April 29, 2011

Генадиј Георгиев - статија

Статија напишана од рускиот славист Генадиј Георгиев, објавена во весник "Македонски Глас", 1914 година, Санкт Петерсбург:

Кои се Македонците?

Запознавајќи се со историјата на населувањето на народите на Балканскиот Полуостров, мора да се дојде до следниот заклучок по однос потеклото на Македонците.
Тесалиско- полепонеските македонски, тракиски и мизиски Словени дошле воопшто од североисток и поточно од Карпатските планини (племето Карпи — жители на карпите) а Србо-Хрватите и Словенците од север, откај сегашните Прусија, Лузитанија и Полска. На тој начин, првата група балкански Словени им е сродна на источните Словени (на руските), а втората — на западните.

Co текот на времето, и особено во периодот на големата преселба на народите и на крстоносните походи станало ова:

Тесалиско-пелопонеските Словени се слеале со Грците и делумично со Епирците и Латините и ја образувале ново-елинската или грчката нација, во Мизија и Тракија во разни времиња се населиле и слеале со месните Словени разни источни турско-татарски мали народи, кои ја образувале словено-бугарската нација; во областа, заземена од Србо-Хрватите и Словенците, престојувале и делумно се населиле и слеале со последниве некои келтски и тевтонски племиња, т.е. внеле во словенската крв извесна доза на келтска и тевтонска крв; Македонските Словени пак, опкружени, речиси, од сите страни од високи планини и од морето, останале, некако, надвор од пределите на големата преселба на народите и единствено само Куманите ги пречекориле овие планини и заседнале во североисточниот агол на Македонија, и со текот на времето се слеале со македонските Словени, оставајќи спомен за себе во основаниот од нив град Куманово.

На тој начин, македонските Словени, според типот и јазикот, се почисто словенско племе, отколку Бугарите и Србо-Хрватите и Словенците, како што се Големорусите по однос на Малорусите и Полјаците како што во крвта и јазикот на Малорусите и Бугарите има многу нешто турско- татарско, така и во крвта и јазикот на Полјаците, Србо-Хрватите и Словенците има многу нешто западно. Додека кај Големорусите има само безначајна примеса на финска и друга крв, кај македонските Словени има само безначајна примеса на куманска и можеби трачко-епирско-илирска (куцовлашка и албанска) крв, а исто така и некои посебни јазични особености. Може да се каже дека, според типот, (крвта) јазикот, дури и карактерот, според географската положба, која го разделува северното од јужното словенство, и инородниот (германско-унгарско-романски) клин, македонските Словени се јавуваат како јужни Големоруси (се разбира, не во количински однос), Бугарите — како јужни Малоруси, а Србо-Хрватите и Словенците — како јужни Полјаци и Лужички Срби.

Според тоа, македонските Словени не се Срби и не се Бугари, туку просто Македонци, a се сродни и на едните и на другите, пришто се поблиски , по сродство и по јазик до Бугарите, отколку до Србите. Врз основа на тоа може да се дојде до ваков заклучок: независната и слободна од татарското и друго иго Големорусија послужи како црвста основа за постепеното обединување на, речиси, целото североисточно словеноруско племе, и нека бог даде, да послужи за иста таква основа на натамошното обединување на сето северно словенство. Независна и слободна Македонија пак единствено, може да послужи како цврста основа врз која ќе биде изградена величествената постројка на националното обединување на македонското, бугарското и српското племе, а следствено, и на сето јужно словенство, како неопходен чекор кон идното негово обединување со северното словенство ...

"Кои имаат уши да чујат — нека чујат", а Словените, движени од чувството, не на ситен шовинизам, туку на словенското братство и единство врз основа на почитувањето на индивидуалните особености на секоја одделна словенска нација, не можат а да не се придружат кон нашиот извик:

"Да живее независна и слободна Македонија!"

Г. Георгиев

No comments: