Тешкото - Блаже Конески

ТЕШКОТО

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
Штом тапан ќе грмне со подземен екот —
Во градиве зошто навирува река
И зошто ми иде да плачам ко дете,
Да превијам раце, да прекријам лик —
Та гризам јас усни, стегам срце клето,
Да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
На чело им мисла, во очи им влага
И првиот чекор по меката трева
Е мирен и бавен, со здржана тага.
Но ’рзнува тапан и писок се крева
И молнија светнува во секој глед,
И напред се пушта, се стрелка, се слева
Стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум,
Не издржа срце — сив сокол во клетка,
Не издржа пламен жив потулен в око,
Не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
И чигиш — се корне стресениот век,
И околу трпнат ридиштата темни
И враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
Со исконска сила за земјава наша
И во него шуми на реките зборот,
И во него рика див ветер и страшен
И во него шепнат узреани житја
И вечерен мирис се разлева тих,
И земјата дише во пролетна ситост
Со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
Во тешково оро се уткала сета —
Век по век щто трупал си попуст и мрачен
Од крвава болка, од робија клета,
Век по век што нижел од корава мисла
За радосна челад, за слободен свет,
Од песна — за љубов што гине со пискот
Ко жерав во лет.

Блаже Конески

No comments: