„Билјана платно белеше ...“
Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол -
лицето и се измени,
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.
Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни - жолти отрови,
за гради - китки розови.
Прва година помина,
грутка в срцето и легна:
втора година намина,
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
И ноќе кога месечко
гроб и со свила виеше,
ветерчок тихо над неа
жална и тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна ...“
Кочо Рацин
No comments:
Post a Comment