Пере Тошев, спомени за него и сведоштва

Во учебната година 1897/98, се настанив како учител во град Крушево, битолско.

Точно на божиќните празници, 14. ноември (стар стил) 1897 година, во село Виница, кочанско, поради убиството на еден богат Турчин од една самонаречена чета, турската власт, барајќи го убиецот, попадна на трагите на револуционерната мрежа и се разоткри оружје, муниција, архиви и беа уапсени многу членови на револуционерната организација во Виница, која што беше важен центар, лоциран до границата.

Разкритијата, под вештото раководство на полицаецот Дервиш ефенди, го опфатија речиси целиот скопски округ и се закануваа да се прошират преку Велес и Тиквеш кон битолско, кое што имаше директни врски со штипско и кочанско. Во 1896 година, во месец април, во Битола беше откриен товар ориз со скриени во него бомби, пренесени од Виница од Доне Стојанов Тошев - штипјанецот, курир на ВМРО. Тврдоста на курирот и поради ред на околности од политички карактер, тогаш ја сопнаа турската власт и таа молкум ја изгасна аферата, ограничувајќи се само на осудување на курирот.

Сепак не изгледаше дека и Виничката афера ќе добие таква завршница. Затоа битолскиот окружен комитет беше особено загрижен и зеде мерки за навреме да го пресече патот на разкритијата, прекинувајќи ја врската меѓу двата округа. За таа цел беше наредено, сите учесници во организацијата од битолско, кои што по еден или друг случај беа во врска, директна или индиректна, со брегалничкиот крај, привремено да ја прекратат, за да не паднат во рацете на власта, а при неможност да се сокријат - да избегаат надвор од Македонија.

Меѓу тие луѓе со врски во штипско и радовишко бев и јас како бивш тамошен учител.

За исполнување на наредбата на битолскиот окружен комитет, го напуштив учителствувањето во Крушево и отидов во Битола. Пере беше претседател на комитетот.

Во хотел Солун, претходно договорено, го сретнав доста загрижен, а и јас се наоѓав во голема неизвесност. Информациите за разкритијата за Виничката афера не беа оскудни, но не се знаеше што е превземено од власта во битолско и дали воопшто е дадена наредба да се превземат било какви мерки. Пере сосема спокојно и предупредувачки ми соопшти дека треба да земам мерки за заминување преку границата. Неговите предвудувања и грижи беа исправни, знаеше дека ако така лесно се спасив од аферата со пронајдените во Битола бомби, пападнав ли сега во канџите на Дервишот нема да успеам така лесно да се спасам. А стравот од нови потреси во средините на организацијата во битолско и прилепско, по оние кои што се случија порано, беше основан и Пере беше прав што ме посоветува да заминам преку граница. И навистина кон средината на месец јануари 1898 година бев побаран од властите во Прилеп и Крушево, но јас бев избегал, а при тоа насекаде ги бев прекинал врските со училиштата „поради болест и заминал да се лекува“.

Значи уште во првиот момент власта удри во камен и битолско не беше вмешано во Виничката афера, која се ограничи само отаде Вардар, во брегалничко.

*

Во есента, 1900 година го затекнав Пере Тошев во Солун, како член на Централниот комитет и училишен инспектор.

Неодамна бев излегол од затворот во Приштина по случај дадена амнестија по повод 25 години од владеењето на Султан Абдул Хамид.

Очекував учителско место во село Аканџали, дојранско. Престојував во Бошнак-ан на Васил Мончев.

Неколку дни по моето пристигање во Солун бев изненаден од една усна покана од полиц-мудури предадена на Мончев од еден заптија, да се јавам во полициската станица.

Таа покана не ме изненади многу, но и не ме исплаши, затоа што учителството и поразбудените веќе беа граѓани закалени и станати „ашалак“ со полицијата и затворот, кој што беше станал училиште за калење на револуционери.

И до 1903 година немаше Македонец, кој што по каков и да е повод се нашол во затвор, а од него да не излезе како револуционер, ако претходно не бил. Па дури и секој Македонец се сметаше за горд дека бил во затвор, а незатвораните се сметаа за несреќни и недостојни синови на Македонија.

Бидејќи заптијата не ме нашол во хотелот, му наложил на Мончев да ми ја предаде усната покана, а меѓувремено го распрашал кој сум, каков сум, од каде сум и така натаму, но штом разбрал дека сум учител и дека сум чекал да ме назначат за да заминам, со забележлив сомнеж негирачки ја поклатил главата и дал на вид дека нема да бидам учител затоа што сум „избегал од затвор и галаба затоа ме барале.“

Штом се вратив за ручек (во хотелот имаше и гостилница), Мончев во детали ми соопшти за разговорот со заптијата и го повтори малку подоцна и пред Пере. Последниот засука мустак (тоа му беше навика да го прави при сериозни разговори), се подзамисли и отсече „можеби те викаат само на распит и по некакво известување, но сè е можно. И подобро е да не се враќаш во затворот. Агрономот на чифликот, радовишанецот, ти има скроено ќулаф (турски назив за вид на капа со остар врв). Нека за секој случај , Василе, прати да му се каити тескерето (документ за потврда на идентитетот во Османлиската империја, турцизам) уште веднаш, за да е слободен да замине, а ако заптијата повторно дојде да го бара, кажи му дека даскалот не дошол и дека не си можел да му соопштиш да оди во полиција.“ Со Пере се разделивме, при што ми порача да го почекам во хотелот. По не многу долго време тој се врати - го беа донеле и тескерето заверено и насмеан до уши ми рече „штом и тескерето е готово, си имал среќа. Собери си го багажот и по еден час заминувај за Цариград со параходот.“

Се качивме во мојата соба за куферот и бев љубопитен да дознаам што се случува и како се случи сето тоа. Пере отсече: „многу просто: на заптијата порачале да те повика, а тој не те нашол. А ако не те најде ќе рапортира дека си заминал и поради тоа што заповедта да те пронајде била дадена нему лично, друг во полицијата и не се интересира, освен оној кој што ја дал заповедта и оној кому што заповедта му била дадена. Чиновниот задолжен за пасошите исто така не знае за таа заповед, штом толку брзо ни го завери тескерето. Ние ја користиме имено таа полициска несмасност. На параходот ќе бидеш под покровителството на капетан М... и ќе го слушаш. Во Цариград нема да слегуваш, а ќе го продолжиш патот право за Бургас, каде што ќе се симнеш. Нема ништо да плаќаш. Параходот патува под грчко знаме и со грчки екипаж; само капетам М... го придружува од Грција до Варна, за да го предаде на Бугарското параходно друштво, кое што го откупило. Иван Гарванов е познат со капетан М... и е наредил да те земе како човек на организацијата, за да те спаси од затвор.“

Безбедно стигнав во Бургас и ја спасив главата, можеби, благодарение на претпазливоста и спокојната организираност на Пере.

*

Но при така големата организираност и предвидливост за другите, Пере не можеше да биде таков и за себе си.

Во последните години, по 1903 година, поради разоружувањето во Македонија, од една страна, губењето на Даме и на други негови идејни истомисленици, од друга страна, како и неговото расклатеното здравје ептен го беа обезвериле и веќе не можеше да го поднесе животот во Бугарија.

И се беше решил по секоја цена да отиде во Македонија. Медениот месец на младотурската „хуриетска фарса“ веќе одамна беше поминат, новата разоружувачка акција за „отоманизирање“ на Македонија се разгоруваше, а на сето тоа одгоре веќе во воздухот се носеше наближувањето на матното време, балканската војна, сојуз меѓу Бугарија и Србија и така натаму. Умот не можеше да му го сфати сето тоа... Сепак тој можеше најдобро да ја види иднината и сакаше да биде на својата позизиција, кога ќе падне, да падне исправен.

И тој падна, но не како борец, а во заседа. Ноќниот мрак го разнесе ехото на истрел од Дреновските усои, Пере беше прострелан близу до татковиот му чифлик во село Житолуд, на пат за неговиот роден град, а гробиштата на село Фариш, покрај патот Градско-Прилеп, за навек му ги голтнаа останките на Ѓурѓовден 1912 година.

Пере беше проследен уште од Софија и неговиот пасош (на туѓо име) беше обгорен со кое што сигналот за неговото убиство беше даден.

Ниту предупредувањата од неговите блиски, ниту злата прокоба со обгорениот пасош не можеа да го отргнат од неговата намера да замине. Хуриетот ја зеде неговата глава, како и главите на уште многу други предани синови на Македонија

Вечна памет и покој на неспокојниот дух на Пере!

Софија, мај 1930 година.

Т. Ст.

ОБЈАВЕНО ВО ВЕСНИКОТ „ИЛУСТРАЦИЈА ИЛИНДЕН“, ГОДИНА 3., КНИГА 5 (25), СТР. 1-3, АПРИЛ 1930 ГОДИНА 
ПРЕВОД:
Александар Стеванов

Објавно во Македонска Ризница, број 3

No comments: