Македонија ќе биде независна и Македонците ќе останат Македонци

И Бугарите знаеле што ќе се случи доколку Македонија стане независна држава, а за тоа сведочи бугарскиот министер за просвета Иван Шишманов* во разговор со францускиот новинар и публицист Гастон Рутје во 1903 година:

Иван Шишманов

„По десет години ако Македонија стане автономна, таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци. Тие ќе имаат многу заеднички политички интереси, особено економски, што треба да ги создадат со својата неуморна работа ако сакаат да бидат независни од државите што се понапредни од нив и чие производство би го уништило нивното.

Како земјоделци, не ќе им биде воопшто од интерес да се спојат со земјоделските земји како што се Србија и Бугарија; како индустријалци, ќе сакаат да ја штитат својата индустрија која ќе биде против нашата; најпосле, тие ќе сакаат да ги задржат за себе местата на функционери во нивната администрација и на офицери во нивната војска. Значи, Македонија ќе биде независна и Македонците ќе останат Македонци. Ако Европа го мисли спротивното, таа греши; ако Бугарите сметаат на бугаризација на Македонија тоа се илузии“.

*Иван Шишманов ( 1862-1928 ) е бугарски општественик, политичар, професор, фолклорист, историчар на литературата. Роден е во Свиштов, студирал во Виена, Јена, Женева и Лајпциг. Станал министер за просвета, член на бугарската академија на науките, претседател на Сојузот на бугарските писатели. Умрел во Осло каде што бил на конгрес на Пен клубот. Автор на повеќе од 400 труда, пишувал многу и за Македонија, со бугарска ориентација. Речиси сите трудови му се објавени во Сборник на народни умотворенија, наука и книжнина, издаван од Министерството за просвета.

(Gaston Routier - La Question macédonienne. On doit aux peuples la vérité. 1er mille. 1903)

No comments: