March 2, 2012

Македонски народни носии

ТИПОЛОГИЗАЦИЈА И КЛАСИФИКАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ НОСИИ

Ѓорѓи Здравев

Абстракт: Големата разновидност на македонските народни носии претставува особено сложен проблем за нивна типологизација и класификација. Сите тие покажуваат не само големи обласни туку и значителни пределски разлики. Наспроти тоа, како резултат на сложените културно-историски и етнички процеси во текот на низа векови, во нив се испреплетуваат многу заеднички елементи од општата балканска култура. Заедничко е што сите тие, или поголемиот дел од нив, имаат некои слични и исти облеки, но многу од нив се различни по кројот, колоритот и начинот на украсувањето.

Едни носии се јавуваат прилично издиференцирани, други претставуваат нивни варијанти, а во трети се мешаат облеки и облековни елементи од две или повеќе носии; има и такви во кои преовладуваат облеки карактеристични за други немакедонски етнички групи и етноси, како во Македонија, така и надвор од неа.

Со издиференцирано локално обележје се издвојуваат најмногу носиите во изолираните и затворени селски средини, како и во оние со особено изразена етничка жилавост и групна свест. Меѓутоа, кај носиите во кои паралелно со локалните се испреплетуваат облековни делови од соседните и подалечните пределски целини и области, важен удел имаат некогашните миграции, отвореноста и комуникациските врски со определен предел или област, како и влијанието на културата, односно начинот на облекувањето на владејачкиот етнос. Сето тоа не ја исклучува важноста на определени издиференцирани селски и градски занаетчии, трговијата и сите сфери на влијанија кои имале свој удел во формирањето на физиономијата на дадена носија.

Врз основа на досегашните истражувања, направената анализа, споредбите на многубројните облековни делови и украси, како и нивната распространетост на територијата на Република Македонија, македонските народни носии можат да се поделат
на два основни типа:

1. Западномакедонски тип
2. Источномакедонски тип

Оваа основна типологизација во голема мера се совпаѓа со направената поделба на Република Македонија на две етнографски области: западна етнографска област и источна етнографска област. Отстапување во овој поглед прават група носии од западномакедонскиот тип, кои, како што подолу ќе се види, ги третираме како западномакедонски поттип на носии.

Во рамките на двата основни типа, во понатамошната класификација, групите носии во етнографските целини ги сметаме како посебен вариетет. Со оглед на тоа што секој од овие вариетети има повеќе или помалку издиференцирани носии, секоја од нив ја третираме како посебна или преодна варијанта.

Западномакедонски тип

Кон овој тип припаѓа поголемиот дел од носиите на горновардарската, дебарскомијачката и брсјачката етнографска целина. Нивни основни карактеристки се:

• горни бели клашнени облеки, ретко црни или црвени, во најголем број случаи украсени со црни, црвени, срмени и друг вид гајтански апликации; некои украсени со срмен вез, со апликации со чоја, со волнени рески и др.;

• бели платнени кошули (од лен, коноп, памук), од типот на динарска кошула, богато украсени (особено женските) со специфична полихромна везбена декорација во геометриски дух и со специфични везачки техники; некои се везени и со бел вез;

• машки појаси, ткаени еднобојно, со прави шарки или каро комбинации, сите на црвена, темноцрвена или морова основа;

• женски појаси: плетени во вид на гајтан; ткаени во вид на долги тесни појавчиња, со едноставни прави шарки или богато орнаментирани; други се пошироки; дел од нив се богато украсени со рески;

• скутини ( женски) во различни димензии: орнаментирани од наједноставни прави шарки до совршени орнаментални целини; голем дел од нив се богато украсени со рески;

• специфични женски покривала за на глава, со богата везбена декорација и долги рески: црвени, црни, бели;

• капи: бели валанки, плитки капи со рамно или заоблено дно, фесови и др.;

• богат и масивен женски накит и многу други специфични форми на украсување и китење.

Кај овој тип носии доминантен е постар вид облековни елементи во кои се испреплетени траги и влијанија на повеќе култури, како словенската, старобалканската, византиската и турско-ориенталната.

Западномакедонски поттип

Овој поттип го прават група носии во делови од горновардарската и мијачкодебарската етнографска целина, и тоа, главно, женските носии во пределските целини: Горен Полог, Горна Река и Мавровско Поле. Основни карактеристики на овој поттип се:

• застапеноста на две скутини: опрегач преен и опрегач заен; предната украсена со везени вегетациско-флорални мотиви, а задната - црна или бела, надиплена и покуса од првата;

• кошулата од кенарлија платно, по крој нешто поинаква од динарскиот тип кошули; во однос на украсувањето прилично едноставна - без везбена орнаментална декорација;

• специфична облека навирачка, со богато везени синџирлии ракаи, со декорација единствена од ваков вид (Горен Полог);

• горните облеки од темноцрвена и бордо клашна или чоја (Горна Река и Мавровско Поле) или бела клашна (Горен Полог); со раскошна декорација од срмен терзиски вез; горни облеки кои по материјал и начин на украсување имаат изразно турскоориентално обележје;

• специфичното обување на нозете со калци, чулци и тозлуци, кои заедно прават едни ноги;

• најбогат и масивен женски накит и др.

Овие носии со своите типски карактеристики покажуваат поврзување со носиите во соседните северни предели и области надвор од територијата на Република Македонија, со некои носии на Косово и во Северна Албанија. Застапеноста на две скутини, предна и задна, на извесен начин ги доведува во врска со носиите на Македонците-муслимани во Река и нивните иселеници во Бабуна, Велешко. Евидентното турско обележје кај некои облеки е секако од понове време, дојдено со посредство на печалбарите од Турција.

Од друга страна, изобилството на вегетациско-флоралните мотиви во декорацијата на одделни облековни делови (скутини, чорапи и др.), укажува на влијанието пренесено од печалбарите од Војводина и Романија.

Источномакедонски тип

Во овој тип спаѓаат сите носии на средновардарската и шопско-македонската етнографска целина. Основните карактеристики се:

• горните облеки се со потемен колорит (од црн или во сура боја шајак); особено се карактеристични облеките од ригеста лита волнена ткаенина алаџа и антерија; украсувањето е во поскромен обем, главно од волнени гајтански апликации (ретко срмени), индустриски траки, ширити, тантели и др.;

• долните бели платнени облеки (од коноп, лен, памук) најчесто се од платно ткаено со кенери; некои женски кошули, кроени рамно отстапуваат од динарскиот тип кошули; во нивниот начин на украсување преовладуваат повеќебројните тантели во турско-ориентален дух; некои се украсени и со везбена декорација; по карактер, колорит и везачките техники во голема мера отстапуваат од геометрискиот дух карактеристичен за везената декорација кај кошулите од западномакедонскиот тип;

• важна карактеристика во летниот период е покривањето на главата (кај мажите) со бела крпа бришалка; секојдневно, а особено во празничните пригоди е карактеристично носењето на крпи бришалки заденети за појасот;

• машките појаси се со нагласена широчина, ткаени на црвената основа, со прави или каро шарки, озгора препашани со кожен ремен; женските ги има во неколку вида, од кои најкарактеристичен е појасот од една дипла, двојно или тројно предиплен, украсен со прави непречени шарки;

• за повеќе машки носии е карактеристична скутината, ткаена со прави хоризонтални шарки, женските се поразновидни, но во поглед на орнаменталната декорација прилично поскромни од скутините од западномакедонскиот тип; некои скутини се истакнуваат со совршени каро решенија;

• чорапите се карактеризираат со типична орнаментална декорација - колајлии чорапи;

• во накитот и китењето преовладуваат монистрените украси. Како и во претходниот, западномакедонскиот тип, и овде се испреплетуваат облековни елементи од старата балканска облековна култура, но во прв план избиваат, главно, оние од најново време - турско-ориенталните.

No comments: