Писмо од саможртва за Македонија

Предсмртно писмо од саможртва за Македониja

На 30.IV.1903 год., Ордан поп Орданов – Орце, еден од “Гемиџиите” и организаторите на Солунските атентати и “самооткажаните за Македонија”, се самоубива во Солун, не сакајќи жив да падне во рацете на Турците.

Со своите соборци тајно копаа канали под Солун и ги кренаа покрај турските и европските институции (банки, представништва и сл., железници, бродови, ресторани и др. ) во воздух, лути заради европската лицемерна политика кон македонскиот народ.


Бродот Гвадилхавир, една од метите на Гемиџиите

Додека со часови татне Османлиската империја до доцна ноќта, од бомбите на храбрите синови од македонскиот народ, Орце поп Орданов приклешетен од потерите води борба но и го пишува последно писмо до втората љубов по Македонија, неговата Кате.

“Сакана единствена Кате,

Кога ќе го читаш моето последно писмо, мене веќе нема да ме има, јас ќе бидам труп или веќе фрлен во некоја дупка како претепано куче. Но во мигов кога пред мојата смрт ми останува да живеам уште еден час или два, додека ја фрлам и последната бомба и да го тргнам чкрапецот на мојот нагант, мислам на тебе, писмото нека ти докаже колку многу те сакам.

Од првиот пат кога те видов, те засакав. Ти ми беше единствената радост, но чувствував дека немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото кое беше цел и смисла на мојот живот. Да работам и умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана ценета Македонија.

Те сакав со сите пори на моето тело, чувствував потреба да те гледам, да го слушам твојот глас како звукот на цитрата. И сепак те одбегнував зашто ме плашеа честите средби со тебе, ми ја ослабуваа вољата, ми ја смекнуваа десницата зашто ти ми беше единствената врска со животот.

А не требаше ништо да ме врзува со него. Понекогаш бев груб, дури и суров со тебе. Прости ми за грубоста и суровоста. Зад нив ја криев безграничната љубов, а срцето ми крвареше. Верувам ќе ми простиш, ти си добра а јас сега жалам што не бев подобар, повнимателен и понежен кон тебе. Сигурно ќе прашаш : Неопходно ли е да умрам ?

За мене нема друг излез. Го поддржувава пред моите другари ставот: Тој што не ги штеди животите на други, нема право да го штеди ни сопствениот живот.

Знаев дека нашата акција ќе им причини смрт на многу невини луѓе, ќе донесе многу солзи и страдања. Зар по сето што ќе го стореме, ќе имам право да живеам ? Мислам ќе биде ниско и подло.

Да умрам, за мене е врховна повелба на мојата совест. И мојата девиза беше: Не зборови а дела, а крајот е тој што го краси делото.

Има и едно последно сообразување, не сакам да му причинам задоволство на непријателот да се гаври со мене, да си подигрува. Зошто ми е животот лишен од слобода, да тлее во некоја темна ќелија на Еди Куле или да се стопи под жешкото сонце на Сахара ?

Не, претпочитувам да умрам!

Со мојата смрт ќе им го фрлам на непријателите поробувачите на мојата таковина, мојот безграничен презир. Како што живеев, така сакам и да умрам скромно и чесно до крај верен на себеси, сакав да бидам и останам и една целосна личност.

Треба да завршам. Времето не чека. Многу нешта навираат во мојата душа. Но, ќе ги чуеш. Така е подобро. Срцето ти претскажа што би сакал да ти пишам во овој последен час. Ќе мине време, раната ќе ти зарасне. Животот е посилен од се.

Ти пожелувам, не, те молам да си најдеш друг маж, достоен за твојата љубов и нему дај му го своето срце и својата љубов. Дај му ги оние радости што ги чуваше и ги намени за мене. Ти пожелувам да бидеш среќна.

Понекогаш во вечерните часови, кога спомените довеани од вечерните сенки ќе навлезат во твојата душа, спомни си за мене и ќе ти благодарам за тоа.

Те прегрнува и те бакнува првиот и последен од Гемиџиите, од самооткажаните!

Твојот Орце “

Безгранична е љубовта кон македонскиот народ и татковината Македонија, на спомен плочата од Гемиџиите стојат четирите едноставни но силни зборови кои беа нивно гесло “Се арчиме за Македонија“.

„Гемиџиите - самоотакажаните“ жртви од 1903 година за слободата на македонскиот народ

Ова е и чисто но и злокобно силно, зашто арчењето е сфатено и извршено во буквална смисла – арчење на своите човечки животи за слободата на татковината. Во однос на нејзе, човечкиот живот е обична минорност. Со ваквите чинови на докажана љубов кон неа се градеше македонизмот низ времињата и условијата, такви какви што беа.

Превземено од Македониум

No comments: