Востанието на Петар Делјан (1040-1041), 1. дел

Востанието на Петар Делјан (1040-1041)

Извадок од третиот том на капиталното дело „Средновековна Македонија“ (стр. 51-60) од авторот проф. д-р Бранко Панов.

ВОСТАНИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ВО ХI ВЕК*

1. ВОСТАНИЕТО НА ПЕТАР ДЕЛЈАН (1040—1041)

Уште од првите години на византиското господство македонскиот народ водел како стихијна така и организирана ослободителна борба. Писателот Михаил Псел пишува дека не поминало „долго време“ откако императорот Василиј II ја уништил државата на Самуила и откако ја „присоединил наполно разбиена кон ромејската власт“, кога потчинетиот народ започнал одново да ја пројавува „поранешната своја дрскост“. И Скилица известува дека народот „кој тукушто го свил вратот под ропството“ се стремел „силно кон слободата“. Охриѓаните — соопштува тој — биле готови да се вооружат и да се дигнат против Византија веднаш по паѓањето на градот Охрид под византиска власт. И Теофилакт Охридски пишува во своите писма дека во провинцијата Македонија работите биле секогаш пред „сеништето на војната“, зашто „варварите“ (т.е. Македонците) не престанувале да мислат „за нивните честити времиња“.

Веќе во 1040 година во потчинетата Македонија избувнало народноослободително и антифеудално востание. Непосреден повод за востанието била финансиската реформа што византиската централна власт ја спровeла во истата, 1040 година. Оваа реформа подготвена од Јован Орфанотроф, брат на императорот Михаил IV (1034—1041). коренито ги променила работите. Кога Василиј II ја потчинил Македонија — пишува Скилица — не го изменил многу даночниот систем што бил во сила за време на управувањето на Самуил. Меѓутоа, Јован Орфанотроф наредил македонското население „да плаќа нумизми наместо храни“. Промените значително ја влошиле и онака тешката положба на македонскиот народ. Отсега требало на пазарот да се носат повеќе производи за да се претворат во пари. Нумизмите што се одземале од македонското население — соопштува Теофилакт — биле покриени „со солзи и болки“, зашто било тешко да се добијат. „Месното население — вели Скилица — не можело да го поднссува лесно тоа, па затоа, кога нашло погоден случај со појавата на Делјана, го отфрлило ромејското господство и се вратило кон својот стар закон...“ .

Прогласување на Петар Делјан за цар (минијатура од Мадридскиот ракопис на Јован Скилица)

*Историја на македонскиот народ, I, Скопје 1969, 159—167.

No comments: