July 25, 2012

Вистините за Венко Марковски 5

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (5)


Бил против српски букви во македонската азбука

Венко протестирал поради тоа што не била прифатена азбуката на првата Комисија составена од најдобрите познавачи на македонскиот јазик

Виктор Цветаноски

Првиот повидлив судир на Венко Марковски со тогашните пројугословенски партиски кадри бил за време на создавањето на македонскиот литературен јазик и азбука. За време на расправите во Првата комисија за кодификација на македонскиот јазик, тој заедно со д-р Ѓорѓи Шоптрајанов, Ѓорѓи Киселинов, Ристо Проданов и други ќе се залага јазикот на македонското централно подрачје на кој пееле тој, Кочо Рацин и Коле Неделковски да биде земен за основа на македонскиот литературен јазик и бил против обидите во азбуката да се земат некои српски букви. Комисијата дефинитивно ја утврдила азбуката, а на седницата на Президиумот на АСНОМ, Венко Марковски дал пошироко објаснување околу расправата и дилемите што ги имале.

Меѓутоа, Президиумот ја одложил конечната одлука за прифаќање на азбуката. Страхил Гигов предложил Президиумот да не зазема конечно решение за, како што објаснил, да не се отвора во јавноста широка дискусија која можела да биде штетна за македонската држава. За да се даде поголем научен авторитет на целата таа работа, предложил да се повикаат од Москва светски познатите стручњаци за славјанска филологија и најдобрите познавачи на јазиците на балкански народи: Берштејн и Державин.

Очигледно е дека тоа не бил вистинскиот мотив за одлагање на конечното решение за прифаќање на утврдената азбука, што може да се заклучи и од тоа како се одвивале настаните подоцна. Тоа најдобро може да се види и од писмото на ЦК КПМ испратено до ЦК КПЈ, потпишано од Лазар Колишевски во кое состојбата е претставена подраматично отколку што ја образложил Гигов. Во писмото навистина се бара ЦК КПЈ да помогне да дојдат советските стручњаци, но наведените причините се други.

Се тврди дека Македонија со сопствени сили не е во состојба да го реши тоа прашање како што треба и дека се појавиле разни тенденции што можеле лошо да се одразат врз политичкиот живот на македонскиот народ. „Разни елементи, кои уште не сраснале со Федеративна Југославија, би го искористиле и се обидуваат да го искористат прашањето на нашата азбука за да внесат раздвојување на нашиот народ и да го оддалечат од Федеративна Југославија“, стои во писмото. Промакедонските кадри биле тие елементи кои не сакале да биде прифатена српската азбука, меѓу кои бил и Венко.

Тогаш работата во свои раце ја зел Агитпроп на ЦК КПМ и во расправите што се воделе учествувале и партиски раководители. Во знак на протест д-р Ѓорѓи Шоптрајанов одбил да работи во Втората комисија, а Венко Марковски, иако не се согласувал со нејзиното формирање, сепак, останал да работи во неа. Како што истакнува д-р Стојан Ристески, тој категорично бил против употребата на српските букви Ѓ и Ќ и побарал неговото мислење да се издвои, но на тоа се спротивставила Лилјана Чаловска, барајќи од него по секоја цена да го брани заедничкиот став и да се покорува на дисциплината.

Втората комисија ја освоила српската кирилица плус буквата Ѕ, што наишло на реакција кај голем број интелектуалци и раководни луѓе во Македонија. Гласовите за тоа стасале и до ушите на првите луѓе на ЦК КПЈ, кои побарале веднаш во Белград да дојдат Веселинка Малинска, Блаже Конески и Венко Марковски за дефинитивно да се средело прашањето со македонската азбука. Таму ги примил Милован Ѓилас, кој според д-р Виолета Ачкоска, инсистирал на српската варијанта, на што реагирал Венко, сметајќи дека со тоа Македонците од Вардарска Македонија се оддалечуваат од оние во Егејскиот и Пиринскиот дел. Според Конески , Ѓилас оставил сами Македонците да си го решат тоа прашање. Самиот Ѓилас писмено му одговори на д-р Ристевски дека од групата што била кај него се сеќава само на Блаже Конески, дека групата дошла со готови ставови и „сите, буквално сите, ставови на Конески се прифатени“.

Подоцна била формирана трета Комисија, во која бил и Венко Марковски и која, всушност, ја утврдила денешната азбука. Д-р Стојан Ристевски, кој подолго време истражуваше како е создаден македонскиот литературен јазик, смета дека првата јазична Комисија била најквалификувана, зашто во неа од 11 члена - осуммина биле филолози со подолго работно искуство, еден поет и само еден политичар, кој бил и добар познавач на македонскиот јазик. Втората комисија била партиска. Во третата Комисија од 10 члена само тројца биле филолози, без ниеден доктор на наука, еден незавршен студент- филолог, еден поет, двајца публицисти, двајца новинари и едно воено лице. „Првата комисија се' понесла професионално, давајќи ги своите ставови во дефинитивна форма. Досега неправилно и неправедно е оцрнувана таа, препишувајќи и' го нејзе ставот на Президиумот на ЦК КПМ за барање руска помош“, смета тој.

Д-р Ристески при прибирањето изворна граѓа за создавањето на македонската азбука сакал да дојде до сите веродостојни документи и слушнал дека во тоа може да му помогне Лазар Колишевски. „Моите пријатели ме убедуваа да не одам кај Колишевски зашто знаеја што ќе му изнесам. Сепак, му се обратив со писмо, со молба, ако има некој писмен документ, освен оние со коишто јас располагам, да ми овозможи увид во него или ако знае нешто досега ненапишано во врска со тоа да ми каже. Колишевски на разговор ме повика во октомври 1985 година. На средбата беа присутни и Ристо Лазаров и Методија Петровски. Ми рече дека други документи во врска со азбуката од оние што ги имам јас нема, дури побара еден документ што го нема да му го дадам да го фотокопира. Но, усно ми го изнесе следното:

’Во врска со дефинитивното оформување на македонската азбука баравме помош, мислења од врвните лингвисти на СССР, Бугарија и Србија. Сакавме да консултираме и некои француски слависти, но тогаш тешко можевме да воспоставиме врска со нив. Со писмо се обративме до ЦК КПЈ за Берштејн и Державин, мојата сопруга Лилјана Чаловска ја пуштив во Софија кај Кирил Мирчев, кој и' беше вујко, брат на мајка и', а јас контактирав со Александар Белиќ... Со Белиќ се сретнав во Белиот двор. Разговаравме за азбуката. Тој на еден лист ми ги нацрта буквите на Крсте Мисирков. Еве ви, што има да барате други, ми рече... Како што беше голем занесот за југословенството, се појави и мислење да се земе латиницата кај нас и во Србија, па да се добие едно, југословенско писмо‘, ми рече Колишевски.

Јас му се обратив: Другар Лазо (тогаш така беше) во документацијата при зафатите во врска со македонската азбука среќавам две дијаметрално спротивни гледишта. Од 11-члената комисија деветмина цврсто стојат дека македонскиот јазик е посебен од соседните јазици, па треба да си има посебни знаци за неговите карактеристични гласови. Главен претставник на оваа мнозинска група е Венко Марковски. Блаже Конески, пак, се застапува да се земе српската азбука и како македонска, образложувајќи: ’За оваја наша работа постои големо интересуење, има многу други луѓе што се интересуват за овоа питање. И сметам, оти кај нив има мнозина кои не се сложуат со досегашните мнениа. Да се измислуат нови букви не е проста и лека работа и затова не треба да се упуштаме во това пред добро да размислиме. За да измислуваме нови букви, треба да најдеме јаки и здрави разлози оти старите букви не чинат. А старото е проверено со пракса. Ако имаме извесна навика со употребата на една азбука, а да измислуваме нови букви само за това да се нашата азбука разликуват од некоја друга азбука, това е многу слаб разлог... Ако ја земеме српската кирилица, пак нашиот јазик ќе си остане македонски... Повеќето македонски народ денеска е писмен со Вуковата азбука и ако не ги земеме тие знаци, мнозина ќе останат неписмени...‘

Вака е запишано во стенографските белешки и во други материјали. Со оглед на денешната состојба, го прашав Колишевски, дали е добро да се објави оваа документација: бидејќи предлогот на Конески не бил прифатен, по третиот ден тој ја напуштил работата во Комисијата. Лазар Колишевски се сврте кон Лазаров и кон Петровски, велејќи: ’Кога се пишува за една личност или за еден настан, треба да се пишува како што било тогаш, а не да се тргнува од денешно гледиште. На времето прва личност во македонската литература, култура и наука беше Венко Марковски, а Блаже Конески тек се појавуваше. Што станало подоцна да се каже кога ќе се пишува за подоцна, а Вие, ми се обрати мене, да ја објавите таа документација‘“, раскажува д-р Ристески

По вака изнесениот став Методија Петровски му рекол дека меѓу интелектуалните кругови постои мислење оти е добро да се објави творештвото на Венко до неговото емигрирање во Бугарија.

На тоа Колишевски рекол: „И треба да се објави, зошто вербално Венко да се напаѓа или да се брани. Неговите дела најдобро зборуваат за него, па самиот читател нека оценува што е вистина“.

Д-р Ристески вели дека луѓето што го одвраќале од средбата со Колишевски биле изненадени кога дознале што му рекол тој. Тоа било пресудно за објавувањето на неговата книга „Создавањето на современиот македонски литературен јазик“ во 1988 година, а во 2000 година и на книгата „Стенографски белешки од Првата јазична комисија“ (факсимилно).

(Продолжува)

No comments: