Охриѓанката Јанка големата и единствена љубена на Гоце

Охриѓанката Јустинијана - Јанка Каневчева била големата и единствена љубов на Гоце Делчев. Таа е родена во Охрид, а нејзините родители додека била дете се преселиле во Софија, каде што се школувала, завршила гимназија и студирала филозофија.

За овој дел од приватниот живот на големиот македонски револуционер, за кого се сметаше дека единствената љубов му е Македонија, а досега не и е познат на пошироката јавност, ни раскажува д-р Боро Мокров, кој имал можност да се запознае со спомените на Димитар Попов, еден од роднините на Јанка и со спомените на нејзината ќерка - Магда Герџикова, кои биле снимени на лента.

Нашиот познат публицист и историчар додава дека младата охриѓанка со Гоце се запознала преку Климент Шапкарев уште во времето кога била ученичка, во гимназиските денови. Во 1900 година таа била назначена за учителка во Скопје, а секој распуст го поминувала во Софија, кај своите родители, каде што често се среќавале со Гоце. "Гоце бил нивен чест гостин, бидејќи меѓу него и малечката, убавата и еманципирана девојка со долги и црни плетенки и лавовско срце се појавила љубов која била нешто повеќе од другарство" раскажува д-р Мокров, додавајќи дека Гоце не ги криел своите чувства кон неа. И покрај тоа, за оваа романса на големиот македонски син не се дознало пошироко, бидејќи таа искрена љубов можеле да ја видат само најблиските. Луѓето што добро ги познавале, пријателите кои знаеле со нивната љубов, раскажувале дека Јанка често му испраќала на Гоце тегли со компот во хотелот "Батемберг" во центарот на Софија каде што тој секогаш престојувал по напорните крстосувања низ Македонија.


Разочаран од фактот што на Солунскиот конгрес била донесена одлуката за кревање востание, деновите кога Гоце се подготвувал да замине за Солун за да се сретне со својот стар другар Даме Груев за да може да размени мислење околу донесената одлука, отишол да се види со својата сакана Јанка. Го посетил нејзиниот дом каде што му била подготвена проштална вечера. Притоа, Јанка му дала црвено знаме која сама го извезла за претстојното востание. Како што раскажува д-р Мокров, на едната страна била извезена фигура на девојка, која ја симболизирала Македонија, а на другата лав. Таа му дала и елек што го исплела самата за да му се најде во студените ноќи додека патувал од едно до друго село, од еден до друго гратче за да го организира народот и во моментите кога Гоце добивал болки во стомакот од последиците на тешка настинка.

Меѓутоа, љубовта на големиот македонски син и убавата охриѓанка немала среќен крај. Откако во Солун се сретнал со Даме и незавршил работа, Гоце заминал во Баница каде што завршил неговиот земен живот. Во врска со оваа искрена љубов е интересна последната желба на Гоце што му кажал на својот пријател Михаил Герџиков, кој исто така присуствувал на последната вечера кај семејството Каневчеви. Очигледно разочаран од тоа што се случува во неговата татковина, од одлуката за предвремено востание и најверојатно претчувствувајќи ја сопствената смрт, додека се збогувал со Герџиков, му рекол: "Доколку се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта што ги сакам: татковината и Јанка. Чувај ми ги и двете и ако некогаш подоцна се родат некакви чувства меѓу тебе и неа, бидете благословени".

По загинувањето на Гоце во Баница, Михаил Герџиков, инаку познат македонски револуционер, ја зел Јанка да работи со него и подоцна се оженил со неа. Од тој брак се родила ќерката Магда. Јустинијана - Јанка Каневчева починала релативно млада, на 3 март 1920 година, од туберкулоза.

Гоцевата љубов активно била вклучена во македонското револуционерно движење. Додека била учителка во Скопје, заедно со Олга Купева и стружанката Славка Чакарова формирале женски кружок таканаречен "Света тројка". Тие извршувале повеќе задачи што ќе им ги поверела Внатрешната организација. Преку ден ги учеле децата, а ноќе станувале курирки или ги криеле револуционерите по кои трагале турските власти. Во Софија Јанка заедно со Гоце правела и бомби.


Автор: Виктор Цветаноски

No comments: