Гоце Делчев - 2

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ - Ванѓа Чашуле

Тука, во својот роден град Кукуш, првин во унијатското, а после во егзархиското училиште, Гоце го добива основното образование и по завршувањето на третиот клас од прогимназијата татко му Никола смета дека тоа е достатно образование за неговиот син да го наследи на имотот и занаетот. Ho по една година, загубена во чиракување кај кукушкиот бакал Христо Басмаџиев, Гоце се запишува во Солунската гимназија, највисоката школска установа во тоа време во Македонија, ги завршува со одличен успех трите класа и со усвитеноста на своите деветнаесет години решава дека најдобро ќе им служи на својата земја и нејзиното ослободување од османлиската тиранија ако отиде во Военото училиште. Разочарувањето од изборот ќе настапи мошне брзо и не еднаш, стаписан од касарнската атмосфера на софиското воено училиште, ужаснат од тој свет што мисли по команда, чувствува по команда, дури и сонува за командирски чинови по команда, ќе се удира по главата и ќе ги повторува зборовите: „Зошто не останав во Солун, зошто не ја завршив гимназијата, зошто не станав учител“. Co стиснати заби, уште поповлечен во себеси и задлабочен во книгите набавени надвор од касарнските ѕидишта, тој стоички ќе га издржи трите години во ова училиште, цврсто решен никогаш да не ја облече офицерската униформа.


Co радост и душевно олеснување тој го прима соопштението дека е истеран од софиското воено училиште како социјалист. Подава молба да биде назначен за учител некаде во Македонија. Во октомври 1894 година тој е на пат за Штип, за да стане учител во штипско Ново Село, сега предградие на градот.

Положбата во Македонија во тоа време е мошне тешка — Абдулхамидовата тиранија тежи над цела Турција. Во тој мрак, во кој беа исфрлени од употреба зборовите „устав“, „кабинет“, „револуција“, беа забранети дури и такви придобивки на човештвото како што е телефонот (поштата од Цариград до Багдад патува 18 дена) и електричната струја се сметаше за анатемисана работа (Абдул Хамид дава согласност електрично осветление да се воведе дури во 1902 година и тоа само во три градови: Солун, Дамаск и Смирна), во тоа тешко и мачно време, кога не постои сигурност ни за голиот живот, македонската интелигенција станува свесна дека треба да го земе во свои раце делото за ослободување на својот народ.

Ни петте века робување под туѓинецот не беа во состојба да го уништат и избришат чувството на самобитност и самостојност. Националната преродба на македонскиот народ, започната во почетокот и средината на деветнаесеттиот век во деведесеттите години на истиот век беше во својот разгор. Низ цела Македонија, и тоа не само по градовите туку и по селата, постоеше широка мрежа од училишта кои се управуваат и издржуваат од месните црковно-училишни општини. И се дојде до парадоксот што само историјата на македонскиот народ го познава: во тој негов пат се испречи институцијата во чие создавање и тој даде придонес, надевајќи се дека, во знак на благодарност за дадената помош ќе се јави како заштитник и на неговите интереси — бугарската Егзархија. Под нејзин удар се најдоа црковно-училишниге општини, и како што пишува Јаворов во своите спомени за Гоце Делчев, „избувна познатата борба меѓу Егзархијата, зад која стоеше официјална Бугарија, и општините, зад кои стоеше целата маса народ. Егзархијата сакаше да ја концентрира во свои раце сета црковно-училишна власт, а општините ги опстојуваа своите права за мешање во народното црковно-училишно дело и борбата се водеше во сите правци, често со мошне крајни средства.“ Ѓорче Петров го оценува антиегзархиското движење како „прв чекор кон самодејност во земјата“. Тоа беше отпор и борба против мешањето во внатрешните работи, зашто токму во тоа време не беше тешко да се согледа дека Егзархијата беше орудие на бугарската буржоазија и спроводник на нејзината големобугарска политика во Македонија.

Ваквата ситуација уште повеќе ја засили и утврди свеста кај македонската интелигенција дека ослободувањето на народот треба да биде негово сопствено дело. Идејата за револуција беше веќе созреана и се поставуваше прашањето како и со што да се почне. И не е случајно што луѓето, кои дорастуваат до оваа идеја, се „истите луѓe што ја водеа борбата против Егзархијата“, како шго пишува Ѓорче Петров, и кои подоцна стануваат најистакнатите борци на идејата за автономија на Македонија и против секакво мешање однадвор, а во прв ред на Бугарија.

Фактот што во низа градови на Македонија сосема самостојно никнуваат револуционерни кружоци, сојузи и комитети без никаква врска еден со друг, покажува дека ситуацијата во Македонија е созреана борбата да се издигне на повисоко организирано ниво и од антиегзархиска да прерасне во национално-ослободителна.

Продолжува

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека

No comments: