August 5, 2012

Александар Велики - Медитеран

Освојувањата на Медитеранското крајбрежје

Од Ис Александар и македонската војска се упатиле кон Сирија и Феникија. Кралевите од Кипар без борба ја предале власта на Александар. За кратко време тоа се случило и со древната Феникија. Во тоа време Дариј пратил писмо во кое барал примирје со Македонците, на што Александар одговорил арогантно.

Во меѓувреме, во зимата 333-332 година пне, Персијците превзеле противнапад освојувајќи повеќе градови и острови во Мала Азија. Откако ги освоил Библос и Сидон, Александар стигнал до островскиот град Тир. Луѓето од овој град пружиле силен отпор така што војската на Александар таму останале цели седум месеци. Додека сè уште се воделе битки во Тир, Дариј пратил второ писмо во кое му понудил на Александар сума од 10 000 таланти за откупнина на заробениците, под негова власт да остане целата земја до Еуфрат, како и да се ожени со една од неговите ќерки. Кога Парменион бил запрашан што мисли за ова тој рекол дека кога би бил Александар би прифатил, на што Александар рекол дека и тој би го сторил истото кога би бил Парменион. Тогаш на Дариј му порачал дека срдечно ќе го пречека ако се предаде, а во спротивно веднаш ќе го нападне. Поради добриот однос кон неговото семејство Дариј го засакал Александар и доколку не можел тој да владее сакал барем Александар да биде господар на Персија.

На крајот на опсадата на Тир, Александар заповедал војската да се одмори, а само еден мал дел да ги продолжи нападите. За тоа време Аристандар принесол жртва. Потоа бил нареден напад, но не само еден дел од војската, туку и војниците што биле во логорите го нападнале Тир, при што целосно бил освоен уште во истиот ден. Тоа се случило во јули 332 година пне.

По освојувањето на Тир, Александар се упатил кон Сирија и цела ја освоил без борба, освен градот Газа, најголемиот град кој таму се наоѓал. При војувањето на Александар му било повредено рамото. Како и во Тир и овде македонската војска се соочила со голем отпор, но за два месеци опсада градот бил завземен.

Еден ден пријателите на Александар му донеле некое ковчеже за кое верувале дека е најскапоцениот предмет од целото Дариево запленето богатство. Откако размислил што да стави во него, Александар решил таму да ја чува "Илијада" која постојано ја носел со себе.

No comments: