Писмо од Драч на Павел Христов

1914, август, 13, Петроград

Писмо од македонскиот деец Павел Христов, објавено во „Македонски глас“, бр. 10 од 1914 г. во рубриката „Вести од татковината". Ја изразува вербата во Русија од која се очекува дека ќе ги исправи неправдите нанесени на Македонија од европската дипломатија по Илинденското востание и со донесувањето на Уставот на Османлиската држава во 1908 година.

ПИСМО ОД ДРАЧ

Автономијата и независноста на
Македонија ќе создадат цврст мир и
федерација на балканските држави

Многупочитуван сонародниче!

Нашата вековна борба со Турција за извојување автономија на Македонија своевремено го восхити целиот свет. Жртвите поднесени од Македонија во борбата за слобода се неброени... Секое село, град, полиња и планини, буквално секое катче од земјата, се оросени со крвта на самопрегорните македонски херои, кои сега почиваат незнајно каде во гробови без крстови. Меѓутоа, без оглед на нерамната борба со вековниот тиранин, ништо не можеше да ја смилостиви предавничката европска дипломатија - ни Илинденското востание од 1903 година, ни претворените во пепелишта села, ни затворите, ни робијата, затоа што таа се трудеше вешто да го исползува нашето прашање за своите лични интереси, добивајќи концесии, склучувајќи погодни трговски договори и други слични зделки. Единствено само Англија во 1907 година истапи со предлог за автономија на Македонија, но Германија успеа да ја убеди Турција, за да ја оневозможи автономијата, во 1908 година вештачки да создаде Устав кој подоцна се претвори во многу полоша тиранија отколку Абдул-Хамидовиот режим.

Општите усилби на сојузниците во 1912-1913 година ја скршија турската тиранија и за момент македонскиот роб за прв пат здивна со полни гради, помислувајќи дека веќе настапи саканиот ден на слободата, но настаните ни покажаа дека тој бил измамен, бидејќи по завршувањето на војната со Турција настапи делбата на Македонија, а веднаш потоа - меѓусебната војна, која одново ја пороби нашата татковина.

Но, Македонецот не ја губи надежта за менување на својата судбина кон подобро, тој негува вера во рускиот народ и се надева дека големата грешка сторена од дипломатијата ќе ја исправи големата братска Русија, која сега го довршува делото на словенското ослободување.

Драч.
П. Христов

Македонски глас, год. II, бр. 10,13 август 1914, стр. 23, (Фототипно издание, ИНИ, Скопје, 1968.)

2 comments:

Anonymous said...

Кога ке видим поне ЕДИН оригинален документ на таа интернет страна, а не само МАНУ факсимилета?!?!

Anonymous said...

Веројатно кога ќе си купиш очила за гледање :) За во меѓувреме еве ти неколку статии со скенови од оригинални документи:

Учеството на Македонците од САД во Втората светска војна
Фотографии од Американските архиви
Greek document from 1915 witnesses that the Macedonian language was undeniable fact to the Greeks!
Macedonians in USA 100 years ago
Прокламација на Македонското (Кресненско) востание
Официјални податоци од Американскиот попис во 1920 година
Официјални податоци од Американскиот попис во 1930 година
Macedonian "Yankee" in the I World War ...

Скенови на статии од стари весници има уште повеќе.