January 22, 2012

Ѓорге Иванов - говор

Дел од говорот на Претседателот на Република Македонија - Ѓорѓе Иванов, по повод 60 години од донесувањето на Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа:


"Денес ви се обраќам како Претседател на земјата претседавач на Комитетот на Министри на Советот на Европа, но истовремено и избран претставник на граѓаните на Република Македонија. Денес, кога ги славиме бројните и неоспорни придобивки од Конвенцијата, ние во Македонија преку Охридскиот рамковен договор не само што ги почитуваме туку и ги надградуваме воспоставените стандарди на Конвенцијата. Сепак, морам да нагласам дека дел од овие принципи во некои Европски институции не се применуваат кон нас, кон граѓаните на Република Македонија, пред се поради политички притисок од една земја членка. Ваквиот меч со две острици повеќе боли кога удира во најсветлата придобивка од демократијата – човековите слободи и права, но особено човековото достоинство

Се сеќавам на некои дебати пред 15 години во овој дом на човековите права, кога одредени политичари на земји членки се обидуваа да го оспорат правото на македонскиот народ и на Mакедонецот како дел од европскиот етно-културен мозаик, да се самоидентификува онака како што се чувствува.

Но, денес сум горд и како Претседател на Република Македонија, но и како Mакедонец, што во името на сите држави членки на Советот на Европа, можам да ги испратам благородните пораки за промоција на човековите права во Европа, токму на мојот мајчин македонски јазик.

Од тука, од оваа куќа би сакал да укажам голема благодарност на пратениците на Парламентарната асамблеја на Советот на Европа, зашто вие бевте најголемите поддржувачи на членството на нашата земја и на правото на Mакедонците да бидат Mакедонци.

Денес, нема ниту една држава, ниту една влада и ниту една сила која може да им го оспори правото на Македонците да бидат Македонци, бидејќи човековите права се и посилни и потрајни од минливоста на одредени влади или одредени политичари."

No comments: