Разловечко востание

Во третата четвртина на 19. век Турција, иако еден од формалните победници во Кримската војна, потпаднала под силно економско влијание (и контрола) на западноевропските држави, што придонело да биде принудена на одредени стопански промени, пред се во насока на капитализирање на својот, се уште феудален економски систем. Тоа, меѓу другото, имплицира на Балканскиот Полуостров да се засили економскиот притисок. На пример, во 1870 година се зголемиле таксите за сите документи, во 1872 се удвоил данокот на виното, во 1873 се вовел новиот данок, теметју, што го плаќале трговците, занаетчиите и надничарите. Во 1873 се вовел монопол на тутунот и солта, а истовремено се покачила и нивната цена. Економскиот притисок најмногу се одразил врз животот на поробеното христијанско население, дотолку повеќе што оваа, економска, пресија не била единствениот вид тортура. Паралелно со зголемувањето на давачките, се зголемувал и зулумот што врз рајата го вршеле и турските власти, но и групации што биле под директна или индиректна заштита на Портата. Во западна Македонија, на пример, албанските банди се почесто напаѓале не само села, туку и цели градови. Сето тоа предизвикало поголемо кумулирање на незадоволството меѓу народите кои ја сочинувале балканска Турција, незадоволство кое напати се манифестирало со вооружени акции. Така, во 1875 избувнало Босанскохерцеговското востание, во 1876 било дигнато Разловечкото востание во Македонија, истата година избувнало Априлското востание во Бугарија...

Кога станува збор за Разловечкото востание од 1876, треба да се одбележи врската меѓу бунтот во Малешевијата и Херцеговското востание, "кое имаше силно влијание врз умовите на робовите. Херојските подвизи на херцеговските патриоти во Малешевијата се цитираа со пламено сочувство. Врската, поточно - влијанието на Херцеговското востание врз кревањето буна во Разловечко се забележува и преку активноста на Димитар Поп Георгиев Беровски , кој за време на својот престој во Белград во шеесеттите години на минатиот век контактирал со редица борци за ослободување на поробените балкански народи од турското ропство, меѓу кои и со неколкумина од Херцеговина. Беровски и самиот ја потврдува таа врска, пишувајќи дека "од ден на ден нестрпливоста во мене растеше и во месец декември 1875 година решив да организирам востание во Македонија со кое барам да му се даде мала помош на Херцеговското востание преку задржувањето на еден мал дел од турските војски..."

Во седумдесеттите години на минатиот век, по една акција против грчкиот митрополит Јеротеј Комбајнос, од Струмица Беровски бега прво во Цариград, потоа во Солун, каде што се повлекува во илегала. Во Солун Димитрија Поп Георгиев го организира Солунскиот револуционерен кружок во кој, покрај него, влегле и неговите браќа Костандија, Иван и Алекса, како и Стојан Цоцков, браќата Еврови и мајката и ќерката Недела и Станислава Караиванови, учителки од Солун.

Овој Кружок ќе стане центар од кој ќе се иницира и раководи и востанието и подготовките за него. Во Малешевијата, експоненти на Димитар Беровски биле поп Стојан Разловечки со синовите (дедото на Беровски) и Костадин Иљов Карчевски кој "требаше да шие калчуни и опинци, а кога не можев да се движам сам низ градот, тој одеше да купува револвери и ги изнесуваше надвор од градот во моето живеалиште" Поп Стојан бил задолжен да се врати во Малешевијата, да го продаде имотот на Беровски и парите да му ги прати во Солун, за набавка на оружје.

Во април 1876, во Малешевијата илегално пристигнале Димитар Беровски и Костадин Карчевски, што овозможило во селото Калаџериево да се одржи советување на организаторите на востанието. На советувањето било решено "Димитар Беровски да ги обиколи со една мала чета околиите Пијанец, Малешевско, Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко и да им каже на луѓето штом чујат за востанието да го грабнат сами оружјето и да станат, а жените, старците, децата и стоката да ги префрлат во планината. Востанието да почне прво во пијанечките македонски села. Востаниците да навлезат во околните села населени со Турци, особено во Царево Село, како средиште и административен центар на Пијанец, за да го исчистат од турскиот елемент, потоа да се префрлат во Малешевско и да им се соопшти на селаните дека кој не ќе биде со востанието ќе го сметаат за противник и ќе го гонат исто како и Турците. Во Малешевско требало да се изврши регрутирање на нови сили за пополнување на востаничкиот кадар, со засилените сили да се нападне Пехчево, тогаш административен центар на Малешевијата, и да се исчистат и отаде Турците, со оглед на тоа дека 700 куќи во Пехчево биле тогаш турски, а само 100 македонски."

Востанието почнало на 8 (20) мај 1876, со нападот врз Турците во селото Разловци, каде што "биле убиени турските полјаци и заптии и запалени спахиските дефтери и коџобашиските рабоши. Првата чета на Беровски, на чело со развеаниот бајрак, тргнала да ги буни и другите села. По пат имала неколку помали судири со турските власти. Во тие судири Беровски бил ранет во главата." На 28 мај Турците ги зајакнале своите сили во Разловечко и околните месности, што, со ранувањето на Беровски, придонело востанието брзо да спласне и сурово да биде задушено. Пролетта 1877 Турција била веќе ангажирана во војната со Србија, што им овозможило на триесетина востаници, со ранетиот Димитар Беровски, да ја пробијат блокадата и да почнат да дејствуваат во заднината на аскерот и башибозукот.

Извор: Македонско братство

No comments: