Македонската Јованка Орлеанка

Случки од Истокот
Македонската Јованка Орлеанка

Меѓу посериозните проблеми од кои зависи мирот во Европа, треба да се вброи, и тоа меѓу првите, македонското прашање, кое досега е далеку од тоа да биде решено, иако Tурците сакаат да нè убедат да веруваме поинаку.

Православните Mакедонци, измачувани и угнетувани од Tурците, се побунија и европските народи оценија дека нивните поплаки се доволни само за тоа да се побараат и потоа да се наметнат сериозни реформи на султанот.

Тој секако дека им вети, но некако не се брзаше за да ги спроведе реформите. Ова истото си продолжи и во Константинопол.

Револтот се интензивира, репресијата стана уште поголема и Бугарија се запраша дали таа има интерес за поддршка на тврдењата на Македонија, чија религија и интереси се исти како нејзините.

Ова резултираше со значителна пратка на војници на границата на Бугарија кон Турција.

Но во овој момент, најзаинтересираните земји, како Русија и Австрија, се декларираа дека тие нема да интервенираат со оружје, што предизвика голема претпазливост во Бугарија, премногу слаба за да влезе самата во борба со војската на султанот.

Во исто време, Високата Порта доби силна критика за своите овластувања и вети дека ќе ги исполни сите свои обврски.

Дали спокојот конечно ќе се роди во Македонија? Се стравува дека не. Долго време таму ќе се војува и ќе има пролевање на крв на двете страни. Меѓутоа исто така долго време ќе се зборува за хероизмот на овие неопеани херои кои се заложија за независноста на нивната татковина против ужасите на муслиманската тиранија.

Во секоја куќа се слават успесите на оваа исклучителна млада девојка по име Катерина Арнаудова, општо позната како македонската Јованка Орлеанка, за која што од секоја уста може да се слушнат приказни за нејзините големи дела.

Родена во близината на Неврокоп, во едно мало село во кое таа чувала кози, еден убав ден Катерина поради маките го напуштила својот крај, земајќи ја облеката на својот брат, се вооружала и се вклучила во одредот на Дончо како доброволец.

Оттогаш секој од угнетените браќа кој ќе ја видел хероината во првите редови на борбеното поле, и покрај опасностите добивал пример за неуморност и издржливост.

Нејзината репутација станала толку голема за многу кратко време, така што многумина од револуционерите ја молеле да застане на чело на одредот. Таа прифатила.

Катерина станала едно од најстрашните нешта за Турците во Македонија. Главата на македонската Јованка Орлеанка била уценета.

Le Petit Journal, 26 јули 1903 (број 662)

Превод од француски: Никола Темков (Македонска Ризница, број 20)

No comments: