочуениот англиски државник Вилијам Гледстон ќе напише: „А зошто да не биде Македонија на Македонците, како што е Бугарија на Бугарите и Срби ја на Србите?“

Бројни се записите на странски набљудувачи, етнографи, слависти, историчари, воени команданти, политичари итн., кои вршеле истражувања на лице место, во Македонија и ги изнесувале објективно своите резултати, заклучоци, предлози.

Подоцна, самата Грција пред Лигата на народите (основана 1919 г.) презеде низа обврски дека ќе ги почитува правата на македонското население како национално малцинство.

Бројни се записите во кои Македонците категорички изјавуваат дека не сакаат да бидат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, туку само ортодоксни Македонци.

На Балканскиот конгрес во 1929 година, Е. Венизелос, како премиер на Грција, не само што го потврдува постоењето на македонското малцинство во Грција туку и ветува дека тој лично ќе се заложи за задоволување на правата на тоа малцинство. Во својот таен меморандум од 12.02.1934 година до тогашниот министер за надворешни работи на Грција, Максимос, Венизелос истакнува дека Македонците не се чувствуваат ниту како Грци, ниту како Бугари.

Има повеќе написи од деветнаесетиот век во кои одделни грчки кругови изнесуваат објективни сознанија и покажуваат објективен однос кон македонското прашање, кон карактерот на Македонците и на македонската нација. Значи, автентични и компетентни грчки извори од тоа време го потврдуваат постоењето на посебна македонска нација за која употребуваат и соодветно име кое го содржи зборот Македонец. Во овој контекст, од 1900 до 1941 година голем број автори и луѓе од политиката зборуваат сосема отворено за значителниот број граѓани на Грција, во грчка Македонија, кои зборуваат на еден јазик што тие го нарекуваат македонски, а луѓето кои го зборуваат овој јазик ги именуваат како Македонци.

Грчката севкупна левица, речиси, отворено го признаваше постоењето на македонското малцинство во Грција, а Комунистичката партија на Грција во еден период ја издигна паролата за независна Македонија и Тракија.

Серафим Максимос, шеф на парламентарната група на Обединетиот народен фронт, во 1927 година, во својот говор во грчкиот парламент, меѓу другото, ќе рече дека основната политика на социјалистичките партии од Првата до Третата интернационала го признаваше правото на самоопределување до отцепување на секој народ, вклучувајќи го и македонскиот народ.

Во изјавата на командантот на ДАГ, и претседател на Привремената демократска влада на Грција, генералот Маркос Вафијадес, од март 1947 година, се вели дека ќе бара целосна рамноправност на Македонците и на другите националности во Грција.

Привремената влада на Грција во април 1949 изврши реорганизација на својот состав со приемот во ранг на министер на еден претставник на НОФ на Македонците, Паскал Митревски, од егејскиот дел на Македонија.

Лидерот на левите либерали во Грција, Јоанис Софијанопулос, и бивш министер за надворешни работи на Грција, во грчкиот парламент, во септември 1950 година, признава дека во Грција има македонско малцинство.

Во ноември 1959 г., кога грчкиот парламент расправаше, а потоа го ратифицира Договорот за погранична соработка меѓу Грција и Југославија, тогашниот министер за надворешни работи на Грција (еминентен член на раководството на партијата на Караманлис), Евангелос Авероф во грчкиот парламент го спомна и македонскиот јазик.
Македонското име за Македонците без предрасуди го спомнуваат доминантни личности и во духовниот живот на Грција, вклучително и современиот грчки поет Јанис Рицос, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Европскиот парламент во извештајот од 1977 г. ве ли дека во Грција има пет малцинстава, меѓу кои и македонското, дека во таа земја се зборува освен на официјалниот уште на 4 други јазици: турскиот, албанскиот, влашкиот и македонскиот. Независни от пратеник, Филинос, имаше храброст да потврди во грчкиот парламент дека во Грција, навистина, живеат наведените малцинства.
Грција, на Третата конференција на ОН за типиза ција на географските имиња (која, впрочем, се одржа во Атина во 1977), ја прифати без никакви резерви Резолуцијата на Конференцијата, според која се усвојуваат меѓународните системи за латинична транскрипција на српско-хрватските и на македонските географски имиња со констатација дека во Југославија веќе одамна се применува предавањето на латиница на српско-хрватското и на македонското кирилично писмо.

Во 1982 година, на Четвртата конференција на ОН, што по истиот предмет беше одржана во Женева, грчката страна отиде уште понатаму и наведе дека Грција им дава подршка на сите соодветни резолуции на Конференцијата на ОН за типизација на географските имиња и предложи почитување на националните топоними, така како што се тие типизирани од компетентните органи за географски имиња во секоја одделна земја.

Значи, Грција во 1977 и 1982 година со овие одборувања, практично, на најкомпетентната трибина ги призна името Македонија и македонскиот јазик.
Во средината на февруари 1993 година 358 грчки интелектуалци се појавија со петиција до Владата на Република Грција, со која бараат никој да не оспорува дека постои и друга, негрчка Македонија и дека таа претставува стварност.

На 28 март 1993 година на седница на Грчкиот парламент, одговарајќи на нападите од страна на опозицискиот ПАСОК, премиерот К. Мицотакис истакна: „Сите влади во земјата, досега, го поддржуваа ставот дека Скопје има право во името да го употребува географскиот поим Македонија“.

На оваа седница Мицотакис уште . обелодени на јавноста една изјава од Андреас Папандреу (тогаш премиер на Грција) од 4 мај 1986 г., кој, говорејќи пред грчките офицери во Алекдруполис, кажал: „Ние не се обидуваме да извршиме притисок врз Југославија да не го употебува терминот Македонија.
Нивно право е како независна земја да прават што сакаат“.

Има многу податоци според кои најповикани луѓе, дипломати и научници од балканските земји во службени и доверливи документи уште во деветнаесетиот век зборуваат за Македонци, македонски народ, македонски литературен јазик.

2. МЕЃУНАРОДНИ ДОКУМЕНТИ

2.1. Повелбата на Обединетите Нации Според член 4, став 1 од Повелбата на ОН прием на нови членки во светската организација е можен со исполнување на следните услови: државите да се мирољубиви, да ги прифатат обврските што произлегуваат за нив од Повелбата и реално да се способни и да имаат волја да ги спроведуваат. Значи, на Македонија при приемот во ОН . беа поставени два дополнителни услова кои немаат правен карактер и кои значат директно кршење на Повелбата и тоа: да прифати описно име ПЈРМ и да преговара со Грција за своето уставно име.

Меѓународниот суд на правдата, како еден од главните органи на Обединетите Нации, го разгледуваше прашањето за поставување дополнителни услови за членување во Обединетите Нации. Во своето советодавно мислење, од 28 мај 1948 година, во врска со условите за прием на една држава во членството на Обединетите Нации, судот зазеде правно стојалиште (содржано во ICJ Reports, 1948, p.57.) дека барањата наведени во член 4, став 1 од Повелбата за членството „претставуваат исцрпувачко набројување, и дека тие не се дадени едноставно како раководни принципи или пример”. Тоа значи дека, ако апликантот ги задоволи четирите услови од член 4, став 1 од Повелбата, таа држава треба да биде примена во членството.

Судот го зазеде овој став во врска со приемот во ОН на Цисјорданија, Италија, Финска, Португалија и Ирска, кој беше блокиран од страна на тогашниот СССР и на неговите сојузници со поставување на дополнителни услови.

Според напред наведеното судско мислење од 1948 година, една држава не може да се условува пред приемот со претходно признавање на елементи од правната личност, односно таквото условување претставува поставување дополнителни услови кои се спротивни на член 4 став 1 од Повелбата на ОН; судот експлицитно се изјасни дека со поставувањето на такви услови се крши Повелбата на ОН.

Мнозинството на судии застана на правното стојалиште дека приемот на една држава во ОН не смее да се заснова на други услови освен на условите пропишани во член 4, став 1 од Повелбата. Затоа, ОН не може да инсистира дека користењето на името ПЈРМ е услов за членство на Македонија во ОН.

Со дополнителните услови поставени на Македонија се повредува и принципот на правна еднаквост на државите-членки на ОН, содржан во член 2, став 1 од Повелбата, како и став 7 од истиот член затоа што овие дополнителни услови се однесуваат на едно инхерентно право (името на државата) кое е во строга внатрешна јурисдикција на една држава, а со тоа се повредува принципот на немешање на ОН во внатрешните работи на земјите-членки.

2.2. Европската Заедница и нејзините земји-членки на 16 декември 1991 година, во Брисел донесоа Декларација за Југославија и Декларација за препораките за признавање на новите држави од Источна Европа и од Советскиот сојуз со што ги поставија условите за признавање на оние југословенски републики кои тоа ќе го побараат. Притоа, како услови за признавање на новосоздадените држави беа формулирани критериуми како правна држава, човекови права, демократија и владеење на правото.

2.3. Во согласност со Декларацијата на ЕЗ за Југославија од 27 август 1991 година се востанови мировната конференција во Хаг и се формираше Арбитражана комисија која ќе ги разгледува спорните прашања во југословенската криза.

Врз основа на пристигнатите пријави од Словенија, Хрватска, БиХ и Македонија, во смисла на Декларацијата на ЕЗ од 16 декември 1991 година, со која е побарано од југословенските републики да се изјаснат до 23 декември 1991 година дали сакаат да бидат признати како независни држави, Арбитражната комисија, составена од претседателите на уставните судови на Белгија, Италија, Германија и Шпанија, предводени од Роберт Бадинтер, претседател на Уставниот суд на Франција, донесе соодветни мислења.

На 11 јануари 1992 година Арбитражната комисија го поднесе својот извештај, односно повеќе извештаи што прават целина. Претседавачот на Комисијата, Бадинтер, го достави извештајот до лорд Карингтон, претседавач на Конференцијата за Југославија и до Претседателството на ЕЗ, кое го достави до владите на земјите на ЕЗ и до Европската комисија.

Арбитражната комисија во својот извештај препорача меѓународно признавање на Македонија. Делот од извештајот содржан во мислењето број 6 се однесува на признавање на Република Македонија од страна на Европската заедница и нејзините држави-членки. Република Македонија со писмо од 20 декември 1991, упатено до претседателот на министерскиот совет на Европската заедница, побара земјите-членки на ЕЗ да ја признаат Македонија. Арбитражната комисија пристапи кон разгледување на нашето барање, применувајќи ги одредбите од Декларацијата за Југославија и насоките за признавање на нови држави во Источна Европа и во Советскиот Сојуз, што Министерскиот совет на Европската Заедница ги усвои на 16 декември 1991 година, како и процедуралните одредби што Комисијата ги усвои на 22 декември 1991.

Врз основа на информациите со кои располагаше, откако беше сослушан известувачот, Арбитражната комисија изнесе мислење дека Република Македонија ги задоволува условите за прием, потенцирајќи дека Република Македонија се откажува од какви било територијални претензии и дека ќе се воздржува од секакви непријателски пропаганди вперени против некоја друга држава.
Според тоа, употребата на името Македонија не би требало да подразбира никакви територијални претензии на сметка на некои други држави. Значи, според Арбитражната комисија, Македонија јасно ја изрази народната волја, има суверена власт, јас ни граници, не бара туѓи територии и не ги негира националните права на националните малцинства што живеат во нејзините граници.

2.4. Советот за безбедност на ОН со Резолуцијата 817 (од 7 април 1993 година) му препорача на Генералното Собрание да ја прими во членство на Обединетите Нации, државата, која за сите потреби во Организацијата привремено ќе биде ословувана со „Поранешна југословенска република Македонија“, до решавањето на разликите што се јавија околу името. Инаку, Резолуцијата 817 е краток текст во кој Советот за безбедност изразува оптимизам дека несогласувањето што се јави околу името треба да биде решено, а од двете страни се бара да соработуваат за постигнување на брзо решавање на несогласувањата.

На крај, Советот јасно истакнува дека референцата „Поранешна југословенска Република“ не носи какви било импликации дека државата на која се однесува оваа рефенца има каква било врска со Сојузна Република Југославија. Таа само го отсликува историскиот факт дека државата што е препорачана за прием во ОН со сегашната Резолуција, во минатото била република во поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

3. ДОКУМЕНТИ НА ДОМАШНИ ОРГАНИ

3.1. Собранието на Социјалистичка Република Македонија на 7 јуни 1991 година донесе Одлука за бришење на одредницата социјалистичка од името на државата што значи дека оттогаш името на државата е РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Претходните именувања се: Демократска Федеративна Македонија (од 16.04.1945), Народна Република Македонија (од 08.03.1946), Социјалистичка Република Македонија (од 12.04.1963), и притоа немало ниту една реакција во меѓународната зедница, вклучувајќи ја и Грција, во врска со изборот на името на државата.

3.2. Собранието на Република Македонија на 17 септември 1991 година донесе Декларација со која ги потврди резултатите од референдумот од 8 септември и констатира дека Македонија ќе го темели меѓународно-правниот субјективитет врз доследното почитување на општо усвоените принципи на меѓународните односи, содржани во документите на ОН, завршниот документ на КЕБС и Париската повелба. На референдумот, македонските граѓани со огромно мнозинство, односно 95,26% од излезените избирачи, се изјаснија дека се за самостојна и суверена држава под името РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

3.3. Собранието на 17 ноември 1991 година го донесе Уставот на Република Македонија со кој Републиката се конституира како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна рамноправност на другите национални малцинства. Истовремено со највисокиот правен акт се утврди дека името на државата е РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Меѓународните фактори го оценуваа Уставот со највисоки оценки, а Арбитражната комисија со која претседавше Роберт Бадинтер, македонскиот устав го оцени како акт што ги содржи структурите на демократските режими, како и гаранции за човековите права што се во сила во Европа.

3.4. Собранието на Република Македонија на 19 декември 1991 година донесе Декларација за меѓународно признавање на Република Македонија како независна и суверена држава со што, всушност, одговори на прашалникот содржан во Декларацијата за Југославија, што ја донесе Советот на министрите на ЕЗ во Брисел на 16 декември 1991 година. Значи, побарано е признавање на државата под името Република Македонија.

3.5. До претседателот на Министерскиот совет на ЕЗ, на 20 декември 1991 година, е доставено барање за признавање на независноста на Македонија со посебна нагласка дека Република Македонија нема никакви територијални претензии и дека нема да се меша во внатрешните работи на други држави и побара Заедницата да ја признае Република Македонија.

На 10 јануари 1992 година Арбитражната Комисија побара дополнителни информации од Министерот за односи со странство на Република Македонија, што се доставени до Комисијата со телефакс, на 11 јануари (изјава дека Република Македонија ќе се воздржи од каква било непријателска пропаганда вперена против една соседна земја членка на ЕЗ).

Во врска со нашето барање за признавање, од страна на Собранието, на 6 јануари 1992 г., експресно беа усвоени амандмани за измена на членовите 3 и 49 од Уставот на Република Македонија со кои Републиката се обврзува дека нема никакви територијални претензии спрема соседните држави и дека нема да се меша во внатрешните работи на други држави.

3.6. Во расправата на 43-тата седница на Собранието на Република Македонија по повод Декларацијата на ЕЗ од Лисабон од 27 јуни 1992, со која се бара во името на државата да го нема терминот Македонија, сите политички партии едногласно усвоија Декларација со која енергично се отфрла делот од т.н. Лисабонска декларација, што се однесува на признавањето на Републиката со име кое нема да го вклучува терминот Македонија, оценувајќи ја притоа ваквата декларација за неприфатлива, понижувачка, непринципиелна и заснована на лажни аргументи. Во овој контекст, македонските пратеници консензуално и категорички се изјаснија против какво било пазарење или менување на името на Македонија.

3.7. На вонредната седница одржана на 28 јуни 1992 година, Владата на Македонија ќе упати категорична порака дека го отфрла делот од Лисабонската декларацијата, што се однесува на Македонија.

3.8. Во март 1993 година, Владата на Република Македонија донесе одлука македонскиот став за не прифаќање на промена на името на Македонија да се депонира во Обединетите Нации во официјална форма за да биде составен дел на процедурата за прием на РМ во ОН. За таа цел, тогашниот премиер Бранко Црвенковски на 24 март 1993 година, до H.E. г. Теренс Кристофер О’Брајен, претседател на Советот за безбедност, упати официјална нота во врска со Нацрт-резолуцијата 817 (93) на Советот, во која се нагласува дека Република Македонија, под никакви услови НЕ Е ПОДГОТВЕНА да прифати назив „Поранешна југословенска република Македонија“ како име на земјата.

ОСНОВНИ НАСОКИ

1. Никој нема право да разговара и да преговара за промена на името. Резолуцијата 817 не произведува таква обврска, таа не прејудицира која страна и какви промени треба да прифати, таа не исклучува дури ни трајна статус кво ситуација. Од друга страна, нема нешто што им дава право на оваа генерација Македонци, и тоа само на делот што живее во Република Македонија, да одлучува ат за името и за идентитетот на сите Македонци во светот, и тоа во името и на претходните и на идните генерации.
По речиси две децении откако Грција ни го наметна овој наводен спор за уставното име, денес е повеќе од јасно дека нашиот јужен сосед со наметнувањето на овој спор спроведува стратегија за подривање на темелите на македонската нација. Името е само параван зад кој се крие оваа антимакедонска стратегија.

2. Изборот и усвојувањето на националното име не е регулирано со меѓународни норми, ниту со мултилатерални или билатерални акти и спогодби. Прифатено е обичајното право, според кое, секој народ, секоја нација има право самата да го избере и да го носи своето име. Од таму, никој нема право да обвини една држава и да и го оспорува националното име, и затоа и не постои институција до која може да се упати вакво обвинение. Иако овој официјален протест на премиерот Црвенковски е целосно игнориран во натамошната постапка во Советот за безбедност, тој има свое формално-правно значење. Притоа, наведената заложба на македонската Влада дека не прифаќа промена на името, премиерот Црвенковски ќе ја реафирмира и во наредното писмо, од 5 април 1993 година, до новиот претседател на Советот за безбедност на ОН, H.E. г. Џемшид Маркер.

Во овој контекст, Република Македонија згреши што и покрај поволните историски моменти и факти, промовираше воздржаност во изнесувањето на своите аргументи од самиот почеток во наметнатиот спор, се определи за дефанзивна позиција, задоцни со отварањето на некои прашања, како, на пример, за правата на македонското малцинство во Грција, за имотите на Македонците бегалци и не отвори други, како, на пример, за екстериторијалноста, како сукцесор на поранешна Југославија, во врска со слободната зона во Солун и слично.

За разлика од нас, Грција уште на самиот почеток на спорот примени тактика на т.н. високо отворање, наметнувајќи поекстремна почетна позиција, а на тоа одговаравме погрешно, со екстремна кооперативност.

3. Потребно е Собранието на Република Македонија да донесе посебен документ (Декларација, Резолуција) чија суштина би се сведувала на тоа дека РМ ќе го отфли секој предлог за промена на името, а како решение на спорот, да ја понуди можноста нашиот јужен сосед истоимената провинција во рамките на неговите сегашни меѓународни граници, да ја нарекува Јужна Македонија, по примерот на Република Ирска и Северна Ирска. Зашто, според меѓународното право, правото на Македонија да го задржи своето природно историско име како име на држава е посилно од правото на друга држава која претендира да ја нарекува својата провинција со истото име.

Од меѓународната заедница треба да се побара, исто како во случајот со Кипар, на Република Македонија да и биде дозволено „правото на несогласување“ со начинот на кој Грција сака да го реши проблемот, што таа го има со нашето име, затоа што тоа е прашање кое задира во највиталните национални интереси.

Резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност не ја обврзуваат Македонија да постигне спогодба за решавање на наводниот спор со Грција, ниту пак резолуцијата 817 прејудицира, која страна и какви промени треба да прифати, таа не ја исклучува дури ни трајната статус кво ситуација.

Исто така, државниот врв на Република Македонија, кога зборува за името на Република Македонија, треба да зборува не за некое отстапување, туку да ја убеди европската и светската јавност, дека никому не би требало да му пречи што постои Македонија како држава и како сосед на Грција, зашто таа постоела и порано. Зар Французите треба да се лутат што Велика Британија го има истото име што го има и нивната покраина Бретанија. Една од белгиските покраини се нарекува Луксембург. Дали Белгијците воопшто некогаш помислиле поради тоа да и го оспоруваат правото на истото име на соседната суверена држава. Што би било ако Белгија се однесува како Грција, па да му забрани на Луксембург да се вика со тоа име и да го попречува неговиот опстанок? Како ќе гледа на тоа меѓународната заедница?

4. Република Македонија да ги прекине разговорите за компромисно решавање на уставното име, а кои ни се наметнуваат како услов за наш прием во НАТО и во ЕУ. Во прилог на ваквата одлука, пред сè, говори и фактот што 128 држави членки на ОН н. признале под уставното име. Во овој контекст, уставното име не е спорно и за трите моќни држави во Советот за безбедност, САД, Русија и Кина.

Во таков сооднос на меѓународната сцена, крајно несериозно и непријатно би било, и за огромниот број на држави што н. признале под уставното име, сега да прифатиме некакви придавки, или додавки на името на државата, кое пак е нераскинливо поврзано со името на македонската нација, идентитетот и јазикот.

Република Македонија постапуваше во согласност со барањата на Резолуцијата 817 (93) на ОН преку целосно учество во разговорите со посредство на Обединетите Нации во текот на разумен период на време (18 години) и со исцрпување на сите локални средства (Арбитражната комисија на ЕУ и потоа Управниот комитет на Меѓународната конференција за Поранешна Југославија и добрите услуги на Генералниот секретар) и сега е слободна проблемот да го решава по свое наоѓање.

Резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност не ја обврзуваат Македонија да постигне спогодба за решавање на наводниот спор со Грција, ниту пак резолуцијата 817 прејудицира, која страна и какви промени треба да прифати, таа не ја исклучува дури ни трајната статус кво ситуација.

Во горе споменатите резолуции на ООН не само што никаде не се спомнати преговори туку не е содржан ниту поимот разговори; Советот за безбедност бара од страните да продолжат да соработуваат со ..., да продолжат (со) нивните напори....

Текстот е во духот на потребата од пријателски убедувања и разговори бидејќи се работи за разлика, а не за спор за кој се потребни преговори, заемни отстапки, компромис и спогодбено решение.

Република Македонија ги исполни сите поставени барања, и во изминатите осумнаесет години се согласи на бројни отстапки во корист на Грција, како приемот во ОН со описно име, промена на Уставот и знамето, а проблемот с. уште останува нерешен, разговорите западнаа во ќорсокак, достигнувајќи мртва точка и не можат да доведат до солуција.

Со оглед на таквите факти, Македонија треба да се повика на тоа дека привремениот период за употреба на името „Поранешна југословенска република Македонија“ е изминат и, како резултат на тоа, разговорите треба да се прекинат, а во ОН и во другите супсидијарни организации треба да побара да биде ословувана како Република Македонија.

ПРАВНИ ОПЦИИ ЗА ПРОМЕНА НА ПРИВРЕМЕНАТА РЕФЕРЕНЦА ПЈРМ СО УСТАВНОТО ИМЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО ОН

Во ОН на Македонија и стојат на располагање повеќе начини за да го оствари своето барање да биде нарекувана Република Македонија во рамките на ОН.

Се разбира, клучен фактор во одредувањето на најсоодветниот начин ќе биде политичката проценка на Македонија за тоа кој орган на Обединетите нации ќе реагира најпозитивно во однос на нашето барање да бидеме нарекувани Република Македонија.

1. СЕКРЕТАРИЈАТ

Македонија може да бара да го промени своето име преку Секретаријатот, едноставно известувајќи го Генералниот секретар дека сака да биде нарекувана со името „Република Македонија“. Во овој контекст, му препорачуваме на државниот врв да го проучи востановениот прецедент од страна на Белорусија и Украина, кои своевремено го променија своето име со едноставна нотификација до Генералниот секретар за промена на името.

Во моментот не е сосема јасно дали Генералниот секретар ќе ги нотифицира другите членки и органи на ОН за промена на името или ќе му го препушти прашањето на Генералното Собрание или на Советот за безбедност. Генералниот секретар може да одлучи да го достави барањето до Генералното Собрание поради овластувањето на Собранието да одлучува за работи што се однесуваат на продолжено членство. Причините за одлуката на Генералниот Секретар да го достави барањето до Советот за безбедност содржат факти што се однесуваат на меѓународниот мир и безбедност како и фактот дека Советот прв даде препорака за прием на Македонија во Обединетите Нации.

Не чекајќи што ќе преземе Генералниот Секретар, сметаме дека тактички е добро, веднаш по известувањето на Генералниот секретар, Македонија да започне да го употребува своето уставно име на својата табличка во ОН, притоа повикувајќи се на своето домашно право, пред с., на Уставот.

2. ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ

Македонија може најпрвин своето барање да го достави до Генералното собрание заедно со Предлог резолуција, поставувајќи го како прашање од дневниот ред што треба да биде ставено на пленарно гласање, доколку оцени дека Генералното Собрание повеќе би се изјаснило во прилог на нашето барање, отколку што би го сториле тоа Генералниот секретар или Советот за безбедност.

Тука треба да се има предвид дека Резолуцијата можеби ќе треба да биде донесена со двотретинско мнозинство, ако Грција успее да го наметне како т.н. важно прашање, а во спротивно, во согласност со Повелбата, ќе биде потребно просто мнозинство. Но, како и да е, да потсетиме дека во моментот сме признати под уставното име од 128 држави членки на ОН, што значи дека се потребни претходни соодветни дипломатски контакти со нашите пријатели.

Во овој контекст, со цел однапред да се процени исходот од гласањето за каков било можен спор на пленарната седница на Генералното собрание, Македонија може своето барање прво да го достави во некој од комитетите на Генералното Собрание (ни се чини најсоодветен Шестиот-правен комитет) заради претходно гласање и испитување на расположението на земјите-членки на ОН, бидејќи евентуалното неповолно гласање за Македонија во некој од Комитетите на ОН ќе предизвика помала штета, отколку, ако тоа се случи на пленумот.

Алтернативно, Генералното Собрание може да го достави барањето до Советот за безбедност или пак да побара советодавно мислење за предметот од Меѓународниот суд на правдата.

3. СОВЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Спорот може да стигне до Советот за безбедност преку Генералниот секретар или Генералното собрание, како и преку истрага водена од самиот Совет. Македонија, или Грција, може, исто така, да побара да го поднесе спорот пред Советот за безбедност. Советот за безбедност може да го одреди барањето на Македонија или како прашање на членство за чие изгласување е потребно двотретинско мнозинство или како спор што претставува закана за мирот и безбедноста. Треба да се има предвид дека во Советот за безбедност може да дојде до несогласици во однос на барањето на Македонија.

Ако Советот за безбедност го третитра ова прашање како прашање за членство и ако даде препорака на Генералното Собрание, тогаш Генералното Собрание е обврзано да гласа по тоа прашање. Ако пак Советот за безбедност го третира прашањето како создавање на основа за спор, тогаш препораката дадена од Советот за безбедност ќе биде необврзувачка, и од Генералното Собрание нема да се бара да постапува по таа препорака.

Советот за безбедност може исто така да бара советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата или може да даде препорака за обврзувачка арбитража на страните во спорот.

4. МЕЃУНАРОДЕН СУД НА ПРАВДАТА

Генералното Собрание или Советот за безбедност можат да го достават барањето на Македонија до Меѓународниот суд на правдата за да добијат советодавно мислење. Во постоечките околности, Генералното Собрание и Советот за безбедност можат да го сфатат ваквото мислење како најдобар можен начин за разрешување на ова прашање во Обединетите нации.

Иако советодавните мислења дадени од страна на Меѓународниот суд на правдата не се обврзувачки, тие често се разгледуваат од страна на органите на ОН.

Со оглед на тоа што под уставното име сме признати од речиси две третини од земјите-членки на ОН, реално е да се очекува дека Македонија може да обезбеди преку Генералното Собрание да се побара правно мислење од Меѓународниот суд на правдата.

РЕЗИМЕ

Македонија згреши што прифати политички наместо правен пристап во решавањето на наводниот спор со Република Грција во врска со името на Република Македонија и тоа, не само затоа што разговорите со Грција за разликата околу името според Резолуциите на Советот за безбедност 817 (1993) и 845 (1993) и Времената македонско-грчка спогодба од 1995 година, член 5, став 1, недозволиво ги трансформира во преговори, туку и затоа што прифати да разговара, а потоа и да преговара со нелегитимна страна.

Имено, проблемот не е меѓу Република Македонија и Република Грција, туку на релација Република Македонија – Обединети Нации.
При приемот во Обединетите Нации на Македонија и се поставени два дополнителни и нелегални услови; имено, во Резолуцијата 817, откако се потврдува дека ние ги исполнуваме условите, стои запирка по која следи дел во кој се вели дека оваа држава ќе биде примена со привремено име „Поранешна југословенска република Македонија”, со импликација дека ќе разговараме со другата држава за сопственото име.

Македонија не смее заради политички опортунизам да прифати да решава туѓ проблем, односно да трпи штета заради проблем, нелегално креиран од ОН, со кој е направен ултра вирес акт. ОН треба сами да ја поправат грешката, користејќи ја советодавната јурисдикција на Меѓународниот суд на правдата.

Од друга страна, не може ни да се постигне политичко решение бидејќи нелегалните дополнителни услови поставени при приемот, генерираат нови и нови условувања од страна на Грција, многу нови обврски за Македонија, кои таа не може да ги исполни без губење на националниот идентитет и без сериозно нарушување на сопственото достоинство.

Политичкото решение кое нема да биде список на грчките желби и нема да биде понижувачко за Република Македонија, подразбира Директна резолуција на Генералното собрание на ОН, со која референцата ПЈРМ ќе биде заменета со уставното име – Република Македонија.

Правниот пристап во решавањето на наводниот спор со името подразбира иницијатива од Република Македонија според која Генералното собрание на ОН треба да побара советодавно мислење од МСП за легалитетот на дополнителните услови и обврски со кои сме примени и со кои членуваме во ОН – дали овие услови се дополнителни или не.

Притоа, Македонија треба да се повика на претходното мислење, дадено уште во 1948 година од Меѓународниот суд во Хаг за сродниот случај со Португалија и неколку други земји, кога Судот воспостави принципи за ваквите прашања; тие принципи, денес, на Македонија . гарантираат дека ќе го добие спорот со јужниот сосед.

Предноста на оваа опција е тоа што на Генералното собрание, за да донесе одлука со која ќе побара мислење од Судот во Хаг, му е доволно само просто мнозинство, како и тоа дека за ваквата одлука не треба да расправа Советот за безбедност.

Откако ќе го добие советодавното мислење од Судот, Генералното собрание на ОН, во работата на органите на ОН, ќе ја промени нелегалната времена референца ПЈРМ со уставното име Република Македонија со Недиректна или Неутрална резолуција.

Неутралната резолуција е поприфатлива, меѓудругото, и затоа што таа не подразбира, дека земјите во ОН треба да се определуваат меѓу Република Македонија и Република Грција.

Република Македонија, бидејќи веќе води постапка во Хаг, треба во разумен рок да побара советодавно мислење преку Генералното Собрание на ОН зашто ако задоцни, а, евентуално, судската пресуда да ги легитимира постојните посебни обврски за Република Македонија, тогаш проблемот ќе биде потежок за разрешување.

Истовремено, Македонија треба да ги прекине разговорите за името, што со посредство на ОН, ги во ди со Грција.

No comments: