Спомени за Димитар Влахов 3

Спомени за татко ми - Густав Влахов

ДИМИТАР ВЛАХОВ

По разговорите во Москва со Трилисер Радек и некои други кои подвлекуваа „дека Македонците можат да сметаат на помош од Советска Русија само ако работат заедно со комунистите, борејќи се против фашистичките влади“ (Од уште необјавените мемоари на Димитар Влахов, Том I Том I стр. 339) доаѓа до краток застој во преговорите.


Но, наскоро потоа доаѓа до нови контакти во Виена, каде што Влахов се преселува како претставник на македонското револуционерно движење. Се работи пред сè на тоа да се пронајде заедничка платформа меѓу различните струи и групации во македонското револуционерно движење. Односно беше потребно да дојде до спогодба меѓу тогашните членови на ЦК на ВМРО — Александров, Протогеров и Чаулев.

Чаулев веќе долго време беше во опозиција и неговите односи со Т. Александров и А. Протогеров беа прилично затегнати, а особено со последниот, со кого дури и не зборуваше. Како резултат на едно вакво настојување доаѓа до низа состаноци во Виена и во Рим, зашто Чаулев живееше во Албанија, а Александров и Протогеров во Бугарија.

Во март 1924 година во Рим се состануваат Т. Александров, П. Чаулев и Д. Влахов. Протогеров не присуствуваше, зашто Чаулев одби да се состане со него. Тука, навидум се постигна полна согласност. Т. Александров, а потоа и А. Протогеров ги прифатија принципите за самостојна револуционерна борба на македонскиот народ, подвлекувајќи ја потребата од обединување на македонскиот и балканскиот фронт — принципи што П. Чаулев уште одамна ги беше прифатил како свои. Овде беше решено Чаулев и Влахов да почнат да преговараат со македонската Федеративна партија чии претставници беа Т. Паница и д–р Атанасов, како и со претставниците на слични организации на Албанија, Хрватска, Црна Гора и другите балкански народи и држави. За време на преговорите најмногу тешкотии имаше со федералистите, но сепак се дојде до согласност и Чаулев и Влахов ја потпишаа заедничката декларација, која во Линц (Австрија) беше прифатена и од страна на ЦК на ВМРО. Референт на тој состанок беше Димитар Влахов.

Паралелно со ова Димитар Влахов водеше разговори и со претставникот на Советскиот Сојуз Черски чие вистинско име е Голдштејн.

Димитар Влахов во Виена имаше постојани врски и со претставниците на Комунистичката партија на Југославија Бошковиќ (Филип Филиповиќ), Коста Новаковиќ и Гуро Цвииќ, потоа со претставниците на ЦК на Комунистичката партија на Бугарија Г. Димитров и Наум Исаков и со низа албански прогресивни работници.

За време на разговорите со претставниците на Советскиот Сојуз како и со членовите на ЦК на ВМРО, на кои присуствуваше и Д. Влахов, кај него се искристализира мислата дека ќе биде неопходно пред македонскиот народ и македонската јавност ЦК да излезе со декларација, во која ќе биде речено дека македонското движење ќе се развива самостојно, по свој сопствен пат. Т. Александров го замоли Д. Влахов да состави проекти на таа декларација, што е и направено. Т. Александров го разгледа проектот заедно со своите интимни соработници и откако беа извршени коренити измени, декларацијата беше објавена. Објавената декларација немаше ништо заедничко со предложениот оригинал и во јавноста мина речиси незабележано.

На состанокот во Линц П. Чаулев и Д. Влахов настојуваа да ги убедат сите тројца членови на ЦК на ВМРО да ја потпишат декларацијата, што е сторено на 29 април 1924 година, а соодветниот протокол беше потпишан на 30 април 1924 година.

Основни принципи на овие документи беа следниве:
— ВМРО се бори за обединување на распарчената Македонија во самостојна политичка целост, во рамките на нејзините природни етнографски и географски граници;
— политичкото постоење на Македонија може да биде гарантирано единствено во рамките на Балканската федерација;
— Во борбата за ослободување на Македонија и за создавање Балканска фсдерација ВМРО, пред сè, смета на обединетите сили на целокупниот македонски народ во соработка со револуционерните движења на другите балкански народи и дека реализацијата на овие задачи зависи, исто така, и од општата меѓународна ситуадија.
ВМРО најрешително ќе ја зајакне својата борба како против српската и грчката, така и против бугарската влада кои се орудие или на своите или на туѓите империјалистички аспирации кон Македонија. Во тој правец ВМРО ќе ја прекине секоја врска со тие влади и ќе води борба против нивната политика;
— ценејќи го огромното значење на единствениот револуционерен фронт на Балканот во борбата со балканските и европските империјалисти, ВМРО искрено ќе придонесе за остварување колку што е можно побргу, на тој единствен револуционерен фронт, ќе стапи во најтесен контакт и ќе ја координира својата борба со борбата на другите револуционерни движења на балканските земји, што ја прифаќаат борбата за вистинско самоопределување на своите народи, за ослободување и обединување на Македокија во самостојна политичка целина, за стапување во рамноправеи сојуз во рамките на Балканската федерација;
— ВМРО смета дека за создавање единствен балкански револуционерен фронт од суштествено значење е групирањето на сите револуционери на македонското движење во единствен македонски револуционерен фронт, и т.н.

Бидејќи, нити декларацијата, нити протоколот не беа наменети за јавноста. Т. Александров, Протогеров и Чаулев решија да излезат пред македонскиот народ со Манифест кој ќе ги содржи основните принципи на декларацијата и протоколот. А. Протогеров самиот се нафати да го подготви предлогот на Манифестот. Но тоа не му тргна од рака. Протогеров всушност беше стар врховист така што Д. Влахов беше задолжен да го направи и ова. Новиот проект беше прочитан пред членовите на ЦК и пред претставниците на балканскиот револуционерен центар. Самиот Т. Александров значително ги заостри деловите што беа управени против бугарската влада, веројатно за да му се додвори на претставникот на револуционерниот центар. На 6 мај 1924 година, Манифестот беше дефинитивно редигиран и потпишан од страна на Протогеров и Чаулев, и тие двајца, со полномошно, се потпишаа и за Т. Александров кој веќе беше отпатувал за Софија.

Но откако се вратија во Софија, под притисок на своите едномисленици, верни слуги на бугарскиот дворец, како и под притисок на владата на Цанков, Александров и Протогеров со разни махинации, застрашувања и интриги се обидоа да го запрат објавувањето на Манифестот, односно да го одвојат Чаулев (П. Чаулев го убија луѓето на Т. Александров и Протогеров во Милано, а Тодор Паница, Менче Карничиу, подоцна жена на Иван Михајлов, во Виена, во мај 1925) прикажувајќи го Димитар Влахов како човек кој работи во корист на Советскиот Сојуз, правејќи притоа разни други махинации.

Продолжува

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

Обработка Дукадин и А.С.

No comments: