Александар Велики - раѓање

Раѓањето на Александар

Александар III Македонски е роден на дваесетиот ден од месецот јули или според тогашниот календар на шестиот ден од месецот хекатом беом, што Македонците го викале лоос.

Истиот тој ден, во Ефес, лудак го запалил Артемидиниот храм. Не случајно историчарот Хегесиј рекол дека храмот морал да изгори затоа што Артемида не била таму бидејки бабувала на Александровото раѓање. Подоцна по наредба на Александар храмот повторно бил изграден, и тоа толку убаво поради што бил вброен во едно од седумте светски чуда на античкиот свет.

Маговите, кои тој ден биле во Ефес, пророкувале нова несреќа на Азија, велејќи дека тој ден родил проклетство и голема несреќа. Нивното пророштво подоцна навистина се остварило со тоа што Александар покорил голем дел од Азија и станал нивен владетел.
На Филип, кој што во тоа време ја освоил Потидеја, коринтска населба на полуостровот Халкидики, му пристигнале три вести. Првата вест била дека неговиот војсководач Парменион ги победил Илирите во крвава битка; Втората дека неговиот коњ победил на трката што се одржала во Олимпија; А третата дека му се родил син, Александар. На Филип сите овие вести му причинувале задоволство и голема среќа, а со тоа што гаталците му пророкувале дека штом Александар се родил со три победи тој ќе биде непобедлив, тој особено се радувал.


No comments: