ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ - 2. АВГУСТ 1903

Во колективната меморија на македонскиот народ длабоко е врежан датумот 2. август. Од една страна, тој претставува верски празник, ден кога се чествува пророкот Св. Илија, кон кого Македонците имаат длабока црковна и традиционална почит, но што е уште поважно, тоа е денот кога во 1903 година било дигнато Илинденско востание.

Патриотскиот чин на илинденците од 1903 година станал неисцрпен извор на револуционерна инспирација, постојано вршел поттикнувачко и мобилизирачко дејство врз новите македонски генерации, посебно за време на Народно-ослободителната војна (1941-44).

Во последните децени на ХIХ век на територијата на Македонија се случиле крупни настани кои придонеле Македонците својот пат кон ослободувањето да го бараат во организираниот начин на вооружено дејствување.

Ваквиот тек на настаните била вообичаена реакција во Османлиската империја и борбата на балканските народи за ослободување. Зад појавата на македонското национално-ослободително и револуционерно движење постоеле голем број објективни предуслови, како внатрешни, така и надворешни.

Покрај тешката положба на македонското население во сите сегменти од секојдневното живеење, големо влијание имала и ситуацијата на Балканот и Европа, т.е. нивните аспирации кон османлиското наследство.

Темелите на организацијата која го трасирала патот на македонскиот народ кон политичкото, економското и националното ослободување од османлиска доминација, биле поставени во градот Солун, на 23. октомври 1893 година. На овој датум, шестмина млади македонски интелектуалци (Даме Груев, Иван Хаџи Николов, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров и Христо Батанџиев) ја формирале Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО).

Десетгодишното макотропно организирање и масовизирање на ВМРО резултирало со кревањето на Илинденското востание.

Во него учествувале околу 20 000 востаници, а најмасовно било во западна Македонија. Востаниците успеале да ослободат 3 градчиња - Крушево, Клисура и Невеска, но и голем број на села, посебно во костурската околија.

За оваа пригода, на читателите на весникот „Македонска ризница“, ќе им претставиме дел од дневникот на војводата Лазар Киселинчев, т.е. првите денови од востанието.

Лазар Киселинчев е роден на 20. јануари 1874 година во с. Косинец, а починал на 18. декември 1946 година во Софија, Бугарија. Киселинчев завршува петти клас во грчката гимназија во Атина.

Токму во Атина ги поставува и основите на Македонскиот комитет. Оттука заедно со Атанас Кршаков, Васил Чакаларов и Дељо Марковски организира канали за внес на оружје од Албанија и Грција кон Југозападна Македонија.

За Илинденско востание се враќа во својот роден крај да земе активно учество во настаните кои следеле.

Илинденското востание во костурската околија било објавено на 20. јули 1903 година. Меѓутоа востаничките дејствија започнале следниот ден, иако биле предвидени да започнат вечерта меѓу 20. и 21. јули.

Костурско било крепоста на ВМРО, една од најдобро организираните околии, која во текот на востанието исфрлила на терен над 2 000 востаници.

20. јули, недела, Косинец, и празник „Св. Илија“:

... Околу девет часот пристигна преку планината Дине поп Киров од Смрдеш. Ми донесе писмо од началниците. Бев сам дома, ме поздрави и ми кажа: „Ајде, аирлија да е“ и ми го подаде ковертот. Во него имаше едно долго писмо и едно друго, напишано со поголеми букви и под потписите подвлечено со црвена линија, од црвен молив, знак дека е од началството!

Не го дочитав и како луд почнав да викам „Ура“! „Ура“! „Ура“! Востанието е објавено. Тоа мое викање ги вознемири домашните и по кратко време ја видов мајка ми да ме гледа со еден исплашен и сериозен поглед и ми вика: „Што викаш така, што ти е?“ Донето поп Киров побрза и кажа дека востанието е објавено и дека поради тоа се радувам! Добро, ама не се вика така, ќе слушне војската од Немановата куќа – кажа мајка ми. „Слуша, не слуша, пет пари не давам сега за тоа. Востанието за тоа се прави, да слушнат сите, да слушне Султанот, да слушне и Европа!“ – додава Донето.

Го повикав Трајко Марковски и членовите на селската комисија, како и селските војводи, им наредив да се собереме...

Поп Петар отиде да ги чукне камбаните за вечерната литургија во црквата, му кажав, ќе пее и утре, кога ќе дојдат сите востаници. После сите наредби напишав писмо на Насо во Смрдеш, со кое го канев утре да дојде околу 9 часот да ја нападнеме војската во Косинец...

21. јули, понеделник, „Гумениште“, северно од Косинец

...Повозрасните востаници се стројат околу своите десетари. Попот Петар ја удира малата камбана, едно дете големата, за да отидат востаниците во црквата за да ги благословат поповите.

Чукањето на камбаните беше знак со кои се известуваше целото население, а ние, робовите од Македонија, дека се разбудивме и готови сме да ја одмериме силата со Турците.

Ударите од камбаната беа сигнал со кои се известуваше дека Македонците востануваат како еден човек за својата слобода! Мене ми се причини дека времето бавно поминува, не знаев што не очекува... Гледав по врвовите на Грамос и си мислев, какви резултати ќе ни донесе ова востание? Еве едно ново прашање од големо значење за нас!

Ние веќе востанавме, ни престои една страшна борба за живот или смрт. Ќе можеме ли ние, една рака Македонци, да се бориме против Султановите војски?

Ќе допушти ли Европа нови колежи како тие над Ерменците? Не верувам! Ако не се замеша Европа во наша полза, таа сигурно ќе прати воени бродови во Солунските води и на крајот на краевите еве ќе се направи нешто!...

Бам! Бам! Бам! Последните удари од камбаните; тие удари долго време звучеа во моите уши. Зошто?...

М–р Димитар Љоровски Вамваковски

Извор: Македонска ризница, број 1, 4 август, 2012 година.

No comments: