Се сеќава ли некој на Захарија Шумљанска?

Се сеќава ли некој на Захарија Шумљанска?

Битолската Мајка Тереза тоне во заборав



Во Македонија денес нема ниту едно спомен-обележје за големата хуманитарка Захарија Шумљанска од Битола, жената која по Илинденското востание отвори Дом за сираци во својот град, за време на Балканските војни болница во Солун каде ги лечела македонските борци, а пред смртта и сиропиталиште во Софија за македонските емигранти!

Малкумина битолчани, но и Македонци воопшто, знаат дека Градот на конзулите и нашата држава имале своја изворна Мајка Тереза. Нашата хуманитарка народот ја нарекувал Мајка Шумљанска, а нејзините хумани дела историчарите ги споредуваат со оние на големите светски добротвори.

Вистинското име и било Захарија Василева-Шумљанска, која живеела во периодот од 1864 до 1937 година. Таа била основач на Домот за сираци во Битола, кој бил изграден веднаш по Илинденското востание, каде покрив над главата и корка леб нашле многу деца што за време на револуционерните борби останале без своите родители. Меѓу нив имало деца на починати македонски војводи и комити, како и трите сирачиња на крушевецот Питу Гули. Подоцна, за време на Балканските војни, Захарија основала болница во Солун каде поткрепа и нега нашле десетици македонски борци, а основала и Дом за сираци во Софија за илјадната емиграција од Македонија.

Таа била многу наклонета кон македонската револуционерна организација, па на македонските дејци им помагала и додека биле во затворите, носејќи им храна и облека. Поради ваквата дејност, Шумљанска била интернирана дури во Африка, одделена од семејството, но не се откажала од својата мисија да го помага македонското население.

Образувана како ретко која Македонка

Битолскиот историчар Никола Миновски, кој со години ја истражува животната приказна на Захарија Шумљанска, вели дека и покрај вака големата хуманистичка дејност, денес во нејзиниот град Битола не постои никакво спомен-обележје за македонската народна мајка. И додека кај нас е заборавена, пред две години, бугарско здружение ги открило нејзините записи што по игра на случајот биле чувани во Индијана, САД.

- За голема битолска и македонска жал, кон овој македонски месија и добротвор, а воедно и голема страдалничка - направена е чудна неправда и фрлена е во длабок заборав од целокупната македонска историографија. Десетина години се обидувам да го афирмирам нејзиното дело, но никаков интерес досега не се побудил, никој не се потрудил нешто да направи за спомен на оваа жена. Битола нема позаслужна фигура во историјата и време е битолчани да покренат иницијатива да се одбележи достојно нејзината големина зашто таа може да се нарече дека е наш народен месија - ни изјави историчарот Миновски, кој има намера животната приказна за добродетелката да му ја раскаже на битолскиот градоначалник Владимир Талески, со надеж дека како човек кој се грижи да не се загубат традиционалните вредности на градот, тој ќе изнајде начин името на хуманистката да не биде заборавено.

Инаку, според истражувањата на Миновски, долго време се мислело дека Мајка Шумљанска била родена во битолското село Могила, но во своите ракописи таа напишала дека роден град ~ е Битола. Уште додека била мала, блиските го забележале нејзиниот интелект и ја запишале на училиште, иако во тоа време малкумина девојки се образувале. Таа се покажала како најсилна меѓу своите соученици во битолското училиште, па, по препорака на учителскиот совет и општинското управно тело, на неа и била доделена стипендија за завршување на Гимназија во Пловдив. Захарија и таму образованието го завршила со одличен успех, па се вратила да учителствува во родната земја. Таа работела вкупно 14 години како учителка во Скопје, Одрин и Солун.

Мајка Шумљанска ги згрижила сираците по Илинден

Во меѓувреме, Шумљанска се омажила за полскиот емигрант Јулијан Шумљански, наставник по природни науки во Солун, Серез и Битола. Тој бил познат како одличен препаратор, а учителскиот позив го работел со голема преданост, па гиманзиите во Македонија ги снабдувал со преубави збирки од флора и фауна, давајќи голем допринос за издигнување на практичната настава на повисоко ниво во училиштата. Освен ова, тој важел и за близок човек до Македонската револуционерна организација!

Захарија Шумљанска ја имала судбината да живее во еден од најсветлите, но и најтешки периоди од македонската историја - Илинденското востание и годините по него. Познато е дека во востанието загинале голем број востаници и друго население, а бројни села биле изгорени, опустошени, ограбени и дел од населението се прибрало по градовите. Во Битола се нашле голем број на страдалници, сираци, бездомници, што голи, боси и гладни шетале наоколу. Тогашниот владика Григориј ја повикал Захарија и ~ рекол да направи нешто за сираците, а за таа намена и дал на располагање помошни објекти што се наоѓале во дворот на црквата „Света Богородица“ во Битола. Таму, во прво време, таа отворила бесплатна народна кујна за бедните деца од градот, што потоа прераснало во Дом за сираци.

- Тоа се расчу и пристигнале деца од сите страни на Македонија. Охридскиот војвода Петре Чаулев донел од Охридско осум сираци, а од Костурско, војводата Христо Цветков - девет сираци. Од Крушево, пак, ги донеле трите деца на војводата Питу Гули и уште пет други. Сирачиња стигнувале и од Прилепско, Кичевско, Леринско - раскажува историчарот Миновски.

Ваквата активност била голем подвиг за една жена и барало голема смелост зашто по востанието турската власт била многу претпазлива и понетолерантна. Во своите белешки, самата Захарија забележала: „Имав силна желба да работам за ублажување на горчливата судбина на тие бедни сираци, но стравував дека ќе наидам на големи пречки од страна на турската власт и дека населението, кое е во лоша состојба, нема да ни притекне на помош. Но, друг избор немав, кога ќе помислев на тие несреќни деца, се чувствував морално одговорна и задолжена повеќе од секоја друга битолчанка“.

Бројот на гладни усти растел, а недостигале средства сите да се прехранат и згрижат. Според истражувањата на Миновски, првата помош пристигнала од еден од највидните битолчани - Николаки Робев, познат трговец и активен културен деец во борбата за употреба на македонскиот јазик во училиштата. А, доброволни прилози давале и битолските еснафи фурнаџии, касапи, рибари, а кондураџиите и шивачите правеле облека по пониски цени за децата. Докторот Ангелаки Робев ги лекувал сирачињата бесплатно, а лекарствата аптекарите им ги давале по пониски цени. Битолскиот Евреин, Рафаел Камхи, близок соработник на Ѓорче Петров и Даме Груев, подарил платна, штофови и ќебиња во вредност од десет илјади лева. Во помошта биле вклучени и посиромашни битолчани што им шиеле и ги крпеле и переле алиштата на децата.

Иако во тие несигурни времиња било голем ризик жените да патуваат сами, Захарија Шумљанска, во придружба на извесна битолчанка Ракарова, тргнала во Охрид, Прилеп и Крушево по помош. Во Прилеп дури било свикано и општинско собрание на градските првенци кои им дале девет наполеони на хуманитарките, а браќата Бомболови - два големи топа шајак. Но, најголем впечаток на Захарија и оставила посетата во Крушево.

- Никогаш нема да го заборавам гостопримството на крушевчани. Просто просолзивме од нежност кога ги видовме жените како вадеа од сандаците кошули, чорапи, платна, прекривки, веленца, фанели и ни ги подарија за нашите сираци. Собравме две големи бали и 11 наполеони. Бевме среќни бидејќи стравот и маките ни беа наградени, облеката и обувките за децата ни беа осигурани за зима - запишала мисионерката.

Страдалничка за своето дело

Зачувани се податоци дека во 1910 година, во битолското сиропиталиште престојувале 110 сираци. За жал, ваквата хуманитарна активност била прекратена со интернација на семејството Шумљански во Солун. Се смета дека Гркомани од Битола, до турската власт доставиле податоци дека сопругот на Захарија имал врски и ја помагал Револуционерната организација. Не помогнала ниту интервенцијата на рускиот конзул Петраев, па семејството Шумљански било депортирано во Солун. Збогувањето на железничката станица во Битола било многу жално, на него присуствувале многу народ и деца, кои на разделбата гласно плачеле по својата заштитничка. Домот за сираци, по заминувањето на Захарија опстојувал уште кусо време и потоа бил уништен за време на Балканските војни во 1912-1913 година.

Сепак, Мајка Шумљанска од своите добротворни активности не се откажала ниту во Солун. Таа таму отворила болница за болни и ранети борци, а целосна поткрепа и заштита добиле и голем број на македонски борци што биле на фронтот за време на Балканските војни.

Според истражувањето на историчарот Миновски, поради ваквата сенародна дејност и блискоста со македонските револуционери, семејството Шумљански, со доаѓањето на грчките воени и цивилни власти во почетокот на Првата светска војна, повторно било на удар. Тие најпрво биле ставени во домашен притвор и изложени на чести претреси, испитувања и разни тортури. Наскоро потоа, сопружниците биле испратени во заточеништво во Мехади и Рас Селтин во Северна Африка. Големата хуманитарка многу тешко го поминала патувањето и малку недостигало да замрзне на бродот. Во Африка, сопружниците Шумљански, одвоени еден од друг минале две и пол години заточенички живот, а најстрашно било тоа што не знаеле што се случува со нивните две малолетни деца!

Миновски раскажува дека откако била формирана независната држава Полска, бидејќи сопругот и бил Полјак, било ургирано и парот бил ослободен од заточеништво. Последните години од животот тие ги минале во Софија, каде прв починал Јулијан, а Захарија и во тие тешки мигови болката ја лечела повторно со хуманитарна работа. По Првата светска војна, илјадници македонски бегалци се нашле во Бугарија. Тогаш оваа добротворка, иако физички не толку моќна, со непоправлива желба да се помогне, формирала Дом за сираци во главниот град на Бугарија, кој го носел името „Битола“. Во него биле згрижени 120 сирачиња.

За среќа, Захарија доживеала пред смртта, народот да ~ оддаде почит. Неколку месеци пред да згасне нејзиниот живот, во салонот „Алианс франсез“ во Софија се одржала јубилејна прослава по повод 50-годишнината од хуманитарната активност на битолската мисионерка. Салонот бил претесен да ги собере почитувачите на нејзиното дело.

- Мајка Шумљанска починала на 73-годишна возраст во Софија. Со својата извонредна хуманистичка дејност и постигнати резултати, таа несомнено многу ги задолжила битолчани и македонскиот народ. Исполнила голем патриотски долг, па може да се претстави како македонски народен месија на кого треба да му се укажи доследна почит - вели за крај историчарот Миновски.

Жанета Здравковска (Дневник)

Признание од револуционерите

Големата хуманитарка од Битола, Захарија Шумљанска, се споменува и во записите што ги оставил револуционерниот деец Лазар Димитров (1869-1945 година). Тој ја сретнал Захарија уште додека таа учителствувала во Одринско. Димитров за неа запишал:

- Голема поткрепа ни дава учителот Шумљански, Полјак, австриски државјанин и госпоѓата LinkШумљанска од Битола. Во нивната куќа прием и мајчинска грижа наоѓаа сите револуционерни дејци одејќи на пат за Одрин или на друго место!

1 comment:

Anonymous said...

За информација, која е проверена, истата, без да и се става во сенка нејзината работа, е родена во село Могила.